Скопска матерка или Thymus skopjensis Micevski & Matevski претставува локален македонски флористички ендемит од семејството Lamiaceae (устоцветни растенија), опишан од македонските флористи, академик Кирил Мицевски и проф. Владо Матевски. Се развива во околината на Скопје (с. Нова Брезница) и по текот на реката Треска.

Опис и распространетост Скопската матерка е повеќегодишно тревесто растение кое достигнува висина до 15 см. Ползечкото стебло е неразгрането, а на врвот завршува со неплодни гранчиња. Цветните гранчиња се високи 4-8 см, сериски наредени по должината на стеблото, со кратки влакненца свртени наназад или исправени, распоредени околу четириаголните гранчиња. Листовите се тесни и линејни, со тап врв, долги 5-11 мм и широки околу 0,5 мм, рабовите им се свиткани и покриени со цилии до половина, а од двете страни имаат кратки четинести влакненца и лушпести жлезди. Листовите на неплодните гранчиња се поголеми и најчесто свиткани во форма на срп. Цветовите се групирани во врвни, топчести соцветија, а понекогаш во издолжени и прекинати соцветија составени од 2-3 прешлени. Листовите кај основата на соцветието се малку пошироки, рабовите им се густо покриени со цилии, имаат лушпести жлезди и поединечни прости или жлездести влакненца. Чашката е долга 4-4,5 мм, со трубичка која има ретки лушпести жлезди и ситни жлездести влакненца, долната страна е покриена со прости и жлездести влакна; горните запци се долги 1,2-1,5 мм, а долните околу 2 мм, сите со рабови покриени со цилии. Венчето е долго околу 6 мм, црвено, однадвор покриено со влакненца и лушпести жлезди. Прашниците излегуваат надвор од венчето. Светлокафеавите оревчиња се округли и голи, долги околу 1мм.

Расте на каменести терени и карпи, на варовнички и силикатни (гранитни) подлоги, на височини од 320 до 1200 м.

Варијабилност Thymus skopjensis var. skopjensis - Цветните гранчиња имаат кратки влакненца свртени наназад. Листовите на цветните и неплодните гранчиња се прави или малку свиткани, долги до 12 мм. Листовите кај основата на соцветието содржат лушпести жлезди. Дршката на чашката е покриена со наназад свртени прости влакненца. Се среќава во околината на Скопје: Нова Брезница - Козјак; Македонски Брод: Самоков, Суводол, Барбарос. Расте на варовнички терени. Thymus skopjensis var. drosocalyx - Цветните гранчиња имаат кратки влакненца кои се исправени или полуисправени. Листовите на цветните и стерилните гранчиња се силно свиткани во форма на срп, долги до 20 мм. Листовите кај основата на соцветието се покриени со густи ситни жлездести влакненца. Дршката на чашката е покриена со густи жлездести влакненца. Се среќава во Прилепско: Трескавец, Маркови Кули, Селечка Планина - Слива, Мариово - с. Дуње, Рамниште, Расим-беј мост, с. Вепрчани, с. Бешиште, клисура на р. Сатока, с. Старавина, с. Груниште, с. Будимирци, с. Маково, с. Чаниште, с. Скочивир. Расте на силикатни (гранитни) подлоги. Галерија

Наводи

Категорија:Флора на Македонија Категорија:Матерка Категорија:Ендемска флора на Македонија