Alyssum foliosum — едногодишно растение опишано од ботаничарот Жан-Батист Бори де Сен-Венсан и Луј Атаназ Анастаз Шобар. Alyssum foliosum е член на родот Alyssum и семејството Brassicaceae.

Опис и распространетост Растението е високо 5-10 см, речиси сиво поради густите прилегнати ѕвездести влакна со многу зраци. Стеблата се неразгранети, поединечни или неколку од основата, покриени со густи прилегнати влакна. Долните листови се јајцевидно-ромбични со долги дршки и често виолетова долна страна; стеблените се долгнавести; горната страна зелена со влакна со малку зраци, а долната сиво-зелена со повеќе зраци. Сите листови имаат долги дршки. Цветовите се во штитовидно соцветие што не се издолжува при плодење, а горните листови го обвиваат. Чашкините ливчиња долги 2-2,5 мм, зеленикаво-розови, со многу прилегнати влакна и тесен ципест раб, кратко остануваат на плодовите. Венечните ливчиња се бели, долги 3-3,5 мм, обратно-јајцевидни, всечени на врвот и клиновидни кон основата. Подолгите прашници имаат кончести филаменти; покусите имаат обратно-конусовидна лушпа со две запчиња, долга околу 3/4 од филаментот. Плодните шушменчиња се долги 4-5 мм, речиси округли, голи и со подуени капачиња. Столпчето е конусовидно, долго 0,7-1 мм, голо или со неколку ситни влакна. Семките се светлокафеави со крилест раб.

Расте на суви каменливи терени во потоплите региони на Македонија. Забележан во клисурата Демир Капија кај железничката станица Клисура и кон селото Клисура. Галерија

Наводи

Категорија:Игловрв Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа