Јошко Гвардиол (роден на 23 јануари 2002 година, во Загреб) — хрватски фудбалер, играч од одбраната на Манчестер Сити и на хрватската репрезентација.
Биогарфија Гвардиол е роден на 23 јануари 2002 година во Средњаци, населба во Загреб, Хрватска, каде што пораснал. Неговиот татко, Тихомир, по потекло од Новиград во близина на Задар, работи како рибар, додека неговата мајка, Сања, по потекло од Средњаци, била вработена во компанија за големопродажба. Тој има две постари сестри Лорена и Франка кои се модел, односно ракометарка.
Како млад фудбалер на Динамо Загреб, Гвардиол се соочувал со проблеми околу минутажата и размислувал да се откаже од фудбалот за да продава риба. Tој, исто така, размислувал да премине на кошарка, бидејќи многу негови пријатели во тоа време играле кошарка. Сепак, решил да ја продолжи својата кариера откако семеен пријател му направил ментална мапа за да го охрабри.
Технички карактеристики Централен дефанзивец, многу добар во маркирање и во играта со глава. Способен е да ја организира играта од задната линија но и да се приклучува во нападот, при што успева да постигнува и голови.
Може да биде користен и на позицијата лев бек.
Клупска кариера Почетоци и рани години Гвардиол почнал да игра фудбал на седумгодишна возраст кога неговиот татко Тихомир, некогаш аматерски играч во родниот Новиград, го одвел во Трешњевка. Додека бил таму, бил забележан од Локомотива и НК Загреб, но сепак, во последен момент, тој добил понуда од Динамо Загреб која неговото семејство ја прифатила. thumb|left|200px|Гвардиол (десно) играјќи во академијата на Динамо во 2017
Првично, тој играл како лев бек или централен играч за врска сè додека тренерот во академијата на Динамо, Далибор Полдругач не го преместил на во центрарот на одбраната. Набргу потоа, Гвардиол почнал да привлекува интерес од истакнати европски клубови, вклучувајќи ги Манчестер Сити, Лил, Борусија Дортмунд, РБ Лајпциг, Бајерн Минхен, Ајакс, Интер и Рома. Тој одиграл клучна улога во кампањата на Динамо УЕФА Младинската лига 2018-2019, каде што стигнале до четвртфиналето пред да загубат со 4–2 од Челси по изведување на пенали. Откако бил импресиониран од неговите настапи за младинските тимови, тренер на првиот тим на Динамо, Ненад Бјелица, го повикал Гвардиол во сениорскиот тим за предсезонските натпревари во Словенија во летото 2019 година. На 2 јули, тој постигнал гол во пријателската победа од 2–0 над Австрија Клагенфурт. На 10 октомври 2019, тој бил вклучен на листата играчи „Следна генерација“ издадена од „The Guardian“.
Динамо Загреб Гвардиол го имал своето деби за сениорскиот тим на Динамо во хрватското првенство на 18 октомври, во победата од 4–2 над Горица, влегувајќи во игра на местото на Марио Гаврановиќ во 87-мата минута. Во неговиот втор првенствен настап за клубот на 2 ноември, тој го постигнал единствениот гол во победата од 1–0 над Интер Запрешиќ. Тоа го направило шесттиот најмлад стрелец во првенството за Динамо, по Ален Халиловиќ, Матео Ковачиќ, Нико Крањчар, Анте Ќориќ и Тин Једвај.
На 12 февруари 2020 година, во плејофот на УЕФА Младинската лига против Динамо Киев, Гвардиол успешно реализирал пенал во победата по изведувањето на пеналите со 4-3, со која Динамо се квалификувале за осминафиналето. Во осминафиналето против Бајерн Минхен на 4 март, Гвардиол си постигнал автогол откако топката се одбила од него по ударот на Леон Дајаку, со што бил поставен конечниот резултат 2–2. Во пенал-изведбата, тој повторно успешно го реализирал својот удар, со што Динамо победил со 6–5 и се пласирале во четвртфиналето. На 25 јуни, Гвардиол потпишал петгодишен договор со Динамо. На 5 јули, во дербито против Риека кога првенствената титула веќе била обезбедена, Гвардиол си постигнал автогол по ударот на Франко Андријашевиќ во поразот со 2–0, што на крајот неговиот тренер Игор Јовиќевиќ ќе го чини работата.
