„Тиквеш“ — најголемата винарска визба во Македонија. Според правниот статус, таа е акционерско друштво, со седиште во Кавадарци.
Историја
Почетоците на винарската визба „Тиквеш“ може да се најдат некаде кон крајот на 19 век кога повеќе угледни семејства од Тиквешијата започнувале да создаваат вински подруми во кои се произведуваат квалитетни вина во шишиња на чии етикети јасно се истакнува географското потекло на виното. Периодот кореспондира со падот на Отоманското Царство. Пане Велков, трговец, аристократ и земјопоседник, отворил винарска визба на површина од 1200 квадратни метри. Првото споменување на „Тиквеш“ во пишан документ се поврзува токму со овој период, поточно со годината 1885, која се смета и за година кога за првпат започнува организираното производство и продажба на вино во Македонија.
Во 1912, било произведено првото вино со етикета на Тиквеш. Александар Велков, син на Пано Велков, ја наследил сопственоста над лозјата и на винарската визба. Тиквеш започнал соработка со грчкиот производител на вино и алкохолни пијалаци Метакса, основана во 1887 година и добил лиценца за производство на алкохолни пијалаци под нивното име.
Во 1914 година појавата на болеста филоксера речиси целосно ги уништила автентичните сорти грозје како: жилавка, станушина, мустеник, пловдина, белерче и сивјак што му нанесло удар на лозарството во поширокиот регион. Но, тиквешките лозари и винари се обединиле и ги донеле американските хибридни сорти грозје, со што лозарството и винарството во Тиквешијата повторно земало замав.
Деценијата пред почетокот на Втората светска војна е позната како период кога производството на вино во Тиквешкиот регион добива на интензитет. „Тиквеш“ станува препознатлив на Балканот и пошироко. Производите на „Тиквеш“ се продавале во Србија, Албанија, Северна Грција, како и Турција и Египет. Во 1938, Александар Велков се повлекол од активната работа на винарската визба, но останал сопственик, додека неговиот најстар син Пано и најмладиот син Стефан го преземале управувањето со винаријата. Тие го зголемиле производството на вино и алкохолни пијалаци и започнале со производство на безалкохолни пијалаци.
По завршетокот на војната, новите власти започнале со национализација на приватната сопственост. Со цел да го окрупни производството на грозје, вино и ракија, државата формирала претпријатие во кое влегле сите национализирани имоти, лозови насади и винските подруми на познатите лозарски семејства: Велкови, Аџилазови, В’чкови, Грозданови, Данови и други. Александар Велков доброволно ги предал клучевите од винарската визба со едно барање: новите сопственици да обезбедат вработување на неговите синови, бидејќи тие имаат знаење и искуство во производство на вино, што му било одобрено. Ова државно винско претпријатие го добило името „Тиквеш“. Потоа започнала и изградбата на современа винарска визба со многукратно зголемен капацитет , опремена за производство на 200.000 литри вино.
Винаријата го снабдувала целиот пазар во Југославија со наливно вино.
Во 1956 била формирана винската архива на „Тиквеш“, како хроничар за одличните берби. Во оваа специјална просторија во винскиот подрум во Кавадарци се чуваат илјадници шишиња. Винската архива е создадена на иницијатива на Јосип Броз Тито кој по посетата на „Тиквеш“ бил убеден дека винарницата треба да чува стари вина од најдобрите берби, по примерот на најпознатите светски производители.
Во 50-тите и 60-тите години на XX век „Тиквеш“ поминал низ бројни организациски и интеграциски процеси. Со припојување на неколку помали земјоделски стопанства, во 1968, создаден е агрокомбинатот „Тиквеш“. Винскиот подрум кој се наоѓа во негов состав станува најголемата винарска визба во Југоисточна Европа.
Во 1973 година винаријата на пазарот за првпат го промовирала познатото вино Т’га за југ. Виното е направено во чест на Струшките вечери на поезијата - токму при една од посетите на поетите на винарницата, тие предложиле виното направено во нивна чест да се вика токму „Т’га за југ“, според истоимената поема на познатиот македонски поет Константин Миладинов. Виното станало популарно во целиот регион.
