Thymus boissieri — вид матерка од семејството Lamiaceae (устоцветни растенија). Се среќава во Грција, Албанија, Македонија и останатите земји од поранешна Југославија.

Опис и распространетост Повеќегодишно тревесто растение, високо до 5 см. Стеблото е ползечко, неразгрането, завршува со стерилни гранчиња и формира густо перниче. Цветните гранчиња се високи 2–6 см, распоредени по должината на стеблото, со влакненца од сите страни на четириаголните гранчиња. Листовите на цветните гранчиња се тесно линејни, долги 4–8 (10) мм, широки околу 0,5 мм, голи, рабовите свиткани со цилии до половина, зелени, без жлезди. Листовите на стерилните гранчиња се малку подолги од оние на цветните. Цветовите се собрани во врвни, компактни, главичести соцветија. Листовите во зоната на соцветието се пошироки, долги 3–5 мм, широки околу 1 мм, со долги влакненца и цилии по рабовите. Чашката е долга 3,5 (4) мм, темновиолетова, со густи влакна и жлезди; горните запци околу 1 мм, ланцетовидно-триаголни; долните околу 2 мм, линејно-копјести; сите со цилии по рабовите. Венчето е долго околу 5 мм, црвено, однадвор влакнесто. Прашниците малку стрчат надвор од венчето. Оревчињата се долги околу 0,8 мм, округли, темнокафеави.

Расте на планински пасишта, варовнички камењари и карпи, во субалпски и алпски појас, на височина од 1600 до 2520 м.

Познат за Јакупица – Солунска Глава, Бегово Поле, Јурукова Карпа, Шашковица, Ручица, Солунско Поле, Марина Дупка, помеѓу Планинарскиот дом „Караџица“ и Солунска Глава, Рада Планина, Убава, Остри Врв; Кожуф – Мала Рупа, Две Уши; и од Ниџе – Бело Гротло.

Галерија

Наводи

Категорија:Флора на Европа Категорија:Матерка Категорија:Флора на Македонија Категорија:Растенија опишани во 1894 година Категорија:Флора на Албанија Категорија:Флора на Грција