Hedysarum macedonicum — повеќегодишен тревест вид на растение од родот Hedysarum од фамилијата бобови опишан од Џозеф Фридрих Николаус Борнмилер. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.
Опис Hedysarum macedonicum е повеќегодишно тревесто растение, високо 20–40 см, од основата разгрането и со прилегнати влакна. Листовите се непарно-перести, со 12–16 пара ливчиња; ливчињата елиптични или обратно-јајцевидни, на горната страна голи и со многубројни кафеави жлездести точки, а на долната страна со прилегнати влакна. Прилисниците се мали, тенко-кожести и брзо отпаѓаат. Соцветијата се пазувни, долги и гроздовидни, со многу долги дршки; цветовите 15–30 во соцветието. Брактеите се копјести, црвеникави и брзо отпаѓаат, а брактеолите по две, линејно-копјести, црвеникави и влакнести, остануваат на чашката. Цветовите околу 14–15 мм долги. Чашката е трубеста, со густи прилегнати влакна; запците линејни, со долги тенки кончести врвови, горните покуси од долните. Венчето пурпурно-виолетово; барјачето обратно-јајцевидно и на врвот всечено, крилцата покуси од барјачето, а лаѓичката подолга од останатите делови на цветот, на врвот широка и тапа. Прашниците се диаделфни. Мешунката е со 2–3 јајцевидни, странично сплескани сегменти, мрежесто набрчкани, со густи куси прилегнати влакна и долги црвеникави четинки.
Варијабилност
Hedysarum macedonicum f. macedonicum — цветовите се пурпурно-виолетови. Hedysarum macedonicum f. albiflorum — цветовите се бели.
Распространетост во Македонија Hedysarum macedonicum расте по брдски пасишта и по сипинари на лапор до надморска височина од 550 метри. Неговите варијабилности се среќаваат на различни места во Македонија:
Hedysarum macedonicum f. macedonicum — подрачјето помеѓу Велес, Штип и Демир Капија, и тоа: Велес - с. Градско, с. Уланци, историското село Енешово; Св. Николе во с. Делисинци; Неготино - кај железничката станица, кај с. Криволак и Орлово Брдо; пл. Серта. Hedysarum macedonicum f. albiflorum — Велес кај историското село Енешево, селото Криволак и Орлово Брдо во Неготино.
Наводи
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Hedysarum