Alyssum stribrnyi — вид повеќегодишно тревесто растение кое припаѓа на родот Alyssum и семејството Brassicaceae. Таксонот за прв пат е опишан од чешкиот ботаничар Јозеф Веленовски во 1891 година. Именуван е по ботаничарот Вацлав Стрибрни.
Опис и распространетост Растението е високо 10–20 см, разгрането при основата, со повеќе неразгранети цветни стебленца и неколку вегетативни гранчиња со густи листови. Стебленцата се исправени, зелени или црвенкави, покриени со густи влакна и со листови по должината, кои отпаднуваат при формирање на плодови. Долните стеблени листови се сребрено-сиви од густите влакна, долги 7–10 мм, лопатовидни или обратно-јајцевидни, врвот е речиси тап, основата нагло се стеснува во долга дршка. Горните стеблени листови обратно-јајцевидно-копјести, сребрено-сиви, врвот тап или остар, основата постепено стеснета; влакната со дијаметар 0,6–0,7 мм и многу краци. Цветовите се собрани во густи гроздовидни соцветија што по цветањето силно се издолжуваат. Цветните дршки најчесто имаат прилепени влакна, а понекогаш и четинести косо поставени влакна што не стрчат. Чашкините ливчиња се долги 2,5–3,5 мм, остануваат подолго на плодовите, елиптично-копјести, со тесен ципест раб и ретки влакна, од кои некои на врвот имаат издолжен крак што стрчи. Венечните ливчиња имаат жолта боја, долги се 5–6,5 мм, обратно-јајцевидни, врвот плитко засечен, основата стеснета во долг клиновиден дел, со неколку нежни влакна одоздола. Подолгите прашници имаат крилест израсток споен по целата должина и со два запчиња на врвот; покусите прашници имаат линејно-ланцетовиден израсток слободен до основата, со запчиња на врвот. Шушменчињата (плодовите) се округли, долги 4–5 мм, врвот рамeн или малку вдлабнат, густо покриени со влакна со варијабилен број краци (10–30). Шушменчињата од едната страна се повеќе подуени. Столпчето е долго 1,75–3,5 мм, во основата со влакна. Семките се кафеави, без или со слабо изразено крило.
Расте на варовнички камењари и пасишта, до 1.800 метри надморска височина. Варијабилност Alyssum stribrnyi subsp. galicicae - Краците на ѕвездестите влакна се дебели и целосно се допираат едни со други, при што формираат едно плочесто тело. Се среќава само на планината Галичица. Alyssum stribrnyi subsp. stribrnyi - Краците на ѕвездестите влакна се тенки и одвоени еден од друг, при што формираат ѕвездесто образување. Alyssum stribrnyi var. stribrnyi - Во Македонија најверојатно не се среќава. Alyssum stribrnyi var. mughetorum - Ниско високопланинско растение. Познато за Јакупица и Караџица. Alyssum stribrnyi var. macedonicum - Повисоко низинско растение. Широко распространето во низинските предели на Македонија. Галерија
Наводи
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа