Trifolium sylvaticum — едногодишен вид на детелина опишан од Жерар. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.

Опис Растението е едногодишно, густо влакнесто, високо 5–20 см, неразгрането или слабо разгрането. Стеблото е исправено или приподигнато и покриено со густи куси полураширени и долги раширени влакна. Листовите имаат дршки подолги од листната плочка, а најгорниот лист го обвива соцветието и има многу куса дршка. Листовите се долги 5–10 мм, обратнојајцевидно-клиновидни или обратно-срцевидно-клиновидни, од двете страни густо покриени со прилегнати влакна. Работ е ситно назабен, со јасно испакнати жили од двете страни. Прилисниците се широко јајцевидни, влакнести, со ситно назабен раб во горниот дел и заострен врв.

Соцветијата се јајцевидни или цилиндрични, терминални, најчесто поединечни, а поретко по две заедно. Дршката на соцветието е многу кратка. Цветовите се долги 8–9 мм и се без прицветници.

Чашката е долга околу 6 мм, белузлава со зеленкаво-црвенкави жили и по површината покриена со долги густи полураширени влакна. Нејзиниот цилиндричен дел има десет жили и по прецветувањето се надувува. Околу отворот на чашката се развива прстен од влакна и прстенесто задебелување. Запците се линејно-шиловидни и со различна должина; долниот запец е долг околу 3 мм, а останатите се покуси и речиси еднакви по должина. Венчето е светлорозово или белузлаво, малку подолго од чашката за околу 2,5 мм. Барјачето е линејно, долго 7–8 мм, а крилцата и лаѓичката се речиси еднакво долги и околу 1,5 мм покуси од барјачето. Плодот е мала мешунка сместена во чашката, која обично содржи едно семе.

Распространетост во Македонија Trifolium sylvaticum расте по брдски пасишта на силикатна подлога до наморска височина од 1000 метри. Растението се среќава во: Катлановска Бања и Петровец во Скопје, Жеденска Клисура, Св. Илија и селата Башино Село, Скачинци, Чашка, Ногаевци во Велес, клисурата на реката Тополка, клисурата на реката Бабуна, Штип и железничката станица Ванчо Прќе, село Истибања во Виница, Кочани, Пробиштип, Кратово, селата Луковица и Шашковица во Делчево, Македонска Каменица, Пехчево, Радовиш, Богословец и селото Делисинци во Овче Поле, Маркови Кули, селата Загорани, Мраморани и Мариово во Прилеп, Црновршка Река во Битола, Демирхисарска клисура, Валандово, Богданци, селата Богородица, Стојаково, Фурка, Николич во Гевгелиско и селото Слупчане во Куманово.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Детелина