Onobrychis degenii — македонско ендемски повеќегодишен тревест вид на растение од фамилијата бобови. Во Каталогот на живот не се наведени подвидови.

Опис Onobrychis degenii е повеќегодишно тревесто растение, од основата разгрането, со повеќе стебла, 30–50 см високо, со ретки долги прилегнати влакна; влакната се до 2 мм долги. Стеблата се вертикални, скоро неразгранети и со голем број цветови. Базалните и долните стеблени листови со долги дршки, а погорните со покуси дршки. Листовите се непарно-перести, со 6–10 пара ливчиња; ливчињата копјести до долго-копјести, 12–20 мм долги, 2–4,5 мм широки, на врвот заострени, на горната страна зелени и со ретки влакна, а на долната страна сиво-зелени од густите прилегнати влакна; прилисниците густо бело-влакнести, сраснати преку поголемиот дел од должината, а слободните делови копјести или линејно-копјести.

Соцветијата се цилиндрични, со густо збиени цветови, кои по прецветувањето се издолжуваат; дршките на соцветијата густо влакнести, 2-пати па и повеќе пати подолги од пазувните листови, до 20 см долги; брактеите ципести, бели, по работ влакнести, копјести, 4–5 мм долги, со долг зашилен врв; брактеолите линејни, тенки, околу 1,5 мм долги, бели и ципести.

Чашката е околу 10 мм долга, густо влакнеста; запците на чашката линејно-шиловидни, 3-пати подолги од трубестиот дел на чашката. Венчето екремово; барјачето голо, 10–12 мм долго, околу 8 мм широко; крилцата околу 5 мм долги, лаѓичката долга околу 8 мм и малку покуса од неа, на врвот тапа.

Мешунките се дисковидно сплескани, полукружлести, со триаглест долен дел, 7–10 мм долги, со долги влакна по површината и со 3–4 куси јаки боцки, а крилестиот грбен раб со 2–3 долги боцки.

Распространетост во Македонија Onobrychis degenii расте по варовнички карпи на надморска височина од 750 до 850 метри. Овој вид е македонски ендемит и е познат единствено во Кавадарци кај селото Мајден (пл. Кожуф).

Наводи

Категорија:Флора на Европа Категорија:Ендемска флора на Македонија Категорија:Флора на Македонија Категорија:Бобови