Nier: Automata Ver1.1a (, македонски: Ниер: Автомата. Верзија 1.1а) — јапонска аниме-серија во режија на Рјоџи Масујама, сосценарио на Масујама и Јоко Таро, а музиката е компонирана од студиото Monaca. Заснована на акционата игра со улоги од 2017 г. Nier: Automata, развиена од PlatinumGames и издадена од Square Enix, анимето е произведено од студиото A-1 Pictures. Дејството е сместено во далечната иднина за време на посредничка војна помеѓу машински животни форми создадени од вонземјани и андроиди изработени од луѓе. Приказната првенствено се сосредоточува на 2B и 9S, војници на елитната борбена сила YoRHa, кои се вклучуваат во најновиот судир против машинските животни форми.

Јоко Таро, кој ја режирал и бил соавтор на изворната игра, соработувал со Масујама за прилагодување на приказната во облик што би одговарало за аниме. Monaca, кои работеле на музиката за играта, се вратиле за да ги аранжираат претходните дела и да создадат оригинална музика. Воведните и завршните теми биле изведени од Aimer и Amazarashi. Изворната јапонска и англиска глумечка екипа од играта ги повториле своите улоги. Серијата била најавена за време на пренос во живо за 5-годишнината од играта, а се прикажувала од јануари до јули 2023 г. Нејзиното прикажување било одложувано двапати поради влијанието на Пандемијата на КОВИД-19 врз производството. Вториот дел се прикажувал од јули до септември 2024 г.

Содржина Nier: Automata Ver1.1a е сместена во 11945 г. на постапокалиптична Земја напуштена од човештвото. Земјата е окупирана од вонземјани што се борат користејќи војска од машински животни форми. Андроидите, создадени од луѓето, се борат против машинските животни форми, при што судирот се претвора во долготрајна посредничка војна. Најновиот додаток во андроидните сили е YoRHa, елитна борбена единица на андроиди со седиште во орбиталниот „Бункер“, кои општат непосредно со Советот на човештвото на Месечината. Моделите на YoRHa, 2B и 9S, се испратени долу како дел од извидувачките сили за да го истражат однесувањето на месните машини и да им помогнат на месните сили на Отпорот.

За време на нивниот престој на Земјата, 2B и 9S ги потиснуваат непријателските машински животни форми, стапувајќи во контакт со други ликови што постојат во тој свет. Меѓу нив се месната водачка на Отпорот, Лили; Девола и Попола, пар древни андроиди близначки; Паскал, пацифистичкиот водач на неагресивен машински колектив; Адам и Ева, хуманоидни аватари близнаци на машинската мрежа; A2, одметнат член на YoRHa; и Емил, суштество околу кое Паскал го формирал своето село.

Ликови

YoRHa No.2 Type B Глас: Јуи Ишикава (јапонски); Кира Бакланд (англиски) Позната како 2B, е борбен модел „Battler“ на единицата YoRHa. Се одликува со ладнокрвна и премолчена личност. Таа е позната и како „2E“, модел „погубник“ создаден за елиминирање на други андроиди.

YoRHa No.9 Type S Глас: Нацуки Ханае (јапонски); Кајл Мекарли (англиски) Познат како 9S (неформално „Nines“), е извидувачки модел „Scanner“ на единицата YoRHa, познат по својата отворена личност и љубопитност за светот и машинските животни форми.

Pod 042 и Pod 153 Глас: Хироки Јасумото (Pod 042), Каору Акијама (Pod 153) (јапонски); Д. К. Даглас (Pod 042), Еби Трот (Pod 153) (англиски) Лебдечки направи во облик на кутии што им помагаат на силите на YoRHa. Иако првично се роботски, тие развиваат посебни личности и се приврзуваат за своите сопственици.

YoRHa Type A No.2 Глас: Ајака Сува (јапонски); Черами Ли (англиски) Позната како A2, е прототип на YoRHa. Првично испратена како дел од пробна мисија за уништување на машински опслужувач на Кала, таа преживува и тргнува во одмазда и против YoRHa и против машинските животни форми.

Командантката Глас: Чиаки Каноу (јапонски); Колин О'Шонеси (англиски) Претпоставената на 2B и 9S. Таа е водач на силите на YoRHa со седиште во орбиталниот „Бункер“.

Оператор 6O и Оператор 21O Глас: Кеико Исобе (Operator 6O), Меари Хацуми (Operator 21O) (јапонски); Касандра Ли Морис (Operator 6O), Конор Кели-Еидин (Operator 21O) (англиски) Две од операторките што служат како контакт во „Бункерот“ за 2B и 9S. Имаат спротивни личности; додека Оператор 6O е пријателски настроена и сака да се зближи со 2B, Оператор 21O е студена и фокусирана единствено на мисијата.

Лили Глас: Ацуми Танезаки (јапонски); Ерика Мендез (англиски) Водачка на месниот андроидни Отпор. Првично не им верува на YoRHa, но подоцна дава информации и поддршка. Таа е стара познаничка на A2, служејќи со неа за време на нивната прва мисија. Лили ја заменува улогата на ликот Анемона од играта.

Адам и Ева Глас: Даисуке Намикава (Адам), Тацухиса Сузуки (Ева) (јапонски); Грег Чун (Адам), Реј Чејс (Ева) (англиски) Хуманоидни аватари близнаци на машинската мрежа.

Белешки

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Аниме-серии засновани на видеоигри