Хари Едвард Кејн (англиски: Harry Kane; р. 28 јули 1993 во Чингфорд) — англиски фудбалер, напаѓач на Бајерн Минхен и на англиската репрезентација.

Неговиот прекар е Hurricane (превод на мак. Ураган) заради сличноста на зборот со неговото име и презиме.

Технички карактеристики Модерен разновиден напаѓач со интелигентни движења кој поседува одлично чувство за заземање позиција, што му овозможува да биде смртоносен во казнениот простор. Тој е комбинација на добра физичка сила и голем натпреварувачки дух, кој го доведува често да се жртвува за тимот.

Благодарение на неговите технички и тактички одлики во можност е подеднакво добро да ја игра улогата и на прв напаѓач, но и онаа на втор нешто поповлечен напаѓач; исто така, тој нуди големи капацитети во воздухот и трчање во простор.

Во 2014 Кејн бил вклучен во списокот на најдобрите фудбалери родени по 1992 година, изготвена од страна на Don Balon. Од многу експерти се смета за природен наследник на поранешниот англсики напаѓач Теди Шерингам, од кого Кејн вели дека е инспириран.

Клупска кариера Тотенхем 2009-2012; Рани години Почетоци Откако променил неколку клуба во детството, во 2004 година Кејн се приклучил на академијата на Тотенхем Хотспар. Во јули 2009, откако наполнил 16 години, го потпишал првиот договор со Тотенхем. Во сезоната 2009-2010 Кејн одиграл 22 натпревари за тимот на Тотенхем под 18 години и постигнал 18 гола, за по завршувањето на сезоната во јули 2010 да потпише професионален договор.

Заемот во Лејтон Ориент На 7 јануари 2011 година, Кејн бил позајмен на Лејтон Ориент во Лига Еден до крајот на сезоната 2010-2011. Своето професионално деби го направил на 15 јануари, влегувајќи од клупата како замена за Скот МекГлиш во 73-тата минута во ремито 1-1 против Рочдејл. Една недела подоцна, Кејн го постигнал својот прв професионален погодок во кариерата во својот прв старт, при победата со 4-0 над Шефилд Венздеј. На 12 февруари, тој постигнал два гола во победата со 4-1 над Бристол Роверс, и тоа откако влегол како замена во 70-тата минута. На 26 февруари, во ремито 2-2 против Хадерсфилд Таун, Кејн влегол во игра уште во 19-тата минута поради повредата на Стивен Доусон и постигнал гол во 73-тата минута, но четири минути подоцна бил исклучен поради добивање на втор жолт картон. Сезоната ја завршил постигнувајќи пет гола во 18 натпревари.

Првите настапи за првиот тим На 25 август 2011 година, Кејн го имал својот прв настап за Тотенхем, започнувајќи го реваншот од квалификациите за Лигата на Европа против Хартс, натпревар во кој петлите излегле во изменет состав по победата во првиот натпревар со 5-0. Неговото деби завршило без голови, иако тој заработил пенал, откако бил фаулиран од страна на противничкиот голман Џејми Мекдоналд, кои потоа го одбранил ударот од белата точка на Кејн. Тој продолжил да игра и направил шест настапи во Лигата на Европа во сезоната, постигнувајќи го својот прв гол за Тотенхем во победата со 4-0 над ирскиот Шамрок Роверс на 15 декември 2011 година.

Заемот во Милвол На 29 декември 2011 година, Кејн и неговиот соиграч од Тотенхем Рајан Мејсон се согласиле да му се приклучат на Милвол во Чемпионшип лигата на заем од 1 јануари 2012 година до крајот на сезоната. Откако го направил своето деби против Бристол Роверс, менаџерот Кени Џекет рекол дека тој имал "многу добро деби", но и "несреќа да не постигне гол". Тој исто така додал дека Кејн "ќе биде добро засилување" за клубот во втората половина од сезоната. Неговите предвидувања се оствариле откако Кејн постигнал седум гола во последните 14 натпревари од сезоната, вкупно девет гола во 27 натпревари, што резултирало тој да биде прогласен за Млад играч на сезоната на Милвол за 2011-2012.

