Lysimachia arvensis или полско огнивче (син. Anagallis arvensis) — вид тревесто едногодишно цветно растение со светли обоени цветови. Природно потекнува и се среќава низ цела Европа, како и во регионите на Западна Азија и Северна Африка. Луѓето значително го рашириле овој вид, садејќи го намерно за украс или пренесувајќи го ненамерно. Денес е прилагоден за живот речиси насекаде на планетата, ширејќи се низ двете Америки, Азија, Океанија и јужниот дел на Африка.
Ова распространето европско растение, кое најчесто се третира како плевел, обично успева на полесни почви, но по потреба се прилагодува и на глинест терен. Самото име потекнува од вулгарнолатинскиот корен за „биберче“, кој преку старофранцускиот и средноанглискиот јазик ја добил денешната форма. Опис и распространетост Lysimachia arvensis припаѓа на родот Lysimachia, од семејството јаглики (Primulaceae). Тоа е ниско едногодишно растение со висина од 5 до 30 сантиметри, кое се одликува со разгранета структура и долги гранчиња што често се полегнати по земјата. Има четириаголно стебло, чии млади делови првично се покриени со густи жлездести влакненца кои подоцна паѓаат. Неговите листови се поставени спротивно (поредко по три во круг), со јајцевидна до копјеста форма и должина од 5 до 20 милиметри. Тие се без дршка (приседнати), со цели рабчиња кои се ситно запчести, имаат затапен или зашилен врв, а од двете страни се прошарани со ситни жлездести точки. Цветовите растат поединечно во пазувите на горните листови, поставени на тенки дршки долги до 30 мм, кои најчесто се за 2 до 2,5 пати подолги од самиот лист. Додека цветаат, овие дршки се исправени, а откако ќе прецветаат, се свиткуваат надолу. Цветовите на ова растение се отвораат само кога сјае сонцето, па дури и се затвораат во облачни услови. Чашката има должина од 3,5 до 5 мм и е речиси целосно разделена на тесни, јајцевидно-копјести и зашилени ливчиња; тие имаат широк опнест раб, додека по средината се ситно запчести и гребеновидни. Венечните ливчиња се широко отворени, со должина еднаква или поголема од чашката, а нивната боја е црвена или сина. Венчето е длабоко разделено на пет обратно-јајцевидни до овални делови со затапен врв (кој може да биде цел или запчест) и со ситни жлездести влакненца по рабовите, завршувајќи со меуреста клетка. Прашниците се скоро двојно пократки од венчето и имаат различна должина. Нивните држачи (филаменти) се покриени со ретки, долги влакна, а во основата се меѓусебно споени во прстен и се прицврстени за долниот дел од венечната цевка. Плодната кутија е топчеста со должина од 4 до 6 мм, која на врвот го носи столпчето и се отвора со кружен капак. Во неа се наоѓаат темнокафеави семиња со густо брадавичеста површина.
Во Македонија расте на влажни места, по нивите, меѓите, пасиштата, ливадите и други станишта. Претставува широко распространето растение во низинските делови до 1100 метри надморска височина.
Медицинско и земјоделско значење Ова широко распространето инвазивно растение не е пожелно на пасиштата бидејќи содржи отровни материи штетни за животните. Поради горчливиот и лут вкус, добитокот избегнува да го пасе, освен кога нема друг избор. Истражувањата покажале дека неговото консумирање предизвикува тешки стомачни проблеми кај животните (како коњи и кучиња), а во поголеми количини може да биде и смртоносно. Исто така, растението претставува опасност за живината и зајаците, додека неговото семе е токсично за птиците.Watt, John Mitchell; Breyer-Brandwijk, Maria Gerdina: The Medicinal and Poisonous Plants of Southern and Eastern Africa 2nd ed Pub.
Надвор од неговите изворни региони, ова растение поретко се користи во народната медицина. Традиционално се применувало надворешно за рани и чиреви, а внатрешно како средство за искашлување и за третирање ревматизам, хемороиди, кожни и бубрежни заболувања, па дури и за психички растројства и депресија (од каде го добила и германското име Gauchheil). Сепак, за повеќето од овие медицински примени недостасуваат научни и клинички докази, а во фармацијата растението е познато под името Arvensis Herba.
Ова растение делува како природен репелент против инсекти поради силното етерично масло, но е исклучително штетно за луѓето и животните. Кај луѓето, неговото голтање предизвикува силна мачнина и болки, а самиот допир со листовите може да предизвика иритација на кожата. Добитокот го избегнува на пасиштата, но доколку го изеде во поголеми количини (или преку контаминирана сточна храна), доаѓа до сериозни оштетувања и отруеност. Исто така, неговата употреба во народната медицина за чистење пијавици кај кучињата може да биде смртоносна ако течноста се проголта.
Билката и нејзиното семе содржат сапонини, што би можело да објасни зошто свежиот материјал е силно хемолитички. Покрај другите можни гликозиди, коренот го дава тритерпеноидниот гликозид цикламин кој е многу токсичен и се јавува кај видовите циклама (Cyclamen), исто така член на подсемејството <i>Myrsinoideae</i>.
Овој вид содржи танини, горчливи состојки и ензимот примвераза кој ги разградува протеините.
Антибактериските тестови на зелените делови од растението не покажле никаков значително позитивен ефект. Галерија
Наводи
Литература Harvey Wickes Felter and John Uri Lloyd (1898) King's American Dispensatory.
Надворешни врски
Ботаничко друштво на Конектикат: Anagallis arvensis Профил на растенија од USDA: Anagallis arvensis Ploi - Водич за нега на растенија: Anagallis arvensis
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Африка Категорија:Флора на Македонија