Две стебла црн бор во месноста „Карши Бавчи“ — природна реткост две стебла од црн бор (Pinus nigra) кои се наоѓаат во месноста „Карши Бавчи“ во Кратово, Општина Кратово.
Според месните преданија, овие борови биле насадени околу 1354 година од Сасите, кои дошле во овој крај да бараат злато.
Местоположба Двете стебла од црн бор, кои се природна реткост, се наоѓаат во средиштето на градот Кратово во градскиот парк „Карши Бавчи“ во близина на левата притока на Кратовска Река. Во непосредна близина на стеблата се наоѓа асфалтен пат, станбени куќи, хотелот „Кратис“ и угостителски градби.
Опис Стебло бр. 1 Крошната на првото стебло е неправилно асиметрично разгранета, од северната страна има пократки гранки а од источната страна се најдолгите гранки. Гранките до деблото на дрвото се 30-50 см и се доста дебели, но кон крајот многу потенки со поголема маса од поситни разгранети гранчиња и густи снопови од иглички. Исерцијата на гранките е различна. Пониските гранки кои и се подебели сe повиени надолу под агол од 45 степени, а кон врвот гранките се погусти и потенки и се поисправени во однос на деблото, 25-30 степени. Самото дрво е високо 24 м, деблото е високо 9,2 м, а висината на крошната е 14,8 м. Крошната има чадорест облик со силно зарамнет врв (висинскиот прираст е прекинат пред многу години). Од далеку поради долгите и повиени гранки надолу изгледа како голема печурка. На источната страна има 8 гранки долги 15-17 м. Исто така на источната страна има две дебели и суви скршени гранки (по природен пат). На јужната и западната страна има 12 гранки со должина од 12 до 14 м и 3 суви гранки пред паѓање. Обемот на крошната е 51,81 м, а ширината мерена кон: Север 5,2 м Исток 14,5 м Југ 10,1 м Запад 9,2 м Во основа кореновиот врат на деблото има обем од 5,10 м, пречник на кореновиот врат 1,62 м, обемот на градна височина е 4,43 м, пречникот на градна висина е 1,4 м.
Кората по деблото е со неправилни многуаголни плочки со големина од 30 до 40 см, со сивожолтеникава до кафеава боја. Измеѓу нив има плитки браздести пукнатини со потемна кафена боја.
Кората по гранките е со поситни и погруби неправилни плочки од кора.
Стебло бр. 2 Крошната на второто стебло е неправилно асиметрично разгранета, во правец на југ со полукружен облик. Гранките се со инсерција (отклон) од 50°. Стеблото има осум дебели гранки со пречник од 20 до 40 см. Во горната половина на деблото се забележуваат остатоци од пресечени подебели гранки.
Самото дрво е високо 21 м, деблото е високо 11,0 м, а висината на крошната е 10 м.
Крошната има голема асиметричност. Обемот на крошната е 28,26 м, а ширината е 9 м.
Во основа кореновиот врат на деблото има обем од 3,9 m, пречник на кореновиот врат 1,24 м, обемот на градна височина е 3,8 м, пречникот на градна височина е 1,2 м.
Стеблото е синусоидно повиено и силно наклонето кон југ. Кората по стеблото е со неправилни многуаголни плочки со големина од 30 до 40 см, со сивожолтеникава до кафеава боја. Измеѓу нив има плитки браздести пукнатини со потемна кафена боја.
Кората по гранките е со поситни и погруби неправилни плочки од кора.
Проценка на староста Официјални податоци за староста на овој даб не постојат.
За утврдување на староста (возраста) на боровите, при изработката на „Елаборатот за ревалоризација на двете борови стебла во месноста „Карши Бавчи“, Кратово“, во 2021 година, се користела методата на вадење извртоци од стеблата со Преслеров сврдел и броење на годовите. Земен е по 1 изврток од стебло со должина од 10 см при што кај првото стебло бројот на годови бил 64, а кај воторото 105. Следствено, староста на првото стебло е проценета на приближно 640, а на второто на 630 години (во 2021).
Поврзано Кратово Список на природни реткости во Македонија
Наводи
Категорија:Поединечни дрва во Македонија Категорија:Борови Категорија:Кратово Категорија:Природни реткости во Македонија Категорија:Појавено во 14 век во Македонија