Копитник (науч. Asarum europaeum) ― вид цветно растение од семејството копитници (Aristolochiaceae), по потекло од умерена Европа, а исто така се одгледува и во градини. Тоа е ползечко зимзелено повеќегодишно растение со сјајно зелени листови во форма на бубрег и осамени мат виолетови цветови скриени од листовите. Иако неговите корени имаат арома на ѓумбир, не е тесно поврзан со вистинскиот кулинарен ѓумбир (Zingiber officinale). Ова растение понекогаш се бере за употреба во бурмут, а исто така и во медицината како средство за повраќање. ФДА предупредува да не се консумира, бидејќи е нефротоксичен и содржи моќна канцерогена аристолохична киселина.
Опис Растение со дебел, ползечки и разгранет ризом. Стеблото е кусо, 2-5 см, полегнато, влакнесто, со 2-5 листа. Листовите во основата се со кафеави лушпи, ламината бубреговидна или срцевидна, поширока од должината, коѓеста, горната страна темно зелена и светликава. Цветовите се поединечни, на врвот на стрелото, правилни, долги околу 15 мм. Прашници има 12, со шиловидни израстоци и со куси филаменти.
Распространетост и живеалиште Asarum europaeum има широка распространетост во Европа. Се протега од јужна Финска и северна Русија на југ до јужна Франција, Италија, поранешна Југославија и Бугарија. Отсуствува на Британските Острови и Скандинавија, а исто така и од северозападна Германија и Холандија. Во Европа, растението се одгледува надвор од својот ареал во Обединетото Кралство, Данска, Шведска, Норвешка и Холандија.
Во Македонија Во Македонија е доста често растение, кое расте по влажни и засенчени букови шуми. Познато е реичиси за сите планини и клисури во појасот на буковите шуми.Кирил Мицевски: Флора на СР Македонија, том 1, св. 1, стр. 86, МАНУ, Скопје, 1985
Во поновата флористичка литература се наведува само подвидот: Asarum europaeum var. romanicum (Kukkonen)
Фото галерија
Наводи
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Копитници Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа