Шлуката бекасина () е мала, набиена крајбрежна птица која потекнува од Стариот Свет. За време на размножувањето нејзиното живеалиште се мочуриштата, блатата, тундрите и влажните ливади со ниска растителност низ северна Европа и северна Азија. Таа е птица преселница, со европска популација која се сели во јужна и западна Европа и во Африка, и азиска, која се сели во тропска јужна Азија. Оваа птица ја има во Македонија.

Опис

Возрасните птици се долги 25-27 см, имаат распон на крилјата 44-47 см и тежат 80-140 г, а над 180 грама пред преселба. Имаат кратки зеленосиви нозе и многу долг, прав, темен клун (5.5-7 см). Телото им е шарено кафеаво со жолти надолжни линии одозгора и светло одоздола. Имаат темна линија врз окото, со светли линии над и под него. Крилјата му се зашилени.Snow, D. W., & Perrins, C. M. (1998). The Birds of the Western Palearctic, Concise Edition (Vol. 1), Oxford University Press, Oxford.

Распространетоста на оваа птица е најголема во однос на другите бекасини. Најблиска е на американската вилсонова бекасина G. delicata од Северна Америка, која до неодамна се сметаше за подвид G. g. delicata на шлуката бекасина. Разликата е во бројот на пердувите на опашката, G. gallinago има 7 пара, а G. delicata има 8; американскиот вид, исто така, има малку потесен бел раб на крајот од крилјата.Leader, P. (1999). Identification forum: Common Snipe and Wilson's Snipe Birding World 12(9): 371-4Reid, M. (2008). Identification of Wilson's and Common Snipe British Birds 101 (4): 189-200.

Има два подвида на шлуката бекасина, G. g. faeroeensis во Исланд, Фарски Острови, Шетландски Острови и Оркни (кои зимуваат во Британија и Ирска), и G. g. gallinago во остатокот од Стариот Свет.

Живеалиште и поведение

Шлуката бекасина е добро камуфлирана птица, срамежлива и се крие себеси блиску до земјата, во растителноста, а летнува само кога ќе ѝ се пријде блиску. Кога летнува, испушта остар звук како скип скип и лета цик-цак за да го збуни натрапникот. Се храни пасејќи и копкајќи по меката кал, истражувајќи и собирајќи ја храната што ќе ја види. Претежно јаде инсекти, црви, но и растенија.

За време на додворувањето, мажјакот го изведува своејот „одвејувачки“ летачки танц, кога лета високо во кругови, а потоа се нурнува надолу и произведува звук како „удирање на тапан“ и вибрира со пердувите на опашката. Овој звук некои го споредуваат со блеење на овци или кози, па оттаму во многу јазици оваа птица се вика „летачка коза“, „рајски овен“ и сл. Шлуката бекасина гнезди на добро скриено место на земја, со легло од 4 темно маслинести, испрскани со кафеави дамки, јајца. Ги инкубира само женката во тек на 18-21 ден. Но, откако ќе се испилат, за нив се грижат обата родитела, секој со по 2 малечки. Тие се оперјуваат по 10-20 дена.

Статус Сè на сè, видот не е загрозен. Иако во многу земји е сè уште предмет на спортски лов, и иако му се уништува животната средина, популацијата е во доволно голем број за да не биде загрозен вид. Сепак, и на оваа птица се однесува Договорот за заштита на африканско-евроазиските миграторни водни птици.

Шлуката бекасина како тема во уметноста „Ноќта на шлуките бекасини“ - расказ на колумбискиот писател Габриел Гарсија Маркес од 1950 година.Gabrijel Garsija Markes, Oči plavog psa. Beograd: Sezam Book, 2015, стр. 87-92.

Наводи

Надворешни врски

Common Snipe videos, photos & sounds on the Internet Bird Collection Ageing and sexing (PDF; 5.1 MB) by Javier Blasco-Zumeta & Gerd-Michael Heinze Avibase Gallinago gallinago(ITIS) - sound sample

Категорија:Мочварки Категорија:Птици на Македонија Категорија:Таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Животински таксони опишани од Карл Линеј