Alyssum bargalense — повеќегодишно тревесто растение опишано од ботаничарот Кирил Мицевски. Alyssum bargalense е член на родот Alyssum и семејството Brassicaceae.

Опис и распространетост Alyssum bargalense е високо 6-10 см. и има сиво-зелена боја. Тоа е силно разгрането во основата, со многу збиени цветни стебленца и бројни вегетативни гранчиња. Стебленцата се вертикални, сиво-зелени, покриени со густи ѕвездести влакна со 10-24 краци. Долните листови се збиени, тесно елиптични, долги 5 мм и широки 1,2 мм, постепено стеснети кон основата и заострени на врвот. Горните листови се линејно-копјести и од двете страни густо покриени со ѕвездести влакна. Ѕвездестите влакна имаат 5-8 краци, меѓу нив се јавуваат и двокраки долги влакна, како и влакна со еден силно издолжен крак. Цветовите се групирани во речиси топчести гроздови кои по цветањето и формирањето на плодови се издолжуваат до 5-6 см. Листовите на чашката се елиптично-копјести, долги 2,5-3 мм, со густи ѕвездести влакна, а во горната половина краците се издолжени и расперени. Венечните ливчиња се бледожолти до речиси бели, долги 4 мм, со округол врв, постепено стеснети кон основата, со по едно запчесто проширување од двете страни и малку ѕвездести влакна одоздола. Подолгите прашници имаат филаменти со крилесто проширување од двете страни, кое кон врвот се стеснува, а нивната должина е еднаква на чашкините ливчиња. Покусите прашници имаат филаменти со мал запчест израсток во основата. Шушменчињата се округли или елипсовидни, долги 5 мм и широки 4-4,5 мм, на врвот всечени, со густи ѕвездести влакна што се допираат меѓусебно. Плодните дршки се долги колку половина од плодот, со влакна што имаат издолжени краци или 2-3 крака. Столпчето е долго 1-1,5 мм и има ретки ѕвездести влакна. Семките се кафеави и без крилест раб.

Расте по карпи и камењари од лапор. Познат е само во околината на Св. Николе, (селата Делисинци и Коселери, врвот Богословец) и Штип - клисура на р. Брегалница. Галерија

Наводи

Категорија:Игловрв Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа