Јулијан Рајерсон (роден на 17 ноември 1997 г., во Флекерфјорд) — норвешки фудбалер, играч од одбраната на Борусија Дортмунд и на норвешката репрезентација.

Биографија Таткото на Рајерсон е роден во Бруклин во САД, а неговата мајка во Норвешка. Тој имал двојно државјанство, норвешко и американско, но во 2023 се откажал од американското државјанство. Тој е братучед на норвешкиот фудбалер Матијас Расмусен.

Клупска кариера Викинг Рајерсон потпишал за Викинг од Лингдал во летото 2013 година. Тој имал пробив во првиот тим на Викинг во 2016 година, играјќи 18 натпревари во норвешката прва лига. Во таа сезона тој главно играл на позицијата десен бек. Следната сезона, тој одиграл најмногу натпревари за Викинг, вкупно 30 во сите конкуренции и постигнал три гола.

Унион Берлин Во јули 2018 година, Рајерсон потпишал тригодишен договор до 2021 година со Унион Берлин, кој играл во втората Бундеслига. По промоцијата во Бундеслигата, тој го постигнал својот прв гол за клубот во поразот од 5–2 на домашен терен против Бајерн Минхен на 30 октомври 2021 година во сезоната 2021–22. Еден месец подоцна, на 25 ноември, тој го постигнал својот прв гол во европските натпреварувања, во победата од 1–0 на гостински терен против Макаби Хаифа во УЕФА Лигата на конференции. Тој го продолжил својот договор со Унион Берлин до јуни 2023 година. Во петте сезони во дресот на Унион Берлин, тој одиграл вкупно 108 натпревари за клубот во сите конкуренции.

Борусија Дортмунд

На 17 јануари 2023 година, Рајерсон потпишал договор за Борусија Дортмунд со важност до јуни 2026 година, заменувајќи го повредениот Тома Меније. Една недела подоцна, на 25 јануари, тој го постигнал совојот прв гол за новиот клуб во победата од 2–1 на гостински терен против Мајнц 05. Следниот месец, тој го имал своето деби во Лигата на шампионите, во победата од 1–0 над Челси во првиот натпревар од шеснаесетфиналето. На 30 март 2024 година, тој постигнал гол во победата од 2–0 на гостински терен над Бајерн Минхен, што било прва победа на Борусија Дортмунд над ривалот по 2019 година и прва победа на Алијанц Арената во 10 години. На 13 февруари 2026 година, тој бил асистент на четири голови, сите од нафрлени топки, во победата од 4–0 над Мајнц 05, станувајќи само четвртиот фудбалер во историјата на Бундеслигата, како и вториот играч во историјата на Борусија Дортмунд, по Паскал Грос, кој забележал таков подвиг. Во сезоната 2025–26, Рајерсон бил играч со најмногу асистенции за Борусија Дортмунд, асистирајќи на вкупно 17 гола, од кои 14 биле постигнати во Бундеслигата.

Репрезентативна кариера

Рајерсон забележал настапи за репрезентациите на Норвешка до 17 години, 19 години и 21 година. На 18 ноември 2020 година, тој го одиграл својот прв натпревар за сениорската репрезентација на Норвешка, во ремито од 1–1 против Австрија во Лигата на нации.

На 21 мај 2026 година, Рајерсон бил именуван во составот од 26 играчи предводен од норвешкиот селектор Столе Солбакен за Светското првенство 2026.

Наводи

Надворешни врски

Профил на мрежното место на Борусија Дортмунд

Категорија:Родени во 1997 година Категорија:Норвешки фудбалери Категорија:Фудбалери од Бундеслигата Категорија:Фудбалери на ФК Унион Берлин Категорија:Фудбалери на ФК Борусија Дортмунд Категорија:Фудбалери на Светско првенство 2026