Битката кај Госпиќ () се водела во околината на Госпиќ, Хрватска од 29 август до 22 септември 1991 г. за време на Хрватската војна за независност. Во битката се соочиле Југословенската народна армија (ЈНА), која била стационирана во пет касарни во градот како и паравоените елементи на Српската гарда против Хрватската национална гарда (ЗНГ), полициските сили со седиште во Госпиќ и полициските засилувања од други места во Хрватска.
Борбите во источните области на Госпиќ, контролирани од силите на ЈНА со поддршка на артилерија, биле во голема мера статични, но рамнотежата се поместила во корист на хрватските сили по заземањето на неколку депоа и касарни на ЈНА на 14 септември. Останатите касарни биле заземени до 20 септември, што довело до протерување на силите на ЈНА и Српската гарда од градот.
Битката следела по ескалацијата на етничките тензии во регионот Лика, вклучувајќи напади врз хрватски цивили во Ловинац, како и напад врз контролен пункт на хрватската полиција во Жута Локва и престрелки кај Плитвичките Езера и превојот Љубово на патот Госпиќ- Плитвичка Језера.
Во остатокот од 1991 година, ситуацијата во регионот се влошила дополнително, што резултирала со воени злосторства против Хрватите во масакрите во Госпиќ и Широка Кула. Борбите во регионот останале во ќорсокак, со малку или никакви територијални придобивки за двете страни, сè додека не бил потпишан траен прекин на огнот со потпишувањето на Сараевскиот договор од 2 јануари 1992 година.
Позадина
Во август 1990 година, во Хрватска се случило востание центрирано во областите претежно населени со Срби во далматинската заднина околу градот Книн, како и во делови од регионите Лика, Кордун и Бановина, и населби во источна Хрватска со значително српско население. Овие региони станале новоформираната САО Краина (Српска автономна област), а објавата за намерата на САО Краина да се интегрира со Србија резултирало со тоа што владата на Хрватска го прогласила востанието за бунт.
До март 1991 година, конфликтот ескалирал во Хрватска војна за независност, а во јуни 1991 година, со распадот на Југославија, Хрватска ја прогласила својата независност.
Декларацијата стапила на сила на 8 октомври по тримесечниот мораториум. САО Краина, била преименувана во Република Српска Краина (РСК) на 19 декември, а потоа започнала крвава кампања на етничко чистење (геноцид) против хрватските цивили.
Контролата на растечките тензии била попречена од зголемената поддршка што ја давала Југословенската народна армија (ЈНА) за САО Краина, а неможноста на хрватската полиција да се справи со ситуацијата довело до формирање на Хрватската национална гарда (ЗНГ) во мај 1991 година.
Сепак, развојот на ЗНГ во воена сила бил попречен од ембаргото за оружје на ОН, воведено во септември, додека воениот конфликт во Хрватска продолжи да ескалира - Битката кај Вуковар започнала на 26 август.
Прелудиум
Веќе напнатата ситуација во регионот Лика, по инцидентот кај Плитвичките Езера на 1 април, кога се случиле првите жртви во Хрватската војна за независност, таа дополнително се влошила во јуни кога Хрватска го потврдила својот суверенитет преку парламентарна декларација и ова се одразило во порастот на насилните инциденти, поставувањето неовластени контролни пунктови на патот и повремената размена на оган од лесно оружје.
На 22 јуни, тројца полицајци биле киднапирани на патот помеѓу Госпиќ и Грачац контролиран од САО Краина, а серија напади врз хрватската полиција се случиле во различни делови на Лика, вклучувајќи го и Госпиќ, на 27-28 јуни.
Во јули 1991 година, ЈНА почнала отворено да се соочува со хрватската полиција и ЗНГ во Лика, со што на 1 јули, полициската станица Плитвице била опкружена од ЈНА, а веќе на 6 јули, двајца војници на ЗНГ биле свирепо убиени и уште двајца биле ранети во заседа на ЈНА во близина на Госпиќ.
Понатамошна ескалација на борбите била забележана кај превојот Љубово на патот Госпиќ- Кореница, каде што трупите на ЈНА и САО Краина се бореле и ја потиснале ЗНГ назад на 28-29 јули.