Во 80-тите години на 20 век винаријата доживува огромен подем. Капацитетот се зголемувал речиси секоја година, сė додека не достигнал 55 милиони литри. Во тоа време „Тиквеш“ произведувал речиси половина од сето вино во Југославија. Во тој поглед, карактеристична е 1984 година, кога заради одлуката да се откупи целокупниот род на грозје од тиквешкиот регион, винарницата морала да го користи и градскиот базен во Кавадарци за привремено складирање на грозјето. Во овој период, „Тиквеш“ значително го зголемила своето производствено портфолио. Лансирана е новата серија вина „Александрија“ која веднаш наидува на добар прием кај потрошувачите.
По осамостојувањето на Република Македонија, започнува и долготраен процес на приватизација на компанијата. Винаријата е приватизирана во 1995 година. Во 2003 година, инвестициската група „М6“ ја купува винарската визба „Тиквеш“ и започнува со реализација на обемен инвестициски циклус за целосна модернизација на винарницата. Особено внимание се посветува на унапредување на процесот на производство во целина, од одгледувањето на грозјето, бербата, па сè до добивањето на финалниот производ. Целокупната развојна стратегија се насочува кон зголемување на квалитетот на виното. Почнува да се инвестира во проширување на производственото портфолио со воведување на нови серии вина како Special Selection и Александрија куве, а дотогаш добро познатите и широко прифатени вина на ВВ „Тиквеш“ стануваат дел од серијата „Класик“.
Во 2009 година, сето произведено вино во „Тиквеш“ било флаширано.
Последната фаза на подмладување на компанијата било ангажирањето на познатиот француски винопроизводител Филип Камби кој е одговорен за промена во винопроизводителската филозофија на Тиквеш и младиот и талентиран главен енолог Марко Стојаковиќ кој своето образование и искуство го има стекнато во Бордо, Франција.
Во рамките на одбележувањето на 130-годишнината, во 2015 година, ВВ „Тиквеш“ отворила дигитален музеј посветен на уметноста на создавањето врвно вино во Македонија. Фотографиите и информациите кои го сочинуваат дигиталниот музеј се достапни на интернет-адресата на Тиквеш .
Во ноември 2018 година, ВВ „Тиквеш“ се проширила и на меѓународниот пазар преку преземање на француската винарија „Château de Gourdon“ формирајќи ја заедничката бренд-платформа „Tikveš Châteaux & Domaines“.Мирослав Саздовски, „Девет премиум вина на Tikveš Châteaux & Domaines со високи оценки“, Економија и бизнис, година 21, број 253, септември 2019, стр. 6.
Организација и менаџмент
Мнозински сопственик на „Тиквеш“ е фирмата „М-6 еден“, која е сопственост на Светозар Јаневски, кој истовремено е претседател на управниот одбор на „Тиквеш“.„Прифатена понудата на „М-6 еден“ за белградската индустрија за пиво (БИП)“, Економија и бизнис, година 19, број 227, мај 2017, стр. 72. Функцијата генерален директор на ВВ „Тиквеш“ ја извршувале: Игор Илиевски,Мирослав Саздовски, „Пет медали за Тиквеш на Мундус Вини“, Економија и бизнис, година 18, број 214, април 2016, стр. 10. Радош Вукиќевиќ, итн.Мирослав Саздовски, „Втора година по ред златни медали за врвните вина Бела вода во Кина“, Економија и бизнис, година 19, број 232, октомври 2017, стр. 10. Светозар Јаневски е претседател на управниот одбор на „Тиквеш“.Мирослав Саздовски, „Тиквеш ги претстави првите четири вина произведени на сопствениот посед во Франција“, Економија и бизнис, година 20, број 252, јули/август 2019, стр. 8.
