Белградска синагога (), официјално синагога „Сукат шалом“ () — ортодоксна еврејска заедница и синагога, сместена во средиштето на Белград, Србија.

Белградската синагога, која денес е единствената функционална синагога во земјата, била прогласена за национално културно добро во 2013 година.

Историја Историјата на Евреите во Белград може да се документира уште од османлиското освојување на Белград во 1521 година. Недолго потоа, во средината на XVI век, сефардските Евреи почнале да се населуваат во поголем број. Според податоците од пописите во 1567 и 1573 година, во градот постоеле неколку еврејски заедници и три синагоги. Во текот на XVII век, еврејското население се населило во областа близу до брегот на реката Дунав, позната како Џалије (од турскиот збор yalı, буквално „брег“). Животот на Евреите почнал да се подобрува откако Србија тргнала по патот кон независност во првата половина на XIX век, а еднакви граѓански права им биле доделени по Берлинскиот конгрес (1878).

Населувањето на ашкенаските Евреи во Белград може да се проследи од XVIII век, но заедницата значително се зголемила во средината на XIX век и во првата половина на XX век. На 1 октомври 1869 година била основана посебна ашкенаска заедница, а „Правилата на ашкенаската еврејска заедница“ (како што гласел официјалниот назив во развој) биле утврдени во дваесет члена, кои, меѓу другото, предвидувале основање училиште и место за богослужба. Нивното одобрување од страна на градската администрација ги поставило формалните темели на новата заедница. На почетокот, заедницата изнајмувала зграда на улицата Космајска (денешна Маршал Бирјузов) за своите верски, административни, културни и други потреби. Собирањето средства за поддршка на изградбата на наменски направена, пофункционална зграда започнало во пресрет на Првата светска војна, но камен-темелникот — со повелба на пергамент запечатена во него и потпишана од кралот Александар и кралицата Марија — бил свечено поставен дури по војната, на 15 јуни 1924 година."Илустровани лист"; бр. 26 1924; стр. 5 На свеченоста присуствувале претставници на кралот и на владата на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, претставници на еврејските заедници и на разни претпријатија, како и претседателот на Националното собрание и главниот рабин д-р Алкалај.

Архитектура Планот за изградба бил одобрен во 1923 година. Изградбата започнала на 15 мај 1924 година и траела до 27 ноември 1929 година. Зградата на синагогата, проектирана од архитектот Фрањо Урбан со помош на Милан Шланг, била завршена во 1926 година. Во 1929 година ентериерот бил обновен според планот на архитектот Милутин Јовановиќ. Објектот функционирал како место за богослужба на српско-еврејската заедница од ашкенаски обред до 1941 година.

Во раздобјето 1941–1944 година, за време на нацистичката окупација на Белград, зградата била осквернавена и претворена во бордел. По војната била вратена во својата првобитна функција како синагога за двете заедници на белградските Евреи.

Зградата е проектирана во стилот на академизам со неоренесансни елементи кои доминираат. Градбата се состои од полуподрум, приземје со галерија и два горни ката. Внатрешноста е проектирана мултифункционално, со цел да одговори на различните потреби на еврејската заедница: богослужба, образование, канцелариски и станбен простор. Овој концепт се заснова на верската и општествената улога на синагогата, која треба да обединува три основни функции: место за богослужба, место за учење и место за состаноци на заедницата.

Во полуподрумот се сместени кошер кујна, трпезарија и помошни простории. Средишното приземје со галеријата, наменето за обредни цели, е истакнато и во симболична и во верска смисла. Странично од него, одделени со ѕид, се наоѓаат канцеларии, работна соба и сала за состаноци. На двата горни ката се наоѓаат просториите за живеење. Просторот за молитва е преграден со два реда столбови кои ја поддржуваат галеријата. Предната фасада е симетрична и добросоразмерна, со декоративен акцент поставен на фронтонот со Давидовиот штит — шестокрака ѕвезда затворена во окулус. Средишниот дел од фасадата има четири високи, кружно засводени прозорци кои се протегаат низ приземјето и нивото на галеријата.

Зоната на првиот кат, одвоена од долниот дел со плиток кордонски венец, е повлечена наназад, со што се формира тераса со парапет. Таа е опремена со четири правилно распоредени, кружно засводени прозорци, меѓу кои, според изворните планови од 1923 година, биле предвидени украсни медалјони. Наједноставно обликуваната зона на вториот кат, со своите осум кружно засводени прозорци, е одвоена од првиот кат со декоративен низок венец. Покрај овие елементи на предната фасада кои даваат впечаток на добро избалансирана хоризонталност, вертикалноста е нагласена со два истакнати двокатни странични ризалити, на чиј врв се поставени мали кули, осветлени со засводени отвори од трите страни. Кулите, како јасна алузија на утврдување и на карактерот на Соломоновиот храм, се често користен мотив во архитектурата на синагогите, симболизирајќи ги Јахин и Воаз — столбовите на Соломоновиот храм. Фронтонот над вториот кат го дава последниот вертикален акцент.

