Горна Маала или Дере Маала (, Потамохори; до 1927 г. Δερέ Μαχαλέ, Дере Махале или Δερέ Μαχαλά, Дере Махала) — поранешно село во Валовишко, Егејска Македонија, на територијата на денешната општина Синтика на Серскиот Округ, Грција. Било населено со Јуруци.
Географија Селото се наоѓало на најисточните падини на Беласица, источно од денешната грчко-бугарска граница. Лежело по горното течение на реката Тополница.
Историја Во Отоманското Царство На крајот од XIX век селото било дел од селата Јуруклери во Петричката Каза, во кои влегувале и Средна Маала (Орта Маала) и Долна Маала (Ашаја Маала). Трите села понекогаш се сметале за едно, наречено Јурук Маало, на македонски наречено и Тополник.
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Тополник (Topolnik) било село со 76 домаќинства на 190 жители муслимани.
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) во 1900 г. Горна Махала било село во Петричката кааза со 140 жители, сите Турци. Истовремено во Демирхисарската Каза К’нчов посочува и село Топалник Дере со 420 жители Турци.
Во Грција По Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција. Таа година населението броело 428 жители, а во 1920 г. во него е попишано 481лице. Во 1924 г. по сила на Лозанскиот договор неговото население, како муслиманско, е иселено во Турција, а на негово место се доведени грчки колонисти.
Селото е евакуирано на 13 март 1941 г., малку пред германската инвазија, и населението е сместено во околните села, па дури и во други делови на Грција. Селото се распаднало во април истата година со повлекувањето на грчката војска и доаѓањето на бугарската окупација. По војната тоа не е обновено поради својата гранична местоположба. Отпишано е во 1951 г.
Наводи
Категорија:Историски села во Синтика