Етничкото насилство продолжило да ескалира кога српските паравоени сили киднапирале и свирепо убиле пет хрватски цивили од Ловинац во јужна Лика на 5 август, а воедно бил нападнат и полициски контролен пункт во Жута Локва.
На почетокот на август, ЈНА ја преместила својата 236 пролетерска моторизирана бригада (бригада само по име, единица со големина на чета) и дел од моторизираниот батаљон на 4 оклопна бригада, претходно распоредени во превојот Љубово, во Госпиќ како засилување за својот гарнизон во градот. Други движења во тој месец вклучувале напад и заземање на полициската станица Плитвице на 30 август од страна на силите на САО Краина.
Со претстојното заземање на Плитвице и повлекувањето на ЗНГ од Лички Осик на 31 август,на само 8км северно од Госпиќ, САО Краина и ЈНА го префрлиле својот фокус во Лика кон самиот Госпиќ, каде што Србите сочинувале 38,4% од вкупното население од 12.000 жители.
Ред на битка Силите на ЈНА биле составени од 70 офицери и 200 војници распоредени во касарната „Станко Опсеница“ и четири други помали објекти на ЈНА во Госпиќ. Гарнизонот бил поддржан од 128 паравоени единици на Српската гарда предводени од Ѓорѓе Божовиќ, кои се распоредиле во Госпиќ од Србија користејќи транспорт на ЈНА, според интервју со командантот на јужната територијална одбрана на Лика во 1991 година.
По реорганизацијата во 1991 година, единиците на ЈНА со седиште во Госпиќ биле 236 моторизирана бригада и прва бригада на 35 партизанска дивизија, обете подредени на Риечкиот корпус, а пред ова, 10 пролетерски пешадиски полк, единица од класа Б потребна за одржување само 15% од нивоата на војници во време на војна, била стационирана во Госпиќ, но споена со 9 пролетерски пешадиски полк за да се формира 236 моторизирана бригада.
Гарнизонот на ЈНА во Госпиќ формално бил командуван од полковник Петар Ќавар, но ефективната команда ја презел неговиот началник на штабот, мајорот на Југословенската контраразузнавачка служба Реља Томиќ.
На почетокот на септември, хрватските сили во Госпиќ се состоеле од 427 војници, главно составени од полициските сили со седиште во Госпиќ, Риека и Забок, волонтери од Госпиќ, Загреб и Сењ, како и од трупите на Хрватските одбранбени сили, а единствената единица на ЗНГ во Госпиќ била 118 пешадиска бригада, која започнала да се формира околу 58 независен баталјон на ЗНГ на 14 август, но целосно не бил составена сè до по месец октомври, а до средината на септември, бригадата се состоела само од два баталјона: првиот со четири чети, а вториот со три и била командувана од потполковникот Мирко Норац, додека началник на хрватската полиција во Госпиќ бил Иван Дасовиќ.
Временска линија десно|мини|349x349пкс|Фронтови во Хрватска во октомври–декември 1991 година; Битката кај Госпиќ се одрази во формирањето на истакнат бек јужно од Госпиќ ЈНА и српските паравоени сили го бомбардирале Госпиќ со артилерија стационирана во селото Дивосело и касарната Јасиковац на 29 август 1991 година, а интензитетот на овие напади значително се зголемил кон средината на септември, предизвикувајќи значителна штета на Госпиќ.
Во еден извештај на САО Краина за нападот било проценето дека повеќе од 50% од објектите во градот биле оштетени.
На почетокот на битката, ЈНА и паравоените сили ги потиснале хрватските сили од источен Госпиќ,а веќе на 5 септември, хрватските сили успешно го заробиле генерал-мајорот на ЈНА, Трајче Крстевски, заедно со три оклопни транспортери (TPC) и 32 војници, кога тој се обидел да стигне до касарните на ЈНА кои биле изолирани во центарот на градот, но ги ослободиле следниот ден по успешните преговори за размена на затвореници (воени заробеници).
Сепак, хрватските команданти во Госпиќ го одбиле барањето да бидат вратени и TPC, што било спротивно на упатствата на хрватските власти во Загреб. По заробувањето на Крстевски, артилериското бомбардирање на ЈНА се интензивирало со во просек 1.100 артилериски гранати дневно, но и покрај интензивното бомбардирање, втората недела од битката била во ќорсокак, без никакви промени во линиите на контрола.
