Alyssum gevgelicense повеќегодишно тревесто растение опишано од ботаничарот Кирил Мицевски. Alyssum gevgelicense е член на родот Alyssum и семејството Brassicaceae. Опис и распространетост Alyssum gevgelicense (Alyssum gevgelicensis) претставува растение разгрането од коренот, со повеќе цветни гранчиња и малку или без вегетативни гранчиња во основата. Стеблото е вертикално, високо до 40 см, најчесто црвенкаво, со ретки прилепени ѕвездести влакна; влакната се нежни и имаат 6-8 зраци. Листовите на стеблото се линејно-копјести или копјести, заострени на врвот, стеснети кон основата, долги 25 мм и широки 3 мм; горната страна зелена со ретки влакна, а долната сива со густи влакна; горните влакна имаат 6-8 зраци, а долните повеќе; листовите на стерилните гранчиња се густо сиво влакнести од двете страни. Соцветието е големо и штитовидно. Цветовите се долги околу 2 мм. Цветните дршки се долги 2-2,5 мм со ретки влакна, а плодните дршки достигнуваат 3 мм. Чашкините ливчиња се долги 1,2-1,3 мм, зелени или светложолти, со ретки влакна. Венечните ливчиња се долги 2,2-2,5 мм, бледожолти, нагло стеснети во широка дршковидна основа, со ретки влакна на долната страна. Израстокот на филаментите кај подолгите прашници е сраснат речиси до половина со филаментот и завршува со две запчиња. Шушменчиња (плодовите) се речиси округли, долги и широки 3-3,5 мм, густо покриени со влакна; влакната се широки 0,2-0,3 мм и имаат 5-8 зраци, кои се дебели и брадавичести. Капачињата на плодните шушменчиња се рамни. Столпчето е долго 0,75-1 мм. Семките се долги 2,50-2,75 мм, со широко крило по рабовите; крилото е 0,4-0,5 мм широко и светлобежово.

Расте во ретки дабови шуми и покрај патишта на силикатна почва. Се среќава во Гевгелија, меѓу селата Серменин, Негорци, Хума и Перово. Варијабилност Alyssum gevgelicense f. gevgelicensis - Ѕвездестите влакна на шушменчињата имаат обично по 6 зраци. Се среќава помеѓу Гевгелија и селата Серменин, Негорци и Хума. Alyssum gevgelicense f. multiradiata - Ѕвездестите влакна на шушменчињата имаат по 8 зраци. Се среќава на планината Кожуф над село Перово. Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Ендемска флора на Македонија Категорија:Флора на Европа