Божидар Никетиќ (, Сремска Каменица - , Скопје) — југословенски невропсихијатар, редовен професор, декан на Медицинскиот факултет во Скопје, и прв директор на болницата за нервни и душевни болести „Бардовци“ во Бардовци.д-р Марјан Димитријевски: „Декани - 1947-2012“, Скопје, Медицински факултет, 2015 г., стр. 17-19
Животопис Божидар Никетиќ завршил основно образование во Сремска Митровица, тоа што е денес Војводина, а гимназија во Нови Сад. Поради учество во Првата светска војна, морал да го прекине школувањето. Подоцна, тој студирал медицина во Прага и Виена, а дипломирал на Медицинскиот факултет во Грац, Австрија, во 1924 година. На полето на психијатријата, тој започнал да работи од 1924 година, кога бил поставен за лекар во душевната болница „Стењевац“, која подоцна се преформирала во Психијатриска болница „Врапче“, близу Загреб. Таму работел 14 години, каде се стекнал и со звањето примариус.
Кариера Во 1938 година, тој станал шеф на Невропсихијатриското одделение при болницата во Нови Сад. За време на Втората светска војна, Никетиќ работел прво во Психијатриската болница во Белград, а потоа во местото Тополница крај Ниш. Во 1944 година, стапил во партизанските единици и бил поставен за командант на Медицинскиот баталјон при Четириесет и петтата народноослободителна ударна дивизија.
По ослободувањето, Божидар Никетиќ бил назначен за референт за неврологија и психијатрија при Комитетот за заштита на народното здравје, и референт за нервни болести при Санитетската управа на ЈНА. Во 1947 година, бил избран за редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје, по предметот „Неврологија и психијатрија“. Во 1951 година, бил назначен за раководител на Нервната клиника во Скопје, од која создал современа невропсихијатриска клиника.
Кога на 9 декември 1954 година, со одлука на Извршниот совет на Народна Република Македонија, била основана болницата за нервни и душевни болести „Бардовци“, Никетиќ бил назначен за нејзин прв директор. На оваа должност останал сè до својата смрт, во 1963 година.
Низ годините, Божидар Никетиќ бил претседател на Сојузот на лекарски друштва на Југославија, претседател на Здружението на невропсихијатри на Југославија, како и доживотен претседател на Здружението на невропсихијатри (денес - Здружение на невролози). Двапати бил избран за декан на Медицинскиот факултет во Скопје.
Бил одликуван со Орден на заслуги за народот од II степен, и со Орден на трудот од I и II степен.
Библиографија Божидар Никетиќ напишал повеќе научни трудови за одделни проблеми во невропсихијатријата и нејзините гранични подрачја, а посебно го интерресирал проблемот на ендемската гушавост и нејзиниот невропсихијатриски аспект.
Наводи
Категорија:Југословенски психијатри Категорија:Југословенски невропсихијатри Категорија:Југословенски универзитетски професори Категорија:Југословенски декани Категорија:Југословенски партизани Категорија:Југословенски Срби Категорија:Македонски Срби Категорија:Професори на Медицинскиот факултет - Скопје Категорија:Декани на Медицинскиот факултет - Скопје