Предменструален синдром (ПМС) е состојба на физички и емоционални симптоми кои се јавуваат една до две недели пред менструалното крварење. Симптомите често се варијабилни помеѓу жените и исчезнуваат на почетокот на крварењето. Чести симптоми се акни, чувствителност на градите, надуеност, чувство на замор, раздразливост и промени во расположението. Често, симптомите се присутни околу шест дена. Појавата на различни симптоми може да биде променлива кај една жена со текот на времето. Симптомите не се јавуваат за време на бременост или по менопауза.

За да се постави дијагноза потребено е постоење на емоционални и физички симптоми кои се јавуваат според предвидлив образец после овулација и пред менструација до степен кој ги оневозможува нормалните активности. Емоционалните симптоми може да бидат отсутни за време на првичната фаза од менстуралниот циклус. Секојдневно бележење на симптомите во период од неколку месеци може да помогне во поставување на дијагнозата. Други нарушувања со слични симптоми треба да бидат исклучени пред поставување на конечна дијагноза.

Не е познат причинителот на ПМС. Некои од симптомите може да бидат влошени при прекумерен внес на сол, алкохол или кофеин. Се смета дека основниот механизам вклучува промени во хормонските нивоа. Намалување на внесот на сол, кофеин и стресот заедно со физички вежби се препорачува кај жени со благи симптоми. Кај некои може да биде корисна суплементација со калциум и витамин Д. Антиинфламаторни лекови како напроксен може да помогнат во ублажување на физичките симптоми. Кај оние со поизразени симптоми се користат орални контрацептиви или диуретикот спиронолактон.

Околу 80 % од жените пријавиле дека имаат некои симптоми пред менструација. Овие симптоми се класифицирани како ПМС кај 20 до 30% од пременопаузалните жени. Предменструално дисфорично нарушување (PMDD) е посериозна форма на ПМС кај кое има поизразени психолошки симптоми. PMDD зафаќа три до осум проценти од пременопаузалните жени. Антидепресивните лекови од класата на селективни инхибитори на репреземањето на серотонин може да се користат како дополнителна терапија на стандардните мерки за PMDD.

Наводи

Категорија:Менструален циклус Категорија:Синдроми