Geum rivale — цветно растение од родот Geum во рамките на семејството Rosaceae. Потекнува од умерените региони на Европа, Средна Азија и делови од Северна Америка. Расте во мочуришта и влажни ливади, и произведува црвени цветови од мај до септември.

Опис Многугодишно тревесто растение со кус и дебел ризом, кој на врвот е обвиен од остатоци од изумрени листови. Стеблото обично поединечно, 20-40 цм високо, само во најгорниот дел разгрането, во долната половина светлокафеаво и со долги свртени надолу влакна, а во горната половина црвеникаво-кафеаво и со густи куси и ретки долги расперени влакна, а покраај нив и жлездести влакна. Базалните листови големи со долги дршки, перести, терминалното ливче најголемо, со обратно-јајцевидно-круглеста форма, во основата клиновидно стеснето, обично подлабоко насечено на три дела, а тие пак се просто или двојно напилени. Паровите на поголемите ливчиња алтернираат со парови на многу мали ливчиња кои се неправилно напилени. Листовите на горната страна со прилегнати влакна, на долнта страна влакната се поретки, но погусти се по жилите. Прилисниците со целата должина сраснати со лисната дршка. Горните стеблени листови тројни, многу помали и неправилно назабени, прилисниците јајцевидно-ланцетни, на врвот заострени, целокрајни, во основата сраснати со лисната дршка. Соцветието со 2-5 цвета, на долги темновиолетови дршки, со густи бели и повече клеточни жлездести влакна. Цветовите големи, 5 или 6 члени, како ѕвонци висат надолу, по прецветување се исправуваат. Чашката темновиолетова, со куси и долги бели и ретки жлездести влакна, чашкините ливчиња триаглесто-ланцетни, со заострен врв, ливчињата на епикаликсот линејни и достигнуваат до половината на чашкините ливчиња. Венечните ливчиња 8-10 ммдолги односно малку покуси или малку подолги од чашката, кремови или розови, широко-обратно-јајцевидни или срцевидни, одеднаш се стеснваат во клинест дел и долго остануваат на растението и по прецветувањето. Оревчињата во голем број на една густо четинесто-влакнеста оска, долга 5-10 мм, оревчињата влакнести, рострумот долг, лачно искривен надолу, црвеникав и влакнест.

Распространетост Geum rivale е широко распространет во Европа, особено во северните и централните делови. Се среќава низ Британските Острови, Фарските Острови, Исланд, Скандинавија, Балтичките држави и поголемиот дел од Централна Европа (до надморска височина од 2400м во Алпите и 2,100 во Карпатите). Отсутен е во Панонската Низина и западна Франција; на Италијанскиот Полуостров, се наоѓа на расфрлани локации во северните и централните Апенини, додека на Иберискиот Полуостров е ограничен помеѓу 1000 м и 2200м во Кантабриските Планини, Пиринеите и планините Сиера Невада и Сиера де Казорла на југ. Расте и во планините на Балканскиот Полуостров (во Бугарија неговиот висински опсег е 1200–2100м), Кавказ, северна Анадолија и северозападен Иран. Исто така, домородно е во северна Украина и централните и северните делови на европска Русија, од Западен Сибир до регионот Сајани — Ангара на исток, како и од делови од Централна Азија (областите Џунгарија и Тарбагатај и Тианшан).

Geum rivale е исто така домороден во широк регион во Канада и САД.

Распространетост во Македонија Geum rivale во Македонија расте по влажни и тресетни места и покрај планинските потоци на надморска височина од 1,500 м. до 2,400 м. Познат е за Шар Планина, Кораб, Горна Радика и Горно Луково Поле. Исто така се посочува за Струмица — с. Смолари, клисурата на р. Треска, Рудока како и Скопска Црна Гора.

Живеалиште Растението е автохтоно повеќегодишно растение на бавно дренирачки или влажни почви и може да толерира благо кисели до варовнички услови на целосно сонце или под делумна сенка. Може да расте покрај брегови на потоци и езерца, влажни листопадни шуми и ливади со сено.

Во Велика Британија се јавува на слабо дренирани неутрални и кисели почви на низините и планинските рабови. Се среќава низ сите Британски острови, со исклучок на југоисточна Англија, западните острови на Шкотска и делови од средниот дел и западниот дел на земјата.

Екологија Geum rivale се опрашува првенствено од пчели, а поретко од муви и бубачки. Како што цветот созрева, издолжувањето на прашниците осигурува дека се самооплодува ако веќе не е вкрстено опрашен. Стигмите на цветовите созреваат пред прашниците. Почнува да цвета малку порано од G. urbanum, па затоа раните опрашувања се во рамките на генскиот фонд на еден вид. Семето е со боцки и се шири откако ќе се фати во крзното на зајаците и другите мали цицачи и преку ризомален раст.

Наводи

Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Незагрозени видови според МСЗП Категорија:Флора на Македонија