ЗНГ и хрватската полиција планирале да ја прекинат струјата, водата и комуникациите до сите објекти на ЈНА во делот од Хрватска контролиран од владата на 14 септември. Во Госпиќ, оваа акција била поместена за 13 септември, истиот ден кога ЗНГ зазела магацин на ЈНА што им обезбедило на хрватските трупи 14.000 пушки и значителна количина противтенковско оружје, што било повеќе од доволно за хрватските сили да се натпреваруваат со ЈНА во градот.
Касарните на ЈНА во Перушиќ и касарната Канижа во Госпиќ биле заземени следниот ден, а најголемиот дел од гарнизонот на ЈНА во Госпиќ се предал на 18 септември, по тридневни борби за касарната Станко Опсеница, а два дена пред тоа, пешадискиот напад со цел поддршка на гарнизонот на ЈНА бил успешно одбиен од хрватските сили на 16 септември во областа Дивосело, каде што Божовиќ бил убиен.
Откако центарот на градот станал релативно безбеден, хрватските сили ја прошириле својата офанзива, освојувајќи ја касарната Јасиковац и ослободувајќи два хрватски џеба во селата Рибник и Билај до 20 септември.
Откако ЈНА конечно се предала, српските сили се повлекле од источните делови на Госпиќ до линија на само 8км пред Медак, додека хрватските сили го завршиле чистењето во Госпиќ до 22 септември.
Последици мини|Штетите сè уште може да се видат во 2021 година Хрватска заробила приближно 300 офицери и војници на ЈНА, кои по нивното заробување биле однесени во Риека,а подоцна биле разменети за хрватски воени заробеници заробени од ЈНА во Битката кај Вуковар и на други места во Хрватска. Воедно било запленето и големо количество лесно оружје и муниција, како и седум тенкови и дванаесет 120мм минофрлачи.
По битката, артилериското бомбардирање на Госпиќ продолжило од позициите околу Дивосело и Лички Читлук, приближно од 5км до 8км јужно од Госпиќ,а престрелките во Лика продолжиле се до јануари 1992 година, бидејќи секоја страна се обидувала да ги подобри своите позиции на терен, особено околу Госпиќ и Оточац.
На 23 септември, хрватскиот напредок на југ бил запрен од силите на ЈНА и САО Краина, составени од пешадиски баталјон и оклопниот воз Краина Експрес, кои бранеле складиште на ЈНА во Свети Рок. Веќе на 26 септември ЈНА го обезбедила депото и го освоила Ловинац, а веќе до крајот на месецот, хрватските одбранбени позиции околу Оточац биле доволно зајакнати за да можеле да извршат помали напади, првенствено во близина на селото Дренов Кланац.
Кон крајот на октомври и почетокот на декември, борбите се интензивирале околу Дивосело во близина на Госпиќ, но ниедна територија не се предала. Интензитетот на артилериското бомбардирање на Госпиќ достигнал врв на 1 ноември 1991 година, кога 3.500 артилериски гранати го погодиле градот.
Во декември, Книнскиот корпус на ЈНА му предложил на Генералштабот на ЈНА да напредува од Грачац во обид да ги освои Госпиќ и Оточац, но потпишувањето на Сараевскиот договор и прекинот на огнот од 2 јануари 1992 година во голема мера ги запрел понатамошните борби, сè до почетокот на операцијата Медачки џеб во септември 1993 година.
Континуираната воена конфронтација во регионот била проследена со ескалација на етничкото насилство, што кулминирало со воени злосторства против цивили извршени од српските воени власти во Госпиќ и војската на САО Краина во областа околу Лички Осик во октомври 1991 година.
Во Госпиќ, приближно 100 цивили биле одведени од градот и убиени во околните полиња, а дел од одговорните за настанот, подоцна познат како масакрот во Госпиќ, биле гонети од хрватското судство. Ова резултирало со осуда, во 2003 година, на Норац и уште двајца обвинети на 12 години затвор. Убиствата во областа Лички Осик, познати и како масакрот во Широка Кула, резултирале со смрт на 40 цивили осомничени за поддршка на Хрватска.
Во 2011 година, судот во Белград, Србија, осудил четворица поранешни припадници на милицијата на САО Краина за убиство на четворица Срби и еден Хрват во Широка Кула.