Јоаким () — скопски митрополит во периодот од 1843 до 1868 година.

Животопис За време на овој скопски митрополит била изградена црквата „Свети Спас“ во село Драчево, а било изградено и ново училиште при соборната црква „Пресвета Богородица“. Училиштето располагало со библиотека со околу 500 книги донација од скопјанецот Костадин Икономов. Овој скопски митрополит ќе остане запомнет и по тоа што во 1858 година, лично богослужел на празникот во спомен на светите браќа Кирил и Методиј (24 мај). Претходно ова не го направил ниту еден висок клирик на Константинополската патријаршија во Скопската епархија.

Покрај овие позитивни работи кои се случиле во време на владичествувањето на Јоаким, во практика неговиот престој во Скопје се поклопува со кулминацијата на македонскиот црковно-преродбенски процес во Скопската епархија. Ова особено се манифестира во последното десетлетие од неговото владичествување во Скопје. Имено, во овој период населението ултимативно барало воведување на црковнословенскиот јазик во богослуженијата, а на народниот јазик во училиштата. Митрополитот Јоаким иако се чини дека се обидувал да ги исполни барањата на наслението, сепак во практика, како клирик на Константинополската патријаршија морал да ги брани и нејзините интереси: на сета територија под нејзина јурисдикација да се говори и богослужи на грчки јазик и да се наметнува грчката култура. Како манифестација на ова е и бркањето на Јордан Хаџи Константинов-Џинот (1857) од Скопје. Во 1860 година митрополитот Јоаким наредил да се отстрани сета литература која не е на грчки јазик од црквите и училиштата. По ова, населението одлучило да не му дава владичнина (1860), а наредната година, на 16 март 1861 година тоа ги заменило грчките со словенски книги и се заканило дека ќе стапи во унија со Римокатоличката црква доколку митрополитот не престане со спроведувањето на константинополската политика. Во 1862 било свикано и општонародно собрание на Скопската епархија на кое се разгледувала работата на митрополитот и на истото било одлучено владичнината да изнесува 120.000 гроша.

Митрополитот Јоаким починал во Скопје на 25 февруари 1868 година и бил погребан во дворот на соборниот храм „Пресвета Богородица“ во Скопје.

Литература

Надворешни врски

Категорија:Скопски митрополити