Широкото средишно скалиште со три крака, украсено со едноставна балустрада и два улични фенери (столбови), го надополнува целокупниот впечаток за достоинствениот и свечен карактер на зградата. Во однос на распоредот и стилот, скалите се референца на францускиот неокласицизам, односно на северната фасада на Малиот Тријанон во Версај. Архитектонското и естетското обликување на надворешноста дава предност на предната фасада, која е хармонична и добро избалансирана. Декоративниот акцент е ставен на фронтонот, на кој е прикажана Давидовата ѕвезда, затворена во кружен прозорец (окулус).

Вертикалноста е нагласена со високите кружно засводени прозорци во зоната на обредниот простор на синагогата и со истакнатите странични ризалити со кули на врвовите, кои го опкружуваат средишниот дел од фасадата. Молитвената сала е централниот и суштински дел од синагогата. Издолжениот хекал (молитвен простор) на синагогата „Сукат шалом“, кој ги опфаќа приземјето и нивоата на галеријата, е ориентиран во правец исток-запад и е поделен со два реда осумстрани столбови со украсени капители. Столбовите ја поддржуваат галеријата, со што ги обединуваат естетските, симболичните и структурните функции. Касетираниот таван е украсен со цветна рамка.

Најсветиот и најукрасениот елемент е арон хакодеш (светиот ковчег) покрај источниот ѕид на храмот, во кој се чуваат ашкенаските и сефардските свитоци на Тората и хебрејските списи. Тој е опкружен со два столба кои се разликуваат од останатите во хекалот само по тоа што имаат кружен пресек. Овие столбови носат голема мермерна коцка што го симболизира Заветниот ковчег на кој се испишани Десетте Божји заповеди. Овие украсни архитектонски елементи потекнуваат од раздобјето на обновата на осквернавената и опустошена внатрешност по Втората светска војна. Што се однесува до распоредот, синагогата е самостојна зграда сместена во задниот дел од парцелата и затоа не е целосно видлива од улицата. Оваа диспозиција била определена првенствено од историската урбана матрица на четвртата, која се одликува со неправилна улична мрежа и со издолжени парцели.

Евреите во Белград Првите пишани записи за присуството на Евреи во Белград потекнуваат од 16 век, кога градот бил под османлиска власт. Во тоа време Белград се фалел со силна еврејска сефардска заедница што зборувала ладино јазик, претежно населена во средишната белградска населба наречена Дорќол. Ашкенаските Евреи во градот, многу од нив од Средна Европа и блиската Австроунгарија, претежно живееле во близина на реката Сава во областа каде што се наоѓа сегашната активна синагога. Еврејската заедница во Белград најзначајно процветала во 17 век, кога Белград имал ешива (еврејско верско училиште), бројни општински и културни центри, еврејски добротворни организации, друштва и продавници. Прекрасна сефардска синагога од почетокот на 20 век, тогашна една од најзначајните згради во градот, се наоѓала во денешната улица Цар Урош (видете ја сликата десно) комплетна со простории за обредно капење.

Пред Втората светска војна, во Белград живееле околу 12.000 Евреи, од кои 80% биле Сефарди кои зборувале шпански - или ладино, а 20% Ашкенази кои зборувале јидиш. Поголемиот дел од еврејското население во Србија било истребено за време на германската окупација, а само 1.115 од дванаесетте илјади Евреи во Белград преживеале. Во градот во тоа време имало три концентрациони логори за Евреи, Срби и Роми. Повеќето еврејски мажи загинале во местото Автокоманда во близина на центарот на градот, освен оние убиени во логорот Бањица. Логорот Сајмиште бил на територијата на Независна Држава Хрватска и во него најчесто биле убивани жени и деца. Бомбардирањето за време на војната уништило поголем дел од еврејските споменици, како и голем дел од градот. Според некои извештаи, сегашната синагога ја користеле окупаторските сили како бордел. Зградата била повторно осветена по војната.

Од 1944 година во Србија и Белград постоела само многу мала еврејска заедница. Многу од нив се иселиле во Израел по војната. Белград денес има многу активен еврејски општински центар во кој се сместени Федерацијата на еврејски заедници на Србија и Еврејскиот историски музеј. Градот има и неколку комеморативни споменици за страдањето на Евреите во минатите војни.

Во Белград има сефардски и ашкенаски еврејски гробишта, но денес само сефардските се во редовна употреба.

Поврзано Историја на Евреите во Србија

Наводи

Литература

Надворешни врски

Категорија:Згради и градби во Белград Категорија:Координати на Википодатоците Категорија:Споменици на културата во Србија