Сестринство () — американски слешер од 2009 г. во режија на Стјуарт Хендлер, а по сценарио на Џош Столберг и Пит Голдфингер. Филмот бил преработка на истоименото остварување од 1982 г., Куќата на сестринството, а главните улоги ги толкувале Бријана Евиган, Лија Пајпс, Румер Вилис, Џејми Чанг, Марго Харшман, Одрина Патриџ и Кери Фишер. Дејството проследува група девојки од студентско сестринство што се обидуваат да ја прикријат случајната смрт на нивна пријателка по една сурова шега што излегла од контрола. Осум месеци подоцна, на ноќта на нивното дипломирање, маскиран убиец започнува да ги демне и убива девојките поради нивната улога во прикривањето на злосторството.

Филмот бил премиерно прикажан во кината ширум САД на 11 септември 2009 г. во распределба на Summit Entertainment. Иако глумците добиле пофалби за својата изведба, филмот поминал со главно одречни одзиви од јавноста. На крајот, тој заработил 27,2 милиони долари ширум светот, наспроти почетниот буџет од 12,5 милиони долари.

Содржина

Студентките од универзитетот Росман и членки на сестринството „Тета Пи“ — Касиди, Џесика, Ели, Клер, Чагс и Меган — организираат забава за да ја прослават својата апсолвентска година. За време на забавата, тие му подготвуваат сурова шега на Гарет (братот на Чагс и дечко на Меган) за да му се одмаздат за неговото неверство. Чагс му дава на Гарет витамини Б-12, лажејќи го дека се силни седативи, а Меган ја лажира својата смрт. Гарет и девојките панично заминуваат кон напуштена челичарница за да го фрлат нејзиното тело. Меѓутоа, ситуацијата излегува од контрола кога Гарет ненамерно ја убива Меган, прободувајќи ја во градите со клуч за менување гуми. Групата го фрла телото на Меган заедно со клучот во едно рударско окно и сите се заколнуваат дека никогаш повеќе нема да зборуваат за тоа, иако Касиди и Ели се против таквата одлука.

Осум месеци подоцна, на денот на нивното дипломирање, сите девојки добиваат анонимна СМС-порака со фотографија на која се гледа рака во наметка што држи крвав клуч за гуми. Првично се сомневаат во Гарет, но Чагс тврди дека тој е психички скршен по настанот и дека не е способен за такво нешто. Во меѓувреме, на универзитетот пристигнува Меги, помладата сестра на Меган, со цел да им оддаде почит на спомените за неа. Набрзо потоа, таинствен напаѓач со качулка жестоко ги убива Чагс, нејзиниот психијатар Џоана (која претходно ги слушнала Клер и Џесика како зборуваат за смртта на Меган) и дечкото на Клер, Мики — убиство на кое Ели е непосреден сведок.

Касиди, Клер, Џесика и Ели повторно се собираат и добиваат нова порака со видеоснимка од смртта на Меган и ултиматум веднаш да се вратат во рудникот, во спротивно снимката ќе биде предадена во полиција. Кога пристигнуваат таму, го наоѓаат преплавениот Гарет што си ги пресекол вените. Сѐ уште мислејќи дека тој ги праќа пораките, испаничената Џесика го прегазува со автомобилот, но веднаш потоа сфаќаат дека и тој самиот добил иста таква порака. Ели почнува да стравува дека Меган е всушност жива и дека им се одмаздува. За да се осигураат, девојките ја спуштаат Касиди со јаже во окното за да проверат дали телото е таму. Наместо телото на Меган, Касиди наоѓа порака напишана со крв: „Тета Пи мора да умре“.

По враќањето во куќата на сестринството, девојките добиваат порака од телефонот на Чагс во која пишува дека таа е веќе мртва, а набрзо ја наоѓаат и убиената Клер. Додека го бараат дечкото на Џесика, Кајл, тие ги среќаваат Меги и нивната управителка на куќата, г-ѓа Креншо, на кои конечно им признаваат што ѝ направиле на Меган. Г-ѓа Креншо им наредува да се заклучат во спалната соба и да повикаат полиција, додека таа оди да ја пребара куќата. Меги, мислејќи дека нејзината сестра е жива, бега за да ја најде, додека Касиди и Џесика тргнуваат по телото на Мики за да го земат неговиот мобилен телефон. Убиецот ја ликвидира г-ѓа Креншо и се обидува да ја убие Меги со Молотов коктел, со што ја запалува куќата. Касиди и Џесика го наоѓаат Кајл, кој неочекувано ги напаѓа и ја повредува Џесика. Тие успеваат да побегнат во бањата каде го наоѓаат трупот на Меган скриен во туш-кабината, пред Кајл да ги стигне и да ја онесвести Џесика. Одеднаш, Енди (дечкото на Касиди) се појавува и го убива Кајл за да ги спаси, но Касиди го забележува клучот за гуми во неговиот џеб, со што се открива дека тој е вистинскиот убиец.

Енди признава дека дознал за смртта на Меган од исплашената Ели и решил да ги убие сите што знаеле за случката за да ја заштити својата иднина со Касиди. Тој веднаш ја убива Џесика, но Касиди го излажува дека Ели е во подрумот. Додека тој ја бара, Касиди ја наоѓа Ели на горниот кат и се обидуваат да побегнат, но Енди ги пресретнува. Почувствуван предавство од Касиди, тој бесно ја напаѓа, додека Ели успева да побегне. Слушајќи ги криците на Меги за помош, Касиди се обидува да ја спаси, но Енди повторно ја соборува на земја. Пред да успее да ја задави, Ели ја зема сачмарката на г-ѓа Креншо и пука во него. Подот под него се руши и тој паѓа во огнот, по што трите девојки успеваат да побегнат од запалената куќа во мигот кога пристигнува брзата помош и противпожарната служба.

По 15 месеци, Меги официјално е примена како нова членка во сестринството „Тета Пи“, додека во заднина, маж со лузни од пресечени вени на рацете тајно ги набљудува од далечина.

Улоги

| Бријана Евиган || Касиди Тапан |- | Лија Пајпс|| Џесика Пирсон |- | Румер Вилис || Ели Морис |- | Џејми Чанг || Клер Вен |- | Марго Харшман || Шарлен „Чагс“ Бредли |- | Џулијан Морис || Енди Ричардс |- | Одрина Патриџ || Меган Блер |- | Керолајн Д'Амор || Меги Блер |- | Кери Фишер || г-ѓа Креншо |- | Мет О'Лири || Гарет Бредли |- | Мет Лантер || Кајл Тајсон |- | Макс Хенард || Мики Доналдсон |- | Рик Еплгејт || сенатор Тајсон |- | Кен Болден || д-р Розенбург |- | Никол Мур || Џоан |- | Дежа Кројцберг || Рајли

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Американски филмови Категорија:Филмови на англиски јазик Категорија:Американски хорор-филмови