Васил Манчев (1832 – 1907) е бугарски учител и преродбеник.

Биографија Роден е во 1832 година во Свиштов, каде што се здобил со солидно образование во елинското училиште на Емануил Васкидович, при Георги Владикин и Христаки Павлович. Образованието го продолжил во Букурешт, каде што учел француски, италијански и други јазиции. Станал учител во Свиштов во периодот од 1858 – 60 г.

Учителствување во Битола Околу 1860 година Васил Манчев дошол во Битола, каде што се поврзал со католичките мисионери лазаристи и ја прифатил католичката унија. Работел како учител во унијатско-католичкото училиште, основано во 1859 година од католичката заедница во градот. Училиштето се наоѓало во центарот на Битола, наставата била бесплатна и се изведувала на народниот јазик, а учениците добивале бесплатна храна и облека. Со училиштето раководеле католичкиот свештеник Павек и еден Полјак, а покрај Манчев таму предавале и други католички свештеници и калуѓери. Во училиштето учеле од 100 до 200 ученици и ученички од Битола, околните села и од Тиквешко. Училиштето го споменуваат и англиските патописки Џорџина Мјур Макензи и Паулина Ирби, кои ја посетиле Битола во 1863 година, како и Рајко Жинзифов во 1866 година.

По околу две години учителствување во католичкото училиште во Битола, Манчев го напуштил поради противењето што го предизвикало неговото учество во унијатското движење. Потоа давал приватни часови по француски јазик на деца од угледни турски семејства, од што се издржувал. Во 1865 година, поттикнат од еснафите и од К. Шумков, отворил училиште во маалото Кертдереси, кое работело неколку месеци и претставувало претходник на општинското народно училиште отворено кон крајот на истата година. Според современите сведоштва, неговата просветна дејност наишла на отпор од приврзаниците на Цариградската патријаршија, а по пријава до битолскиот валија бил интерниран во Солун.

Наводи Категорија:Бугарски просветни дејци Категорија:Бугарска пропаганда во Македонија