Dorycnium pentaphyllum, познат исто под синонимот Lotus dorycnium (опишано од Карл Линеј) — повеќегодишен тревест вид на Lotus од фамилијата бобови опишан од Џовани Антонио Скополи. Видот е широко распространет во средоземниот регион.
Опис Растението е повеќегодишно тревесто растение или мала полугрмушка, високо до 50 см и разгрането. Стеблото е приподигнато или исправено и покриено со густи прилегнати влакненца. Листовите се без рахис и се приседнати. Ливчињата се линејно-копјести или долгнавесто-обратнојајцевидни, покриени со прилегнати свиленкасти влакна. Ливчињата на горните листови се долги 6–20 мм и широки 2–4 мм.
Соцветијата се топчести, со пречник од околу 10 мм и составени од 5–15 цветови. Дршката на соцветието е долга 10–60 мм и покриена со прилегнати влакненца. Цветовите се долги 4–6 мм, а цветните дршки се покуси или еднакво долги со трубестиот дел на чашката и се покриени со прилегнати влакненца.
Чашката е долга 2,5–3 мм и е густо покриена со прилегнати свиленкасти влакна. Венчето е долго 4–6 мм, голо, бело или бледорозово. Барјачето е долго 4–6 (до 7) мм, долгнавесто-елиптично и во средината пошироко или малку стеснето. Крилцата се покуси од барјачето, а лаѓичката во горниот дел е надолжно свиткана, во основата има тенок и долг клинест дел, а нејзината горна половина е темновиолетова до црна. Плодот е гола, јајцевидна мешунка, долга 3–5 мм и широка 2–3 мм, која обично содржи едно семе.
Варијабилност
Dorycnium pentaphyllum subsp. pentaphyllum — ливчињата на горните листови се долги од 6 до 12 мм и 2 до 3 мм широки. Барјачето е зашилено. Dorycnium pentaphyllum subsp. germanicum — ливчињата на горните листови се долги од 10 до 20 мм и 2 до 4 мм широки. Барјачето не е или е сосема слабо зашилено.
Распространетост во Македонија Dorycnium pentaphyllum расте на суви тревести места во појасот на брдските пасишта. Неговите варијабилности различно се среќаваат на територијата на Македонија:
Dorycnium pentaphyllum subsp. pentaphyllum — од стари извори се наведуваат дека растението има присуство во Битола (1907 год) и на планината Водно (1969 год), но се смета дека овој подвид не е застапен на територијата на Македонија. Dorycnium pentaphyllum subsp. germanicum — се среќава во Тетовско кај селото Рогачево, на серпентин.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Франција Категорија:Флора на Шпанија Категорија:Флора на Италија Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Лотоси