Румелифенер () е населено место во округот Саријер, во европскиот дел на Истанбул, Турција. Се наоѓа на северниот крај на Босфорот, во близина на неговото влевање во Црното Море. На спротивната, азиска страна, се наоѓа Анадолуфенер. Местото е познато по својот светилник и по османлиското утврдување изградено за заштита на северниот влез во Босфорот.
Историја Името Румелифенери значи „Румелиски светилник“, при што „Румели“ се однесува на европскиот дел на Османлиското Царство, а „фенер“ на светилник. Местото во византискиот период било познато како Фанаријански ’Рт и било поврзано со навигацијата низ Босфорот. Според традицијата, на ’ртот се користеле огнови за да им служат како ориентир на морепловците.
Во османлискиот период на местото било изградено крајбрежно утврдување, познато како Румелифенериска тврдина (Rumeli Feneri Kalesi) или Топчу калеси. Тврдината имала артилериска и стратешка функција и служела за контрола на северниот влез во Босфорот. Нејзината точна дата на изградба не е целосно утврдена, а во изворите се поврзува со османлиските одбранбени мерки од XVII и XVIII век.
Во XIX век Румелифенери било било населено со православни Грци. Населението главно се занимавало со рибарство. Во селото постоела црква посветена на Свети Ѓорѓи, како и агијазма. Грчкото население останало присутно до почетокот на XX век.
Современиот светилник бил изграден во рамките на подобрувањето на навигацијата во Босфорот во периодот на Кримската војна (1853–1856). Бил изграден од француски инженери, заедно со светилникот на Анадолуфенери на спротивниот брег. Румелифенери започнал да функционира на 15 мај 1856 година. Светилникот е камена, осмоаголна кула со височина од околу 30 метри и се наоѓа на височина од околу 58 метри над морското ниво. До 1933 година со него управувале француските власти, по што бил преземен од турската држава.
По Грчко-турската размена на населението од 1923 година, грчкото население на Румелифенери било иселено. Денес местото има карактер на мало крајбрежно населено место и е дел од градското подрачје на Истанбул.
Румелифенери има стратешко значење поради својата положба на северниот влез во Босфорот, кој претставува главна поморска врска меѓу Црното Море и Мраморното Море. Светилникот и тврдината се негови најзначајни историски објекти.
Категорија:Босфор