мини|Спротивнолисна каменоломка Спротивнолисна каменоломка () — вид цветно тревесто растение од родот каменоломка од семејството на каменоломките (Saxifragaceae). Често се среќава на Арктикот, како и во некои високи планински предели појужно, вклучувајќи ја северна Британија, Алпите и Карпестите Планини, но расте и во Македонија.
Расте на 83°40' северна географска ширина на островот Кафеклубен, сместен на северот на Гренланд, со што се вбројува меѓу најсеверните растенија на планетата.
Опис и распространетост Ова е нискорастечко и силно разгрането растение, со делумно ползечки и делумно исправени густи гранчиња што создаваат ниско приземно бусенче. Цветните стебленца се високи 3-5 см и на врвот се влакнести. Листовите се наспрамни, на врвот влакнести. Најгорните листови под цветовите често се спирално распоредени, синкаво-зелени и дебели, горе рамни, долу со испакната средна жила, речиси округли или обратно-јајцевидно-елиптични, на врвот заострени со 1-5 хидатоди со наслоен варовник околу отворите, кон основата стеснети и прилепени, а по работ со долги цилии речиси до врвот; листовите на цветните гранчиња најчесто се поголеми и со долги цилии по работ. Цветовите се поединечни, со многу кратки дршки покриени со гргурави влакна; често имаат 6 чашкини и 6 венечни ливчиња. Чашката е долга околу 8 мм, во пехарестиот дел со гргурави влакна, а чашкините ливчиња се голи, долги 4,5-5 мм, широко-елиптични и со долги цилии по работ. Венечните ливчиња се розови до пурпурно-виолетови, долги околу 10 мм, обратно-јајцевидно-копјести, во основата стеснети, со јасно изразен клиновиден дел и со 3 потемни жили, неразгранети или разгранети. Прашниците се подолги од чашкините ливчиња, а антерите се сиво-виолетови. Столпчињата се значително подолги од чашката. Спротивнолисната каменоломка расте во сите видови ладни умерени до арктички средини и на многу места му дава живописна боја на пејзажот. Неговите природни живеалишта вклучуваат тундра, арктички крајбрежни карпи, алпски сипари и карпести пукнатини. Швајцарскиот ботаничар Кристијан Кернер открил дека растението расте на 4505 метри надморска височина во швајцарските Алпи, со што се вбројува како скриеносемено растение на најголема надморска височина во Европа. Во Македонија расте на варовнички камењари и пасишта во алпскиот појас.
Употреба Спротивнолисната каменоломка е често и популарно растение во алпските градини, иако тешко се одгледува во топли климатски услови. Варијабилност Постојат неколку подвидови на Saxifraga oppositifolia, вклучувајќи:
Saxifraga oppositifolia ssp. glandulisepala Hultén - Saxifraga oppositifolia ssp. oppositifolia L. Saxifraga oppositifolia ssp. smalliana (Engl. & Irmsch.) Hultén
Во Македонија се среќава и варијантата Saxifraga oppositifolia var. meridionalis кај која ливчињата се долги 4,5-6 мм и на врвот имаат 3-5 хидатоди. Се среќава на врвовите на Шар Планина. Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Каменоломка Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Јадливи растенија Категорија:Флора на Северна Америка Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Алпите Категорија:Планински растенија Категорија:Флора на Македонија