„Човек“ — поетска збирка од македонскиот поет Јовица Ивановски. Книгата е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ во 2019 година. Објавена е во истата година, во Скопје, како самостојно издание на авторот.

Осврт кон делото Во освртот на Владимир Мартиновски се вели дека во поетската збирка „Човек“ е претставена слоевитоста на човекот како мера за сè. Се работи за поетски портрет на човекот, но и за автопортрет на поетот. Поетската homo mensura во оваа книга нè води низ паноптикум од 15 битни аспекти на човекот кои се преплетуваат во неразделно единство. На тоа упатува метафората на килимот од песната со која се отвора стихозбирката „Човек“. Во оваа песна-врата, човекот се споредува со килим од гени. Уште во древна Индија се сметало дека секој човек е сочинет од три нишки (сатва, раџа и тама, симболизирани низ трите бои: белата, црвената и црната), кои можат да прават безброј комбинации, а во поетската визија на Јовица Ивановски секој човек е еден вид комплексен текст, ткаеж, килим, јамболлија, черга. Вредноста на книгата „Човек“ се навестува во оваа раскошна, длабоко симболична поетска визија, во која се отсликува поетската свест за драгоценоста, уникатноста и неповторливоста на секој човечки живот, но и свеста за постоењето на законитости кои ги тангираат сите луѓе и оние современите и оние некогашите, а и идните. Па затоа, соочен со неизбежноста на наследството, во оваа едноставна, но и длабока песна (каква што е поезијата од целата книга), поетот вели дека секој човек се соочува со наследство од кое не можеш да се откажеш.

Поетската авантура на Јовица Ивановски не е нималку лесна: низ песни кои течат и се читаат лесно да се промисли и сопствениот, но и животот на човекот воопшто. Ова не се претенциозни и учени философски или научни трактати, ами топли и човечни, подеднакво едноставни и сложени, но секогаш искрени обиди да се споделат вредни уметнички сознанија за човекот. Ивановски е поет кој не сака да чекори по разгазен снег и по предвидливи патеки. Во неговите песни зад секој агол се појавува ново изненадување и нов парадокс. Дури и кога некој стих или некои стихови ни заличуваат на инстант мудрост спакувана во поговорка, поетот умее да ни покаже сосема неочекуван, нов и свеж аспект. Уште од првата поетска книга па сè до денес, поезијата на Јовица Ивановски е тесно поврзана со урбаното, со ритамот и здивот на улицата и градот, па неслучајно во неговата визура човекот е неразделен од улицата. Песните под отворено небо во оваа книга ги тематизираат и промените во градскиот пејзаж со промената на годишните доба и постепеното исчезнување на флората од градот и непроменливоста на скопската иконографија по прашањето на загадениот воздух, но и промените на навиките на градските жители. Поезијата овозможува за себе да се говори како за некој друг, а кога се говори за другите да се алудира и на себе си. Ивановски вешто и неусилено ја ползува оваа можност на поетски преобразби. Па така, во песните од циклусот „Другиот”, небаре говори за некој друг, вели: Не се плаши од министерот за култура, туку од некултура.

Ивановски е буден и луциден набљудувач на стварноста, поет кој знае и умее да биде брутално искрен и отворен со себе и со другите, поет кој со рокенрол бунтовност ги одбива конформизмот, лажниот сјај и помодниот опортунизам кои доминираат во денешното време. Тие одлики на неговата поезија струјат низ сите негови книги, не прифаќајќи ги пропагандните демагогии, не прифаќајќи ни розови очила, ни подбутнување на ужасите под тепих, ни хипокризија, но ни молчење пред цунамито од лажни вредности. Поезијата на Јовица Ивановски напати е отворено бунтовна и ангажирана, напати (само)иронична и саркастична, напати шокантна и ласцивна, но секогаш искрена и човечна. Поетот се осмелува да ги каже дијагнозите за болестите на нашево време, дијагнози кои сите ги знаеме, ама ретко кој се осмелува да ги шепне или да ги напише, на пример, комбинацијата на апатија и воајеризам во која тоне денешниот свет: „Никого ништо не го интересира, а секој / знае сè за секого (…) На човештвото отсекогаш на прво место / му бил човекот, / а истовремено и на последно.“

„Човек“, од Јовица Ивановски, ни ја нуди поезијата како „мера” на човекот.

Технички одлики Поетската збирка „Човек“, со обем од 96 страници и со димензии од 21 сантиметар, каталогизирана е во библиографско-каталошката база на податоци COBIB.MK и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-245-401-6. Издадена е во 2019 година во Скопје, како самостојно издание на Ивановски.

Наводи

Поврзано Јовица Ивановски Награда „Браќа Миладиновци“ Македонска книжевност

Надворешни врски Јовица Ивановски за стихозбирката „Човек“ ја доби „Браќа Миладиновци“ на СВП Промоција на „Човек“ од Јовица Ивановски ::6:: Човек :: од Јовица Ивановски Поетска книга „Човек“

Категорија:Македонска поезија Категорија:Дела на Јовица Ивановски Категорија:Книги од 2019 година Категорија:Македонски дела од 2019 година Категорија:Појавено во 2019 година во Македонија