На 26 август, во натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите против ЧФР Клуж, Гвардиол влегол како замена за Марио Гаврановиќ во 54-тата минута по црвениот картон на Кевин Теофил-Катерин. Натпреварот стигнал до изведување на пенали, каде Гвардиол бил успешен, а Динамо победил со 6–5 и се пласирал во третото квалификациско коло. Кон крајот на август и почетокот на септември, медиумите известиле дека новопромовираниот клуб во Премиер лигата на Англија, Лидс Јунајтед, понудил 22 милиони евра за да го добие 18-годишниот Хрват. Сепак, Гвардиол ја одбил понудата и одлучил да остане во Динамо за да може понатаму да се развива. На 16 септември, во квалификацискиот натпревар за Лигата на шампионите против Ференцварош, Гвардиол направил грешка која довела до победничкиот гол на унгарците постигнат од Мирто Узуни, по што Динамо својата европска сезона морал да ја продолжи во Лига Европа.
На 28 септември било објавено дека Гвардиол потпишал за клубот од германската Бундеслига, РБ Лајпциг, согласувајќи се на петгодишен договор додека вредноста на трансферот изнесувала 16 милиони евра, плус бонуси. Износот бил највисокиот некогаш платен за хрватски тинејџер и третиот највисок некогаш платен за хрватски дефанзивец, веднаш зад Дејан Ловрен и Дује Ќалета-Цар. Сепак, Гвардиол останал во Динамо до крајот на сезоната 2020–2021. На 22 октомври, го имал своето деби во европските натпреварувања во ремито без голови против Фејенорд во Лига Европа. На 16 ноември, Гвардиол бил позитивен на тестот за COVID-19, поради што морал да го пропушти дербито против Осиек на 21 ноември. На 10 декември, Гвардиол го постигнал својот прв гол во европските натпреварувања, во победата на Динамо над ЦСКА Москва со 3–1 во Лигата на Европа.
На 28 февруари 2021 година, Гвардиол го постигнал воведниот гол и асистирал за третиот во победата од 3–0 против Славен Белупо. Сепак, по повредата на квадрицепсот за време на тренинг на почетокот на март, тој бил принуден да ги пропушти двата натпревари од осминафиналето на Лига Европа против Тотенхем, кое Динамо го добило со вкупен резултат 3–2. Тој се врати за четвртфиналниот натпревар против Виљареал на 8 април, кој заврши со пораз од 1–0. Три дена подоцна, тој го постигна својот трет гол за сезоната во победата од 2–0 против Локомотива. На 22 мај, Гвардиол го одиграл својот последен натпревар за Динамо, во победата од 1–0 против Шибеник.
РБ Лајпциг
Во летото 2021 година, Гвардиол му се приклучил на РБ Лајпциг, по трансферот кој бил реализиран уште во септември претходната година. Тој го направил своето деби во Бундеслигата на 20 август 2021 година, во победата од 4–0 над Штутгарт, играјќи го целиот натпревар. Тој брзо се наметнал во почетната постава на Лајпциг и привлекол внимание со своите добри игри.
На 15 септември 2021 година, тој го имал своето деби во Лигата на шампионите во поразот од 6–3 од Манчестер Сити. На 11 декември, го постигнал својот деби гол за Лајпциг во победата од 4–1 над Борусија Менхенгладбах. Гвардиол имал голема улога во добрата форма на Лајпциг под водството на Доменико Тедеско како тренер, по слабиот почеток на сезоната за време на неговиот претходник Џеси Марш.
На 23 јануари 2022 година, тој го постигнал својот втор гол за сезоната во победата од 2–0 над Волфсбург. До крајот на сезоната, Гвардиол му помогнал на Лајпциг да го освои Купот на Германија и да стигне до полуфиналето на Лига Европа, постигнувајќи ги двата подвига за прв пат во историјата на клубот. Понатаму, победата во Купот на Германија била и првата голема трофејна титула во историјата на клубот.
