Lysimachia atropurpurea — вид тревесто повеќегодишно цветно растение кое припаѓа на родот Lysimachia, од семејството јаглики (Primulaceae). Природно се јавува на Балканот и во Турција. Се одгледува ширум светот во градините претежно поради препознатливата, темна пурпурна боја на неговите цветови.
Опис и распространетост Lysimachia atropurpurea е растение високо до 60 см, чие вертикално стебло најчесто е неразгрането или разгрането од самата основа. По целата должина има густи, куси и жлездести влакна. Листовите се поставени спирално, имаат линејно-ланцетаста до ланцетаста форма и должина од 3,5 до 8 см. Имаат сиво-зелена боја и од двете страни се покриени со ситни, кратки жлездести влакненца. На врвот се заострени, по рабовите набрчкани, а кон основата постепено се стеснуваат, при што најдолните листови имаат кратки дршки, додека горните се приседнати и во своите пазуви носат кратки гранчиња. Цветовите се организирани во класовидно соцветие и се седечки (приседнати) или имаат сосем кратка дршка. Оската на соцветието, како и самите цветни дршки, се прекриени со многу ситни жлездести влакненца. Чашката е со должина од околу 4 мм и е насечена подлабоко од половината на 5 делови. Делови на чашката се широко-ланцетасти, голи и заострени на врвот, а во нивната горна половина имаат пурпурна боја. Венчето е со темнопурпурна боја и должина од 6 до 7 мм, поделено речиси до самата основа. Венечните делови се линејно-ланцетасти, за 1 до 2 мм подолги од чашката, имаат пурпурна нијанса и се заострени на врвот. Прашниците се со различна должина. Филаментите се подолги од венчето, а во својата основа се прстеновидно сраснати меѓу себе и се споени со основата на венчето. Столпчето е пократко од прашниците, цврсто и трајно останува прикачено на плодната кутијка. Плодната кутијка е топчеста, со дијаметар од 3-4 мм.
Во Македонија расте на суви тревни терени, по меѓи на ниви, крај патишта, реки и други живеалишта. Се среќава во Таорската Клисура, клисурата на Мавровска Река, Прилеп, Мариово - мостот Расим-беј, Валандово - с. Ајранли, Гевгелија - Смрдлива Вода, с. Перово, с. Богородица и с. Негорци, како и во Струмица - Моноспитовско Блато.
Галерија
Наводи
Надворешни врски Шведска база на податоци за култивирани растенија
Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Македонија