Alyssum doerfleri — повеќегодишно тревесто растение опишано од ботаничарот Арпад фон Деген. Alyssum doerfleri е член на родот Alyssum и семејството Brassicaceae. Опис и распространетост Растението е високо 5-8 см, силно разгрането од основата со многу цветни и неколку вегетативни гранчиња; целото е сребрено-бело поради густите плочести ѕвездести влакна. Стеблата се вертикални, сребрено-бели, со листови долж целата нивна должина. Листовите се линејно-копјести, сребрено-бели, приседнати и заострени на врвот; горните листови имаат плочести влакна со издолжени кончести делови по рабовите и горната половина. Цветовите се собрани во густи гроздести соцветија што по цветањето едвај се издолжуваат. Чашкините ливчиња се долги 4-5 мм, сиво-зелени од густите сребрени влакна; на врвот некои краци се издолжуваат кончесто и создаваат влакнесто снопче. Венечните ливчиња се бледожолти, долги 8-10 мм, со проширен врвен дел широк 4 мм што нагло преминува во долг клиновиден дел. Подолгите прашници имаат филамент со крилест израсток што се стеснува кон врвот; покусите прашници имаат израсток речиси колку филаментот, но сраснат само до половина. Плодните шушменчиња се елиптични, долги 4-7 мм, на врвот всечени, сребрено-бели од влакната; капачињата се подуени, сплескани по рабовите и крилести. Дршките на плодовите се долги 3-4 мм. Дел од влакната имаат многу издолжени краци кои најчесто стрчат. Столпчето е голо и долго 3-4 мм. Семките се долги околу 2 мм и немаат крилце по рабовите.
Расте во пукнатини на варовнички карпи. Забележан кај Прилеп – Сивец и во клисурата на реката Раец. Галерија
Наводи
Категорија:Игловрв Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа