Ултимо (Последниот), псевдоним за Николо Морикони (27 јануари 1996, Рим) е италијански кантавтор.

Победник на Фестивалот во Санремо 2018 во категоријата Нови предлози (Nuove proposte) со песната Il ballo delle incertezze, со која ја добива и наградата Лунеција за Санремо. Во 2019, повторно учествува на Фестивалот и се пласира на второто место со песната I tuoi particolari. По третпат учествува во 2023 завршува на четвртото место со песната Alba.

Биографија

Почетоците во музичката кариера Николо Морикони е роден во Рим на 27 јануари 1996 година во областа Сан Базилио. На 8-годишна возраст студира пијано и композиција на Конзерваториумот Санта Сесилија, а на четиринаесетгодишна возраст почнува да пишува и компонира песни. Во 2010 година студира пеење и пијано во Музичкото училиште Мелоди и последователно станува продуцент во Мелоди Студио Рекординг. Во 2013 година победува на третото издание на натпреварот за пеење Una voce per il Sud со песната Regalami un sorriso, посветена на децата од одделот за онкологија во детската болница Бамбино Џезу во Рим. Истата година, по повод хуманитарен концерт, ја претставува втората необјавена песна Amo te.

На 16 мај 2014 ја објавува Una canzone che sogna, по која следи Diamante nel cielo посветена на еден пријател што загинал во сообраќајна несреќа. Песната била наменета за Фестивалот во Санремо 2015, но била одбиена. Истата година излегува Un uomo migliore во соработка со ЏанКарло Џанини. Во јули за време на хуманитарен концерт за децата со аутизам ја претставува песната Il bambino con le scarpe viola напишана на таа тема. Во тој период почнува да настапува во римски локали, главно во областа Сан Лоренцо, а веќе идната година ги објавува песните Fragile и Ritrova i tue passi на неговиот YouTube канал.

Првиот албум: Pianeti (2017) На 28 мај 2016, за првпат под псевдонимот Ултимо, победува во Милано на музичкиот натпревар за хип хоп One Shot Game, промовиран од Хониро Лабел (Honiro Label), продуцентската куќа со која понатаму почнува да соработува. Следната година го отвора концертот на Фабрицио Моро во Рим, а истата година заедно со Шива (Shiva) настапува во зоната Тестачо, во Рим по повод отворениот ден посветен на филмот Војната – Планетата на мајмуните (The War - Il pianeta delle scimmie). На 10 март дебитира со песната Chiave, по која следат Ovunque tu sia и Sabbia На 6 октомври истата година заедно со истоимената песната Pianeti го објавува неговиот прв албум Pianeti достигнувајќи ја втората позиција на ранг листата на iTunes. Во меѓувреме, излегуваат песните Giusy, Sogni appesi и Stasera, како последна од албумот.

Санремо Џовани и Peter Pan (2017-2018) На 15 декември 2017 победува во категоријата Нови предлози со песната Il ballo delle incertezze, со која обезбедува учество на Фестивалот во Санремо идната година. Со истата песна ја освојува и наградата Лунеција за најдобар текст. Истиот ден го објавува и вториот студиски албум Peter Pan заземајќи го четвртото место на листата на Федерацијата на италијанската музичка индустрија (ФИМИ), а веќе следната година го достигнува приматот на ранг листата.

Во меѓувреме двата први концерти на кантавторот во Рим и Милано се распродадени. Ги продолжува соработките, овојпат со Серчо (Sercho) за песната Tenebre, со Мостро (Mostro) за акустичната верзија на песната E fumo ancora и со Фабрицио Моро L'eternità (il mio quartiere) На 4 мај истата година оди во Болоња, за да го промовира албумот и од таму започнува турнејата на Peter Pan Live Tour , што резултира со огромен успех. лево|мини| Ултимо на концертот од 20 јануари 2018 година во Театро Квиринета во Рим Во септември ја објавува песната Cascare nei tue occhi, а веќе во декември излегува Ti dedico il silenzio, чие видео ги прикажува сликите за време на концертите. На крајот од турнејата, во ноември 2018 година, ја најавува турнејата Colpa delle favole во главните италијански арени и La favola, концертен настан на Стадионот Олимпико во Рим. Сите карти се распродадени и со тоа Ултимо станува најмладиот италијански пејач што настапувал на такви локации. Во декември е прогласен за најслушаниот изведувач на годината на музичката платформа TIMMUSIC.

Враќањето на Фестивалот во Санремо и Colpa delle favole (2019) По победата во категоријата Нови предлози, во 2018 се враќа на Фестивалот. Со I tuoi particolari го освојува второто место и ја добива наградата TIMMUSIC за најслушана песна.

