Полска незаборавка или полско споменче () — тревесто едногодишно до краткотрајно повеќегодишно цветно растение од семејството Boraginaceae. Потекнува од Европа, Турција, Кавказ, Сибир, западните Хималаи и Северозападна Африка. Растението е едногодишно до повеќегодишно, исправено, до 40 сантиметри и влакнесто (влакна повеќе или помалку под прав агол во однос на стеблото). Цветовите се сивосини, со пречник 3 до 5 мм, профил во облик на чинија, чашкаста цевка со закачени влакна. Зрелите плодови се темнокафеави, сјајни ореви. На Британските Острови растението е археофит, вообичаено низ островите на отворена, добро дренирана почва.

Прифатени се два подвида и една сорта.

Myosotis arvensis subsp. arvensis – од Европа до Сибир, Турција, Кавказ, Западни Хималаи и Северозападна Африка Myosotis arvensis var. garciasii – Балеарски Острови Myosotis arvensis subsp. umbrata - Западна и Јужна Европа од Норвешка до Италија, Португалија, Британските Острови и Исланд и Романија

Опис Полската незаборавка е едногодишно или двегодишно растение, високо до 55 см. Стеблото ѝ e вертикално или подигнато, неразгрането или често разгрането од основата, со стрчести и прилегнати нагоре свртени влакна, во зоната на соцветието само со прилегнати влакна. Базалните листови се собрани во розета, копјести, издолжено-обратнојајцевидни до лопатовидни, со покуса или подолга дршка, долги до 50 мм долги, широки 5 до 10 мм, препокриени со четинести влакна поставени на мали брадавичести израстоци. Стеблените листови копјести или елиптични, приседнати, делумно го опфаќаат стеблото, долги се 18 до 35 мм, широки 5 до 10 мм, со слична влакнавост како и базалните листови. Цветовите се собрани во збиени, прости, или во врвниот дел двојни срповидни соцветија, кои при образување на плодот се издолжуваат, без прицветни листови. Цветните дршки се долги 3 до 5 мм (при образување на плодот до 10 мм), обично косо поставени на оската на соцветието и свртени нагоре, поретко стрчести, со куси прилегнати влакна. Чашката е yвончевидна, при цветањето е долга 1,5 до 2 мм, при образување на плодот затворена, се издолжува до 5 мм, всечена до 1/2 или 2/3 на 5 издолжено-триаголни запци, со бројни кукести влакна особено во основата и со полустрчести или прилегнати четинести влакна, обично отпаѓа. Венчето е мало, со куса венечна трубичка речиси со еднаква должина со чашката, проширениот дел на венчето со пречник од 2 до 3 мм, чиниесто вдлабнато, светлосино, со 5 заоблени венечни сегменти. Оревчињата се јајцевидни, во врвниот дел заострени, долги 1,5 до 2 мм, широки 1,2 мм, темнозелени, кафеави до црни, со јасно развиен раб, со мала лузна во основата каде што се прицврстуваат за чашката.

Живеалише Живеалишта на полската незаборавка се брдските пасишта, ливадите, рудерални места, покрај патишта, камењари, деградирани дабови шуми и меѓу грмушки. Се наоѓа на надморски височини од 200 до 1650 метра.

Распространетост Домородна е во Европа, Турција, Кавказ, Сибир, западните Хималаи и Северозападна Африка.

Во Македонија Скопје – Водно, Матка, с. Орешани, с. Кучково; клисурата на реката Пчиња – с. Катланово, с. Ветерско, с. Бадер; Скопска Црна Гора – с. Побожје, с. Бродец, Рамно, с. Мојанце; Караџица – Патишка Река; Сува Гора – Осој; Таорска Клисура – жел. ст. „Рајко Жинзифов“; Жеденска Клисура – с. Рашче, Коловозиште, с. Радуша, с. Дворце; Велес – с. Иванковци, клисурата на р. Тополка и Бабуна; Куманово – с. Орашец, с. Младо Нагоричане, с. Пелинце, с. Доброшане; Овче Поле – Богословец; Пробиштип – с. Лесново, Кочани – с. Оризари, с. Кучичино, с. Облешево, с. Чифлик; Неготино – Криволак; Кавадарци – с. Ресава, Мајдан; клисурата на Раечка Река; Демир Капија – Градец, Удово; Валандово – с. Собри; Гевгелија – с. Коњско, с. Миравци, с. Серменин, Кожуф – Маријанска Планина; Дојран – с. Сретеново, с. Николич; Струмица: Огражден – с. Петралинци, с. Иловица, с. Габрово, с. Банско; Пехчево – Нов Истевник, Делчево – Голак; Осогово; Серта – с. Лесковица; Плачковица – с. Подареш, с. Смиланци; Бистра – Чавкарник, с. Галичник, Тони Вода, с. Јанче, Бошков Мост, Маврово, клисурата на р. Радика; Јабланица – Дримкол; Галичица – с. Пештани, Голем Осој, Рамен Дол, с. Стење, с. Коњско; Дебарца – Белчишко Блато; Кичево – Илиница; Мариово – с. Дуње, с. Вепрчани, Селечка Планина – Слива, Рамниште, Расимбегов мост, с. Витолиште – Скрка; Прилеп – Бабуна, Козјак.

Галерија

Наводи

Категорија:Незаборавка Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Флора на Хималаите Категорија:Флора на Турција Категорија:Флора на Тунис Категорија:Флора на Пакистан Категорија:Флора на Мароко Категорија:Флора на Алжир Категорија:Флора на Кавказ