Hippocrepis ciliata — едногодишен вид на растение од родот Hippocrepis од фамилијата бобови опишан од Карл Лудвиг Вилденов. Според Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Hippocrepis ciliata е едногодишно голо растение или со многу ретки влакна, 10–25 см високо. Стеблото од основата и по целата должина е разгрането. Листовите се непарно-перести, со 3–6 пара ливчиња; ливчињата линејни до долгнавести, 5–15 мм долги и 0,5–3 мм широки, на горната страна се голи, а на долната се со ретки прилегнати влакна, на врвот се плитко всечени, во основата клиновидни; лисната дршка и рахисот со ретки куси прилегнати влакна; прилисниците слободни, копјести, со ретки влакна по работ и со една темновиолетова жлезда во основата, на местото каде што се допираат со лисната дршка.
Соцветијата со 2–6 цвета, а цветовите често се среќаваат и поединечно; дршката на соцветието 2–4 см долга, односно долга колку пазувниот лист. Цветовите 3–5 мм долги. Чашката околу 2,5 мм долга, ѕвонеста; запчињата тесно-триаглести и сите со иста должина. Венчето жолто; долниот дел на барјачето исправен нагоре, скоро округлест, 3 мм долг и одеднаш стеснет во 2 мм долг клиновиден дел, кој има облик на јака дршка; крилцата обратно-јајцевидни, тапи и со долг клиновиден дел; лаѓичката завршува со кус клун.
Мешунката е 15–25 мм долга, околу 3 мм широка, малку лако искривена, странично расперена и странично сплескана; членчињата со кружни вдлабнатини и со долги папили на долната страна на кружната вдлабнатина.
Распространетост во Македонија Hippocrepis ciliata расте по брдски пасишта на варовничка подлога во потоплите делови на Македонија на надморска височина до 600 метри. Растението се среќава во Скопје околината на градот, Водно, с. Катланово и Катлановска Бања, пл. Жеден; Жеденска Клисура; Тетово - с. Рогачево; Куманово - с. Пчиња, кај местото „Краста“; Таорска Клисура; клисура на р. Пчиња; Велес околината на градот, Гроот, Башино Село, с. Сојаклари, с. Ногаевци, историското с.ело Енешово (Солен Дол); клисура на р. Тополка; клисура на р. Бабуна; Штип; Св. Николе - с. Делисинци, Богословец, жел. ст. Овче Поле; Кавадарци - Полошки Манастир; Неготино - с. Џидимирци; Струмица - Чам Чифлик и р. Тракајна (Г. Црвен-Мицев); Гевгелија, Стар и Нов Дојран и кај местата „Асанли“ и „Ѓопчели“.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Малта Категорија:Hippocrepis