На 12 август, „France Football“ го избрале Гвардиол како еден од номинираните за Трофејот Копа, освојувајќи го шесттото место. На 1 септември, Гвардиол го продолжил договорот со РБ Лајпциг до 2027 година, откако клубот ја отфрлил понудата на Челзи од 90 милиони евра за играчот. На 25 октомври, Гвардиол го постигнал својот прв гол во Лигата на шампионите во победатата од 3–2 над Реал Мадрид. На 22 февруари 2023 година, Гвардиол го постигнал израмнувачки гол во ремито 1–1 против Манчестер Сити во осминафиналето на истото натпреварување. На возраст од 21 година и 30 дена, тој станал најмладиот хрватски играч кој постигнал гол во нокаут-фазата на Лигата на шампионите. Вкупно во дресот на РБ Лајпциг во двете сезони одиграл 88 натпревари и постигнал 5 гола.
Манчестер Сити На 5 август 2023 година, Гвардиол потпишал петгодишен договор со англискиот клуб Манчестер Сити, станувајќи третиот Хрват во историјата на клубот по Ведран Ќорлука и Матео Ковачиќ. Сумата не била официјално објавена, но се смета дека изнесувала околу 90 милиони евра, што го направило најскапиот дефанзивец во светот.
Своето деби за Манчестер Сити и во Премиер лигата го направил на 11 август во победата од 3–0 над Барнли, влегувајќи во игра на местото на Рико Луис во 79-тата минута. Тој го имаше својот прв старт за Манчестер Сити во Суперкупот на УЕФА против Севиља, играјќи ги сите 90 минути, а неговиот тим победил со 5–4 по изведувањето на пенали по нерешениот резултат (1–1) во регуларното време. На 6 септември, Гвардиол се нашол на списокот на номинираните играчи за „Златната топка“. Тој го постигнал својот прв гол за Манчестер Сити на 9 април 2024 година, во првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на шампионите против Реал Мадрид, кој завршил нерешено 3–3 на стадионот Сантијаго Бернабеу. Четири дена подоцна, тој го постигнал својот прв гол и асистенција во Премиер лигата во победата од 5–1 над Лутон Таун. На 11 мај, Гвардиол постигнал два гола во ист натпревар за првпат во својата кариера, помагајќи му на Сити да го престигне Арсенал во трката за титулата во Премиер лигата со победа од 4–0 на гостински терен против Фулам. Осум дена подоцна, Гвардиол го одиграл целиот натпревар против Вест Хем Јунајтед, кој Манчестер Сити го добил со 3–1, обезбедувајќи ја титулата во Премиер лигата. Успехот ги направил Гвардиол и неговиот соиграч Ковачиќ втори и трети хрватски играчи во историјата што ја освоиле Премиер лигата, по Дејан Ловрен во сезоната 2019-2020.
Репрезентативна кариера Гвардиол бил младински репрезентативец на Хрватска речиси во сите селекции играјќи за под 14, под 16 , под 17, под 19 и под 21 година. За последната селекција дебитирал на 14 ноември 2019 година, на возраст од само 17 години, играјќи како стартер во победата со 3-1 над Литванија во квалификациите за Европското првенство 2021. На 8 октомври 2020 година, тој го постигнал десеттиот гол во победата на Хрватска од 10–0 над Сан Марино, најголемата победа во историјата на репрезентацијата.
На 9 март 2021 година, тој бил избран во составот на селекторот Игор Бишќан за групната фаза од Европското првенство за играчи под 21 година 2021; сепак, тој бил принуден да се повлече поради повреда на квадрицепсот. На 17 мај, повторно бил избран во составот на Бишќан за нокаут фазата на турнирот, играјќи во поразот од Шпанија со 2-1 по продолженија во четвртфиналето. Неколку дена подоцна, Гвардиол добил повик и од селекторот на сениорската репрезентација, Златко Далиќ, кој го вклучил во списокот од 26 играчи кои учествувале на Европското првенство 2020. Во склоп на подготовките за првенството, Гвардиол го направил своето деби за „коцкестите“ на 6 јуни во поразот со 1-0 во пријателскиот натпревар против , во кој влегол како замена на полувремето на местото на Борна Баришиќ. На Евро 2020, тој ги одиграл сите четири натпревари за Хрватска, вклучително и осминафиналната елиминација од со 3-5 по продолженија.