мини|Ултимо на концертот од 22 мај 2019 година во Палацо дело спорт во Рим На 5 април 2019 година, го објавува неговиот трет студиски албум Colpa delle favole. Албумот доживува вистински успех и е на првото место на ранг листите пет последователни недели.

Во јули ФИМИ соопштува дека Ултимо е првиот жив изведувач што истовремено има три студиски албуми во листата на десетте најпродавани албуми на годината, Colpa delle favole на првото место, Peter Pan на петто и Pianeti на деветто.

На 4 јули го држи неговиот прв концерт во Стадионот Олимпико во Рим, а поради огромната публика (околу 64 000 лица), станува вториот најгледан концерт за годината. Во таа прилика ја претставува песната Poesia per Roma, оддавајќи почит на родниот град.

Последователно, најавува турнеја за летото 2020 година, првично составена од 8 датуми. За кратко време голем дел од картите се веќе распродадени, а дел од приходите Ултимо донира на УНИЦЕФ за проекти во Мали. Во септември истата година, по првите распродадени датуми во Милано, Фиренца и Неапол, додадени се уште 6 нови датуми. Со удвојувањето на датумот за концерт во Стадионот Сан Паоло во Неапол, Ултимо станува првиот изведувач кој настапува на тоа место две последователни вечери.

На 18 октомври тој е назначен за Амбасадор на добрата волја (Ambasciatore di Buona Volontà) од страна на Италијанскиот комитет на УНИЦЕФ за неговата голема дарежливост и за страсна посветеност во одбрана на „последните“, најзагрозените момчиња и девојчиња од целиот свет. Во декември е еден од најслушаните изведувачи на годината на Spotify во Италија. Со околу 371 милион прегледи, е и најпопуларниот пејач на YouTube во 2019 година во Италија.

Соло (2019-2022) На 13 декември 2019 година ја објавува песната Tutto questo sei tu, за првпат е изведена во живо за време на финалето на тринаесеттото издание на Х Фактор и последователно дебитира на првото место на ранг листата за најпродавани песни на неделата на ФИМИ.

На почетокот на јануари 2020 година, ФИМИ соопштува дека Colpa delle favole е најпродаваниот албум за 2019 година, четвртото место го зазема Peter Pan, а Pianeti се класифицира на единаесеттата позиција. Во февруари, тој е првиот пејач - Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ кој заминува на мисија во Африка и воопшто првиот амбасадор во Мали.

Во септември 2020 година се повлекува од Хониро за да основа своја независна продуцентска куќа, Ултимо Рекордс. Првата песна произлезена од Ултимо Рекордс е насловена 22 settembre и соодветно објавена на тој датум. По два месеци ја објавува песната 7+3, посветена на неговата мајка. На 23 април 2021 година, ја претставува Buongiorno vita, премиерно изведена претходниот ден за време на Buongiorno vita - L'evento - концерт со пијано, од внатрешноста на Археолошкиот парк на Колосеумот. Настанот го собори рекордот на продадени билети во Италија за виртуелен концерт.

На 22 септември 2021, по една година од објавувањето на 22 settembre, со песната Niente го најавува неговиот четврти албум Solo. За краток период албумот доживува успех и го достигнува врвот на ранг листите. Песната Supereroi, од новиот албум, станува дел од музиката во истоимениот филм на Паоло Џеновезе. Видеото на песната е сочинето од фрагменти од филмот во кој земаат учество глумците Алесандро Борги и Јасмин Тринка.

На 25 март 2022 се објавува Solo - Home Piano Session, реиздание на Solo. Содржи седум песни, шест од нив се од албумот, препеани во акустична верзија, придружени само со пијано, седмата е насловена Equilibrio mentale исто така во пијано верзија. Сите песни се снимени во јули 2021 на езерото Комо.

На 6 мај 2022 година, излегува италијанската верзија на 2step, песна од британскиот кантавтор Ед Ширан во соработка со Ултимо.

Турнеи, учество на Фестивалот во Санремо и Alba (2022-сега) На 25 мај 2022 година, ја објавува Vieni nel mio cuore, напишана за време на концертните проби Ultimo Stadi 2022.

На 28 октомври 2022 година излегува Ti va di stare bene.

На 4 декември 2022 година, се најавува неговото учество на Фестивалот Санремо 2023 со песната Alba и завршува пласиран на четвртото место. Во февруари следната година го издава албумот Alba, кој ја содржи и истоимената песна.

Дискографија

Студиски албуми

2017 - Pianeti 2018 - Peter Pan 2019 - Colpa delle favole 2021 - Solo 2023 - Alba

Забелешка

Категорија:Родени на 27 јануари Категорија:Живи луѓе Категорија:Родени во 1996 година Категорија:Италијански пејачи