Вардарска штипалка (Cobitis vardarensis) — вид на зракоперкаста риба од семејството Cobitidae.
Животна средина Забележано е дека Cobitis vardarensis се среќава во слатководна средина во опсег на демерсални длабочини. Овој вид живее во соленкасти води. Исто така, е автохтон во суптропска клима.
Опис и распространетост Вардарската штипалка има издолжено тело, од страните сплескано и покриено со многу ситни лушпи. И главата е странично сплескана. Има шест мустаќи, четири на врвот на рилото и два во аглите на устата. Предните ноздри се издолжени во вид на куси цевчиња. Устата е долна со дебели, меснати усни. Очите се поставени високо горе на главата. Својствено за вардарската штипалка е што под секое око има еден трн со два шпица. Бојата на телото е од потемно жолта на грбот до светложолта на страните и стомачниот дел. По страните, под страничната линија има низа од 10 до 20 крупни, правоаголни, но заоблени, темносиви до црнобраон дамки во вид на широка лента. Над нив се наоѓаат поситни, неправилни пеги, што исто така образуваат надолжна линија. Грбната, опашната и аналната перка се право засечени и на истите има темни пеги во повеќе редови. Согласно податоците од постарата литература во Република Македонија постоел вид Cobitis taenia распространет во водите Република Македонија и специфични популации на ниво на подвидови за различни сливови. Согласно новата систематика во Република Македонија разликуваме повеќе одделни видови штипалки и тоа: Вардарска штипалка – C.vardarensis, Охридска штипалка – C.ohridana, Преспанска штипалка – C.meridionalis, Струмичка штипалка – C.strumicae, Балканска штипалка – C. elongata. Меѓусебните морфолошки разлики се мали. Издвојувањето во посебни видови во основа е направено врз база на истражувања на молекуларно ниво.
Основни биолошки одлики Живее во чисти и мирни води, истечни или во крајбрежниот регион на езерата. Лесно и често се вкопува во песокот, а понекогаш се завлекува помеѓи водените растенија. Полова зрелост кај вардарската штипалка настапува во втората, односно третата година од животот, при должина од 5 до 8 см. Се мрести во пролет и лето, од април до јули. Икрата ја положува на растенија, корени или на песок. Плодноста е релативно голема и изнесува 100.000 до 150.000 зрна икра. Вардарската штипалка е риба со мали димензии. Достигнува максимална должина до 15 см, а обично е долга 6 до 8 см. Животниот век и е до 10 години. Ларвите на вардарската штипалка се хранат со ситни ракообразни, а возрасните со нив и со разни други мали животни од дното односно со органски отпадоци. Во потрага по нив зема песок во устата од него ги изолира органските честички, а песокот го исфрла низ жабрите. Овој вид има „санитарна” функција во екосистемите во кои живее во смисла подобрување на квалитетот на водата преку консумирање на органскиот отпад како нејзина храна.
Значење Нема никакво значење од аспект на стопански, рекреативен, и спортски риболов.
Наводи
Категорија:Таксони именувани од Станко Караман Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Риби опишани во 1928 година Категорија:Слатководни риби на Европа Категорија:Риби на Македонија