Во 2015 и во 2016 година, винарската визба „Тиквеш“ била прогласена за наградата „Најкомпанија на годината“ која ја доделуваат Регионалната канцеларија за Југоисточна и Средна Европа на Европското здружение на менаџери и списанието „Еуроменаџер“. Истовремено, генералниот директор на „Тиквеш“ Игор Илиевски бил избран за „Најменаџер на годината“ за 2016 година.„Тиквеш по вторпат најкомпанија според Еуроменаџер“, Економија и бизнис, година 18, број 219, септември 2016, стр. 10.
Финансиски резултати Во 2016 година, вкупните приходи на ВВ „Тиквеш“ пораснале за 112,8 милиони денари (9%) во споредба со 2015 година, што биле резултат на порастот на продажбата на вино во Македонија за 12% и порастот на извозот на вино за 6%. Оттука, бруто-добивката на „Тиквеш“ пораснала за 27%, а во комбинација со намалувањето на оперативните расходи за 6%, тоа довело до пораст на оперативната добивка за 32%.„Тиквеш со раст на приходите за девет, а на оперативната добивка за 32 насто“, Економија и бизнис, година 19, број 226, април 2017, стр. 10.
Производство Вино
Во декември 2014 година, британскиот автор Џејми Гуд, во списанието „Сандеј експрес“, во конкуренција на 14 вина, го оценил виното на Тиквеш, „вранец мерло“ од 2012 година на одличното четврто место. Истовремено, во својата колиумна во „Њујорк тајмс“, американскиот вински критичар Ерик Асимов дал високи оцени на виното „вранец спешл селекшн“ од 2011 година, вбројувајќи го на списокот на избрани вина за свечената вечера по повод Денот на благодарноста.„Македонското црвено вино на листите на Њујорк тајмс и Сандеј експрес“, Дневник, година XVIII, број 5639, четврток, 11 декември 2014, стр. 28.
Ракија
Низ многувековната традиција Винаријата Тиквеш грижливо одгледува винова лоза. Со љубов се двои од виното и се создава идеална основа за добивање на прочуената тиквешка лозова ракија. Секогаш е ценета и секаде барана, доволно долго чувана и негувана во специјални услови, при што се препорачува како најпрочуен македонски аперитив.
Награди и признанија
Во април 2014 година, жолтата лозова ракија на „Тиквеш“, со ознаката „VS (Very Special)“, била наградена со златен медал за виок квалитет на меѓународниот натпревар на вина и жестоки пијалаци „Винарија 2014“, одржан во Пловдив, во конкуренција на 400 пијалаци на 51 производител. Оваа ракија, со јачина од 45 степени, се произведува на природен начин, од гроздов дестилат кој стареел повеќе од пет години, чуван во дабови буриња.„Злато за жолтата на Тиквеш“, Дневник, година XVIII, број 5439, петок, 11 април 2014, стр. 12.„Злато за жолтата на Тиквеш“, Економија и бизнис, година 17, број 190, април 2014, стр. 13.
Во 2014 година, Винарската визба „Тиквеш“ добила уште едно признание, освојувајќи ја наградата „За нов квалитет во туризмот 2014“, која ја доделува списанието за туризам „Туристичка призма“ од Нови Сад, а за придонесот во промоцијата на Македонија како туристичко одредиште за уживање во виното.„Престижно регионално признание за ВВ Тиквеш“, Економија и бизнис, година 17, број 196, 30 октомври 2014, стр. 11. Исто така, на светското винско натпреварување во Германија, виното „пино ноар“ од 2013 година било прогласено за најдобро црвено вино во Македонија за 2015 година.„Тиквеш годинава ќе откупи за дваесетина проценти повеќе грозје“, Дневник, година XIX, број 5754, сабота, 30 април 2015, стр. 9. Пролетта 2016 година, ВВ „Тиквеш“ освоила три златни и два сребрени медали на 18. Меѓународен вински натпревар „Mundus Vini“ во Германија, и тоа за: „домен лепово шардоне 2015“, „каберне франк спешл селекшн 2015“ и „домен лепово гранд куве 2013“ (златни медали), како и „темјаника спешл селекшн 2015“ и „александрија куве розе 2015“ (сребрени медали).