2012-2013; Дебито во Премиер лигата, и заемите во Норич Сити и Лестер Сити Пред почетокот на сезоната 2012-2013, Кејн се вратил во Тотенхем и го одработил подготвителниот пред-сезонски период со нив. На 18 август, тој го направил своето деби во Премиер лигата, против Њукасл Јунајтед во поразот со 2-1, влегувајќи од клупата за резерви на местото на Сандро во 86-тата минута.

На 31 август 2012 година, Кејн му се приклучил на премиерлигашот Норич Сити на заем до крајот на сезоната, правејќи го своето деби против Вест Хем Јунајтед. Во својот втор настап за канаринците Кејн претрпел повреда, кршење на метатарзалната коска, во натпреварот од Лига купот против Донкастер Роверс. За време на неговата рехалибитација 19-годишниот напаѓач се вратил во Тотенхем, но откако се опоравил се вратил во акција за Норич на 29 декември 2012 година. Сепак, откако Тотенхем не успеал да купи напаѓач за време на преодниот рок во јануари, се одлучиле да ја искористат опцијата да го вратат Кејн на 1 февруари 2013 година, четири месеци порано од тоа што било договорено тој да се врати.

Дваесет дена подоцна откако тој бил отповикан од Тотенхем, Кејн му се приклучил на Лестер Сити за остатокот од сезоната за да помогне во напорите на клубот да избори автоматска промоција од Чемпионшип во Премиер лигата. Тој го одбележал своето деби пред домашната публика со гол против Блекбурн Роверс, во победата со 3-0 на 26 февруари 2013 година. Тој направил 13 настапи за лисиците, од кои осум од клупата, и стигнал со клубот до полуфиналето на плејофот каде биле елиминирани од страна на Вотфорд.

2013-2015; Пробивот во првиот тим Во текот на сезоната 2013-2014 на Кејн му била укажана шанса да остане во Тотенхем и да не оди повеќе на позајмици. Тој го постигнал својот прв погодок за Тотенхем во кариерата на Вајт Харт Лејн, во натпревар од Лига купот против Хал Сити што завршил 2-2, постигнувајќи израмнувачки погодок во продолженијата; Тотенхем победил со 8-7 на пенали, а Кејн бил успешен во петтата серија.

На 7 април 2014, Кејн го имал својот прв старт во Премиер лигата за Тотенхем, во победата со 5-1 над Сандерленд и во него го постигнал својот прв гол во Премиер лигата во 59-тата минута од натпреварот. Тој исто така постигнал гол во следниот натпревар, помагајќи му на Тотенхем да се опорави од 3-0 дефицит против Вест Бромвич Албион и да дојде до нерешен резултат 3-3. Кејн бил стрелец во трет натпревар по ред во низа, откако на 19 април ја затресол мрежата на Фулам во победата со 3-1 на домашен терен.

Следната сезона Кејн го направил својот прв настап за Тотенхем во првото коло од новата сезона во Премиер лигата против Вест Хем Јунајтед, асистирајќи за победоносниот гол на Ерик Дајер. Потоа тој постигнал гол и во двата натпревари против кипарскиот противник АЕЛ Лимасол во Плејоф рундата од Лигата на Европа; победничкиот во 80-тата минута од првиот натпревар (во Лимасол, Тотенхем победил 1-2), но и првиот во реваншот во Лондон во кој Тотенхем победил со 3-0. На 24 септември 2014, тој постигнал гол во завршницата од натпреварот против Нотингем Форест во Лига купот за да ја завери победата на својот тим (3-1). На 23 октомври 2014 година, Кејн го постигнал својот прв професионален хет-трик во кариерата во победата на Тотенхем со 5-1 над грчкиот клуб Астерас Триполис во групната фаза од Лигата на Европа. Интересно, тој бил принуден да застане на голманската позиција за последните три минути од натпреварот, откако Иго Лорис бил исклучен добивајќи црвен картон а менаџерот на петлите Маурисио Почетино немал право на замена, и примил гол откако бил совладан од слободен удар од Херонимо Баралес. Тој влезе во игра во второто полувреме во победата на Тотенхем со 2-1 над Астон Вила на 2 ноември 2014, и го постигнал победничкиот гол во 90-тата минута. Набргу потоа тој постигнал уште еден важен гол за Тотенхем во победата со 2-1 на гости против Хал Сити, спроведувајќи ја одбиената топка од стативата во празната мрежа по слободниот удар на Кристијан Ериксен, за да го изедначи резултатот.

