Мито Миовски (Косинец, 2 октомври 1936 – Скопје, 2015) — македонски јазичар и славист, пензиониран професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Животопис Роден е на 2 октомври 1936 г. во костурското село Косинец, Егејска Македонија. За време на Граѓанската војна во Грција, во 1948 г. тој принудно заминал како дете бегалец во Чехословачка, каде што стекнал основно, средно и високо образование. Дипломирал во 1968 г. на Филолошкиот факултет во Скопје, во групата Македонски јазик со руски јазик и книжевност. На истата група во 1974 г. магистрирал на филолошки науки, по завршените постдипломски студии и по одбранетиот магистерски труд „Лексиката на Јоаким Крчовски“. Во 1990 г. ја одбранил докторската дисертација со наслов „Лингвистичка анализа на Хлудовиот (Лобковичев) паремејник“. По завршувањето на студиите, Миовски работел во Одделението за историја на македонскиот јазик при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (1968–1971). Од 1971 г. па сѐ до своето пензионирање во 2002 г. бил член на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици (КМЈЈЈ), првобитно како асистент, потоа како предавач и виш предавач, и од 1993 г. како редовен професор за предметите Старословенски јазик и Споредбена граматика на словенските јазици.

Миовски работел уште како учител по чешки јазик во некогашната ЧССР, како лектор на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) и како предавач на додипломски и на постдипломски студии на Филолошкиот и на Филозофскиот факултет при УКИМ. Бил и раководител на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици во два мандата (1991–1993, 1993–1995).

Починал во 2015 г. во Скопје.

Трудови Автор е на голем број научни трудови, статии и прилози објавени во домашни и странски зборници, главно од областа на палеословенските студии, но и од поновата историја на македонскиот јазик:

1972: Nazwy geograficzne okręgu Azot w Macedonii (коавторство) 1977: Белешки за топонимијата од Костурско 1980: Лексиката во текстовите на Јоаким Крчовски 1988: Лексиколошки аспекти на делото „За македонцките работи“ 1993: Кон проблематиката на лексичкиот корпус на Сердарот од Григор Прличев 1996: Хлудов паримејник 1996: Односот на К. П. Мисирков кон лексичкиот подбор 1997: Лексиката на македонските паримејници наспрема старословенскиот лексички фонд 1998: Кон проблемот за провениенција на црковнословенските ракописи 1999: Социолингвистички аспекти на ојконимијата во Леринско 1999: Одразот на екстралингвистичките фактори во македонската и чешката јазична дејност

Наводи

Категорија:Македонски јазичари Категорија:Македонски слависти Категорија:Професори на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ - Скопје Категорија:Деца бегалци