Lysimachia nummularia или полегната метлика — вид тревесто повеќегодишно цветно растение од семејството јаглики (Primulaceae). Опис Lysimachia nummularia е голо растение чие стебло е долго 10–50 см, прилегнато или ползечко, слабо разгрането и со четириаголна форма. Неговите листови се поставени спротивно, но и покрај тоа сите се поставени во една рамнина. Имаат тркалезна или благо елипсовидна форма со мазни (цели) рабови, додека при основата се заоблени или малку продолжени. Се држат на многу кратки дршки, а по нивната површина се забележуваат црвени жлездени точки. Цветовите се поединечни, развиени во пазувите на листовите, со долги дршки што можат да бидат покуси или подолги од листот во чиј пазув се наоѓаат. Чашката има должина од 7 до 10 мм. Нејзините чашкини ливчиња се сосема раздвоени сè до основата, при што на самиот врв завршуваат со шпиц, а во долниот дел имаат срцевидна форма. Венчето е жолто, долго 8–15 мм, поделено на пет обратно-јајцевидни, тапи и целосни делови; одвнатре има темноцрвени точки и ситни бледи жлезди, а по рабовите густо покриено со кратки жлездести влакна. Прашниците се два до трипати покуси од венчето и нееднакво долги; нивните филаменти се споени во основата во форма на трубичка (цевка), а однадвор покриени со густи кратки жлездести влакна. Столпчето е нешто подолго од прашниците. Плодната кутијка е топчеста, долга околу 3 мм, покуса од чашката и се формира ретко. Распространетост Растението потекнува од Европа, но е пренесено и во Северна Америка, каде што во одредени области се смета за инвазивен вид. Многу брзо се шири во поволни услови, особено на ниски влажни терени или во близина на езера. Може да се отстранува со рачно плевење, но мора темелно да се извлечат сите стебла и нивни парчиња за да не пуштат корени и пак да не израснат.
Во Македонија најчесто расте на влажни места, како што се влажните ливади и областите покрај потоците, до 1400 метри надморска височина. Тој е широко застапен и може да се најде на целата територија на Македонија. Етимологија Специфичниот епитет nummularia има латинско потекло и се преведува како „како паричка“, што директно ја опишува морфологијата на лисната плоча. Оттука произлегуваат и народните имиња на растението кои асоцираат на монети.
Хемиски состав Растението содржи голем број фенолни киселини. Галерија
Наводи
Надворешни врски
Jepson Manual Treatment (инвазивни видови) Галерија со фотографии од УЦ
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Европа Категорија:Незагрозени видови според МСЗП