Крвав здравец () — вид на издржливо цветно тревно повеќегодишно растение од семејството на жеравски клун Geraniaceae. Тоа е окружен цвет на Нортамберленд.
Потекло на латинското име Името на видот е изведено од грчкиот збор γέρανος („géranos“), што значи жерав, што се однесува на плодната капсула што личи на клунот на птицата. Специфичното латинско име sanguineum значи „крваво-црвено“; Линеј ја наведува книгата Pinax theatri botanici на Гаспар Баухин од 1623 година како извор за името, што пак се однесува („sanguinaria radix“) на крваво-црвен корен.
Опис Крвавиот здравец е повеќегодишно тревесто растение, високо 50–60 см, со хоризонтален подземен, 5 до 6 мм дебел ризом, кој е по површината препокриен со темнокафеави прилисници од изумрените базални листови. Растението уште од основата е разгрането. Стеблото е округло, обично цевчесто, со поретки или погусти расперени бели речиси четинести влакна или голо, светликаво, зелено, а во почетокот на есента поцрвенува. Листовите му се наспрамни, со мали дршки, а влакнестоста е иста како и кај стеблото; листовите 3–5 см широки, речиси до основата пересто насечени на 5–7 делови, а секој дел обично е насечен на 3 линејно-долгнавести сегменти кои се на врвот тапи или кусо заострени; на горната страна листовите се голи, а на долната страна и тоа само по жилите и по работ со ретки четинести бели влакна; прилисниците се јајцевидно-копјести, црвеникаво-кафеави, кожести, по работ со четинести влакна. Цветовите се поединечни во пазувите на листовите; дршката на цветот и на соцветието е два и повеќе пати подолга од пазувниот лист; дршките на цветот и на соцветието се вертикални, разделени со 2 прицветници, а по прецветувањето дршката на цветот се спушта надолу, но клунестиот плод останува во вертикална положба. Чашката за време на цветањето речиси расперена; чашкините ливчиња се долги 6–10 мм, елиптични, со 3 до 5 жили, на врвот постепено заострени или тапи и завршуваат со осилест врв долг 1,5 до 2,5 мм; внатрешните ливчиња со поширок ципест раб и голи, а надворешните со ретки расперени влакна и тесен ципест раб. Венечните ливчиња се пурпурно црвени, широко обратно-јајцевидно-срцевидни, долги 15до 20 мм, во основата со куси расперени влакна. Прашниците се покуси од чашката; филаментите во основата се проширени и по работ со куси влакненца; антерите и филаментите се црвени. Плодот е долг 3–4 см; деловите на плодот се голи или во терминалниот дел со ретки куси жлездести влакненца. Семките се речиси црни, со ситни точки по површината.
Живеалиште Типично се јавува во тревни површини, особено во изобилство го има на крајбрежните песочни дини, но исто така и во отворени шуми на варовнички почви, вклучувајќи карпести падини. Претпочита неутрална pH вредност, со ниска хранлива вредност, на надморски височини од 0 до 1200 метри.
Во Македонија, според Мицевски, се наоѓа на влажни тревести места и по камењари, во низините и планините, до надморска височина од 2.000 м.
Распространетост Geranium sanguineum по потекло е од поголемиот дел од умерена до субарктичка Европа и Западна Азија. Исто така, често се среќава во градини подалеку од домородните места.
Во Македонија Во Македонија растението е широко распространето, но истото е регистрирано само за следните месности: Скопска Црна Гора; Жеденска Клисура; планина Јакупица; Скопје – с. Орашје, Катлановска Бања; Куманово – с. Пчиња; Таорска Клисура; Маврово – с. Врбен, Маврови Анови, Кожа; Бистра; Кичево – Баба Сач; Прилеп – Дабничка Планина (јужни падини и ограноци на Бабуна), Плетвар и Козјак; Галичица; Кожуф, Плачковица.
Одгледување Се одгледува како градинарско растение, а постојат голем број различни сорти. Следните сорти ја добиле наградата за градинарски заслуги на Кралското хортикултурно друштво:
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Здравец Категорија:Флора на Македонија