Coronilla varia (синоним: Securigera varia) — повеќегодишен тревест вид на растениe од фамилијата бобови опишан од Карл Линеј. Домороден вид е на Африка, Азија и Европа и најчесто се користи низ САД и Канада за контрола на ерозијата, садење покрај патиштата и санација на почвата. Станато е инвазивен вид во многу држави на САД.
Опис Coronilla varia е повеќегодишно тревесто растение, 20–80 см високо, обично голо или со долги, сплескани влакна. Стебленцата прилегнати или придигнати, со изразени остри ребра. Листовите со куси дршки, со 5–12 пара ливчиња; прилисниците слободни, ланцетни, 2–6 мм долги; ливчињата зелени, со куси дршки, обратно-јајцевидно-ланцетни до долгнавести, 6–20 мм долги, 3–12 мм широки, на врвот рамни или заокруглени, со осилче, во основата исто така заокруглени.
Соцветијата се со 10–20 цветови; брактеите мали, околу 1 мм долги, со виолетов врв; дршката на соцветието подолга од пазувниот лист; цветните дршки 1,5–3 пати подолги од чашката. Чашката широко-ѕвонеста, гола, околу 1,5 мм долга, со широкотриаголни запци и заострено врвче. Венчето е 10–12 мм долго, розово до розововиолетово, особено барјачето, додека крилцата и лаѓичката се бели; врвот на лаѓичката е клуновиден и виолетов. Клинестиот дел на венечните ливчиња е двапати подолг од чашката.
Мешунките се 20–80 мм долги, прави, исправени нагоре, на врвот со срповиден клун, со слабо изразено начленување, со 3–8 членчиња, обично 4–6 мм долги, четириаглести и со остри агли.
Таксономија Securigera varia го добила својот прв научен опис во 1753 година од Карл Линеј под името Coronilla varia. Во 1989 година, Пер Ласен предложил да се префрли во родот Securigera, кој бил создаден од Огистен Пирам де Кандол во 1805 година.
Од 2024 година точната класификација на видот е неизвесна. Во бази на податоци како што се Plants of the World Online, World Flora Online, и Legume Data Portal, Coronilla varia е наведено како прифатено име. Од друга страна, Securigera varia е наведено како прифатено име во ресурси како што се Flora of the Southeast United States, World Plants, и Новозеландскиот регистар на организми.
Варијабилност
Coronilla varia var. varia — соцветијата се со повеќе од 10 цвета. Coronilla varia var. pauciflora — соцветијата се со од 5 до 10 цвета.
Распространетост во Македонија Coronilla varia расте по ливади, тревести места, сипари и рабови на шуми на надморска височина до 1650 метри, тоа е широко распространето растение на целата територија на Македонија.
Неговите варијабилности се среќаваат на различни места во Македонија:
Coronilla varia var. varia — широко распространето растение на територијата на Македонија. Coronilla varia var. pauciflora — се среќава на планината Кораб и планината Кожуф, а Черњавски во 1943 година го посочил и за планината Јабланица.
Фуражна култура Coronilla varia е отровно за коњите и другите непреживари поради присуството на нитрогликозиди. Доколку се консумира во големи количини, може да го забави растот, па дури и да доведе до парализа и смрт. Сепак, ова не важи за преживарите како што се говедата, козите и овците. Овие алифатични нитро соединенија се разградуваат при варењето на храната кај преживарите и не влијаат врз животните.
Coronilla varia бил етикетиран како лоша храна за домашните животни, но неодамна според нови истражувања се смета за добра храна кога се храни како сено или се користи како храна за преживари.Burns JC, Cope WA. Се состои од 21,7% сурови протеини и 22,2% сурови влакна.Reynolds PJ, Jackson C, Lindahl IL, Henson PR. Во експеримент за варењето на растението кај овците, откриено е дека суровите протеини се 65,6%, а суровите влакна се 46,2% сварливи. Како што претходно било споменато, ова се однесува само на преживари бидејќи е отровно за непреживарите.
Coronilla varia е идентификуван како инвазивен вид во неколку држави од среднозападниот дел на САД. Многу е тешко да се искорени откако ќе се воспостави.Indiana Dept of Natural Resources
Исто така, тоа е вообичаено растение домаќин за молецот Zygaena ephialtes.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година