Речник од три језика — речник на македонски, албански и турски јазик што го напишал Ѓорѓија Пулевски, бил печатен во Државната печатница во Белград и издаден во 1875 година. Преводите на албански народен говор и на турски народен говор се дадени со кириличен превод, па ова е една од ретките книги со кирилично претставување на албанскиот и турскиот јазик.

Опис Во тријазичникот, Пулевски почнува со предговор (разговор) за делото, ја изложува потребата од знаење на странски јазик како и придонесот што оваа книга за тоа како и за подобрување на мајчиниот јазик. Продолжува со прашања и одговори на прашањата што ги поставува од областа на верата, политички прашања и прашања од речиси сите области на општествениот живот во Македонија.

Значење Ова дело е особено значајно поради јасната концепција и отворено изнесената идеја за татковината Македонија, за македонскиот народ и македонскиот јазик како посебни во словенскиот свет. Во овој речник Пулевски првпат ја изложува македонската национална идеологија, декларирајќи дека „и Македонциве се народ и местото нивно е Македоија“, дека „Нашето отечество се велит Македонија и мие се именуваме с.[лавјано]Македонци и дека „македонскиот јазик е најсроден со црковнославјанските книги и тој е старославјански.“

Содржина На крајот на книгата е дадена содржина, односно како што стои во самата книга „Где шта стоји“. Така Пулевски ја поделил содржината на 19 поглавја: Почетак За чуства За веков За три царства јестествени За руди кои влегајед наимногу в-работа За растенији земни За животиње Народна сказанија и опис Македонију За пет делови од земјава. За тјела небесни За тјела од звездине времињја како се дељад Годишњи содржан Воздухшни јављенији Толковање разговори који се неједнакви Писменица или за писма Букварка или глас од букви Реченица Таини мијачки јазик

По содржината дадени се исправки на печатните грешки на трите јазика.

Претплатници Од страна 163 со име и презиме, занимање и дополнителни податоци набројани се претплатниците (изворно - предуписници) на книгата. Наведени се претплатници од следниве места: Солун, Кукуш (Кукош), Стојаково, Воден, Врање, Власотница (Лесковачко), Малино (Кумановско), Сопот (Светиниколско), Приштина, Гњилане, Чучер (Скопско), Мирковци, Бањани, Љубанци, Побужје, Обреновац, Белград, Велес, Крушево, Охрид, Орашац (?), Куманово, Ресен, Кичевски манастир, Раштани (Кичевско), Зркле, Црешнево (Порече), Белица (Порече), Бенче, Слатина (Порече), Белица (Порече), Воштарани, Галичник, Лазарополе, Селце (Ростушко), Битуше, Бигорски манастир, Гостивар, Тетово, Сопотница, Доленци (Демирхисарско).

Наводи

Категорија:Македонски јазик Категорија:Речници Категорија:Ѓорѓија Пулевски Категорија:Книги од 1875 година