Серијата добри игри и постигнати голови во куповите му донеле на Кејн место во почетниот тим на Тотенхем и за натпрварите од Премиер лигата во декември 2014, а тој постигнал три гола на шестте натпревари тој месец. На 1 јануари 2015 година, Кејн постигнал два гола и го заработил пенал, во фантастичната победа на Тотенхем со 5-3 над водачот во лигата Челси, и два гола во победата над Вест Бромвич Албион со 3-0 на гости што довеле до тоа да биде избран за Играч на месецот во Премиер лигата за јануари 2015. На 2 февруари 2015 година, Кејн потпишал нов пет и пол годишен договор со клубот. Само пет дена подоцна, тој ги постигнал двата гола во победата на Тотенхем над Арсенал во Северно-лондонското дерби со 2-1. Откако бил стрелец и во останатите два натпревари на Тотенхем, против Ливерпул и Вест Хем Јунајтед, повторно бил избран за Играч на месецот во Премиер лигата овојпат за февруари 2015, си што станал само четвртиот играч кој ја добил наградата во два месеци едноподруго. На 21 март 2015, го постигнал својот прв хет-трик во Премиер лигата во победата со 4-3 на домашен терен над Лестер Сити. На 5 април, Кејн за првпат бил капитен на Тотенхем во ремито 0-0 против Барнли на Трф Мор. Две недели подоцна, тој го постигнал својот 30-ти гол во сезоната во победата со 3-1 против Њукасл Јунајтед на Сент Џејмс Парк, што го направило првиот играч на Тотенхем кој успеал да достигне таа бројка уште од Гари Линекер во сезоната 1991-1992. Подоцна тој месец, Кејн бил вклучен во ПФА Тимот на годината како еден од двајцата напаѓачи, заедно со Диего Коста од Челси. Тој исто така бил избран за ПФА млад играч на годината. На 24 мај 2015 година, тој го постигнал единствениот гол во натпреварот на гости кај Евертон (0-1) во последното коло од сезоната за да го потврди петтото место на Тотенхем, со што им донел директна квалификација за групната фаза на Лигата на Европа за следната сезона. Тоа бил неговиот 21-ви гол во лигата за сезоната 2014-2015, со што го изедначил клупски рекорд за најмногу постигнати голови од играч на Тотенхем во една сезона од Премиер лигата, заедно со Теди Шерингам, Јирген Клинсман и Гарет Бејл. На крајот на сезоната, Кејн, истакнал дека тој сторил повеќе во една кампања отколку што очекувал да направи во целата негова кариера.

2015-2017; Најдобар стрелец во Премиер лигата

Пред почетокот на сезоната 2015-2016 Кејн го сменил бројот на дресот од 18 на 10, откако десетката останала слободна по заминувањето на Емануел Адебајор. Во едно интервју за The Daily Telegraph, тој рекол дека го променил бројот на дресот бидејќи сака да стане клупска легенда. Откако Адебајор и Роберто Солдадо биле продадени, тој ја започнал сезоната како единствениот напаѓач на клубот. По слабиот старт во кој 748 минути не успеал да ја затресе мрежата, Кејн конечно го постигнал својот прв гол за сезоната на 26 септември во седмото коло од Премиер лигата - победата со 4-1 на домашен терен над моменталниот водач на табелата Манчестер Сити. Осум дена подоцна, постигнал автогол по корнерот на Џонџо Шелви во ремито 2-2 против Свонзи Сити. На 25 октомври 2015 година, постигнал хет-трик во победата со 5-1 на гости против Борнмут на Дин Корт. Во март 2016, Кејн за третпат во кариерата ја добил наградата за Играч на месецот во Премиер лигата, откако постигнал 5 гола во 4 натпревари.

На 2 април во ремито 1-1 против Ливерпул на Енфилд, Кејн го постигнал својот 22-ри првенствен гол за сезоната, со што станал играчот на Тотенхем кој постигнал најголем број на голови во рамките на една сезона во Премиер лигата, на шест кола до крајот. Кејн ја завршил сезоната освојувајќи ја наградата Златна копачка на Премиер лигата на Англија, завршувајќи со 25 гола еден гол повеќе од Серхио Агуеро и Џејми Варди. Тој бил избран во ПФА Тимот на годината за втора сезона едноподуго, откако му помогнал на Тотенхем да заврши на третото место, и да се квалификува за Лигата на шампионите.