Гечерлија (се сретнува и како Нова Гечерлија) — село во Општина Босилово, во областа Струмичко Поле, во околината на градот Струмица.

Географија и местоположба

Селото се наоѓа во западниот дел на подрачјето на Општина Босилово, во Струмичкото Поле, чиј тесен и долг атар се издига дури до сртот на планината Огражден, каде што се допира со подрачјето на Општина Берово, а истовремено се граничи и со соседната Општина Василево. Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 237 метри. Од градот Струмица, селото е оддалечено 17 километри.

До селото може да се стигне преку локални асфалтирани патишта од самиот град Струмица преку Просениково и Сарај, или пак преку исклучување од регионалниот пат 1302 кај селото Петралинци.

Историја Стара Гечерлија

Старото струмичко село Гечерлија се наоѓало на подножјето на планината Огражден, околу 3 километри северно од денешното рамничарско село, помеѓу селата Чанаклија и поранешното село Хамзали.

Во текот на XIX век селото било населено со турско население. Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 година селото имало 450 жители Турци.Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 161.

По крајот на Балканските војни, турското население во селото побегнало, а на нивно место се населиле бегалци од Егејска Македонија, претежно од Кукуш, кои биле поделени на православни и католици унијати, иако православните провладувале.Гаджанов, Димитър Г. Мюсюлманското население в Новоосвободените земи, во: Научна експедиция в Македония и Поморавието 1916, Военноиздателски комплекс „Св. Георги Победоносец“, Университетско издателство „Св. Климент Охридски“, София, 1993, стр. 244..

Селото било раселено во 1924 година и старите мештани отишле во градот Струмица или во струмичките села, како Куклиш и Сарај.

Нова Гечерлија

Селото било основано во 1935 година во Струмичкото Поле како населба на српски колонисти.

Селото имало две паралелни улици, а во секоја од нив имало по 14 куќи, со што целото село имало 28 куќи со околу 200 жители. Сите куќи биле изградени во еден стил, т.н. динарски тип. Жителите биле Срби донесени од околината на Книн, од Лика и од околината на Врање. Секое домаќинство имало од 5 до 10 хектари земја. Селото имало кладенец за вода за пиење и гробишта. Жителите оделе во црква и на училиште во соседното село Сарај.

Во текот на 1930-тите и 1940-ите години, во регионот имало голем процент на заболени од маларија. Поради тоа во 1935—1937 година, дел од српските колонисти од селото Гечерлија (Личани и Херцеговци), иако поседувале големо земјиште, биле принудени да ги напуштат своите домови и повторно да се вратат во своите матични домови, бегајќи од маларијата.Манол Пандевски - Ѓорѓи Стоев - Трнката, Струмица и Струмичко низ историјата, Струмица, 1969, стр. 305.

Стопанство

Атарот на селото зафаќа простор од 10,1 километар квадратен. На него доминираат шумите на површина од 465 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 427,3 хектари, а на пасиштата 82,8 хектари.

Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција. Во минатото во него работела земјоделска задруга и има продавница.

Население

Гечерлија е село коешто популациско се зголемило од мало во средно село по големина. Така, во 1961 година селото броело 269 жители, а во 1994 година бројот се зголемил на 394 жители, македонско население.

Според пописот од 2002 година, селото Гечерлија броело 373 жители, сите Македонци.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 282 жители, од кои 272 Македонци, 1 Албанец и 9 лица без податоци.

Општествени установи

ПУ „Гоце Делчев“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „Гоце Делчев“ - Босилово

Самоуправа и политика

Во век, Гечерлија било село во Струмичката Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Босилово, која била една од ретките што останала непроменета по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било исто така во рамките на Општина Босилово.

Во периодот од 1962 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струмица. Селото припаѓало на некогашната општина Босилово во периодот од 1955 до 1962 година.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Босилово, во која покрај селото Гечерлија, се наоѓале и селата Босилово, Дабиле, Дрвош, Еднокуќево, Петралинци, Робово, Сарај, Старо Балдевци и Хамзали. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната Општина Петралинци, во која влегувале селата Гечерлија, Дрвош, Петралинци, Сарај, Старо Балдевци, Хамзали и Чанаклија.

Избирачко место

Во селото постои избирачкото место бр. 1819 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 299 гласачи. На Македонски парламентарни избори во 2020 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 295 гласачи.

Културни и природни знаменитости

Археолошки наоѓалишта Тумба ― населба од доцноантичкото време и старохристијанска базилика; и Хан ― средновековна населба и топилница.

Цркви Црква „Св. Теофил Струмички“ — главна селска црква; и Црква „Св. Наум Охридски“ — селска црква.

Галерија

Поврзано Општина Босилово Струмичко Поле

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Села во Македонија Категорија:Струмички села Категорија:Села во Општина Босилово