Академијата Чадор () — американска телевизиска серија, суперхеројска комична драма заснована врз истоимената стрип-серија напишана од Џерард Веј, илустрирана од Габриел Ба и објавена од Дарк Хорс Комикс. Серијата е создадена за Нетфликс од Стив Блекмен и развиен од Џереми Слејтер. Темата се врти околу дисфункционално семејство на посвоени суперхерои кои повторно се обединуваат за погребот на нивниот татко, како и заканата од непосредната апокалипса.

Во актерската екипа се Елиот Пејџ, Том Хопер, Дејвид Кастањеда, Еми Равер-Лампман, Роберт Шихан, Ајдан Галагер, Камерон Бритон, Мери Џеј Блајџ, Џон Магаро, Адам Годли, Колм Феоре, Џатрин Мин, Риту Арја, Јусуф Гејтвуд, Марин Ајрланд, Кејт ВОлш, Генесис Родригез и Бритни Олдфорд. Адаптацијата започнала да се развива како филм по избор на Universal Pictures во 2011 година. На крајот била откажана во корист на телевизиска серија во 2015 година, пред официјално да добие зелено светло од Нетфликс во јули 2017 година. Серијата се снимала во Торонто и Хамилтон, Онтарио.

Првата сезона била објавена на Нетфликс на 15 февруари 2019 година. Во април 2019 година, Нетфликс објавил дека 45 милиони домаќинства ја гледале првата сезона во текот на првиот месец на објавување, со што станала една од најстримуваните серии во годината. Втората и третата сезона последователно следеле на 31 јули 2020 година и 22 јуни 2022 година, соодветно. Во август 2022 година, серијата била обновена за четврта и последна сезона, која била објавена на 8 август 2024 година.

Првите три сезони добиле позитивни критики од критичарите, додека последната сезона била дочекана со помешан прием. Серијата добила голем број признанија, вклучувајќи и шест номинации за Еми.

Содржина Академијата „Чадор“ е сместена во универзум каде 43 жени ширум светот се породиле истовремено напладне на 1 октомври 1989 година, иако ниту една не покажала никаков знак на бременост до почетокот на породувањето. Седум од децата се посвоени од ексцентричниот милијардер Сер Реџиналд Харгривс и се претвораат во суперхеројски тим, наречен „Академијата чадор“. Харгривс им дава на децата броеви наместо имиња, но нивната мајка-робот, Грејс, подоцна именува шест од нив: Лутер, Диего, Алисон, Клаус, Бен и Вања. Реџиналд става шест од децата да работат во борба против криминалот, но ја држи Вања настрана од активностите на нејзините браќа и сестри, тврдејќи дека таа не покажува посебна моќ.

Првата сезона е сместена во денешно време, каде Лутер е делумно мајмун, и живее на Месечината четири години, Алисон е позната глумица, Вања е виолинист, Клаус има зависност од дрога, Фајв исчезнал шеснаесет години порано, Бен, сега починат, е дух кој може да разговара само со Клаус, а Диего станал одмаздник. Отуѓените браќа и сестри дознаваат дека Реџиналд умрел и се собираат на неговиот погреб. Фајв се враќа од иднината, открива дека глобалната апокалипса е неизбежна, но е бркан од оперативците на Комисијата кои патуваат низ времето, Хејзел и Ча-Ча. Повторно обединетите браќа и сестри се обидуваат да ги откријат тајните зад животот на Реџиналд Харгривс, а нивните нефункционални односи се напнати. Тие се здружуваат за да се обидат да ја спречат претстојната апокалипса.

Во втората сезона браќата и сестрите се расфрлани во Далас во различни периоди од раните 1960-ти години (како резултат на настаните од првата сезона), и сите си имаат свој живот. Фајв пристигнува таму на 25 ноември 1963 година, неколку минути пред јадрениот суден ден кој е поврзан со тоа што ЏФК не бил убиен, но со помош на Хејзел успева да отпатува десет дена назад. Фајв го ловат трио шведски убијци, но ги пронаоѓаат неговите браќа и сестри, кои сите имаат нови животи. Фајв се обидува повторно да ги обединит за да ја запрат оваа нова апокалипса.

Во третата сезона, браќата и сестрите сфаќаат дека нивните постапки во минатото создале нова временска рамка и враќањето во 2019 година е многу поинакво. Дома биле заменети со друга суперхеројска група од Харгривс, усвоена од Реџиналд, наречена „Академијата врабец“. Тие, исто така, треба да најдат начин да спречат да се уништи универзумот создаден како резултат на парадоксот на дедото што го предизвикале браќата и сестрите преку нивното патување низ времето. Тие успешно го ресетираат универзумот, додека во тој процес ги губат своите моќи, и си одат секој по својот пат.

Во последната сезона, браќата и сестрите повторно се поврзуваат со цел да го прекинат „Чистењето“. Тие, исто така, ги враќаат своите моќи во процесот, а некои имаат зголемени или сосема различни моќи. На крајот тие сфаќаат дека единствениот начин да се спаси временската линија е да се избришат себеси во тој процес. Тие се помируваат со ова и дозволуваат „Чистењето“ да ја ресетира временската линија во нормала, ефикасно бришејќи ја Академијата чадор од постоење. Прием

Гледаност на публиката На 16 април 2019 година, Нетфликс објавил дека серијата била гледана од над 45 милиони гледачи на нејзиниот сервис во првиот месец од објавувањето, при што луѓето гледале барем 70% проценти од една епизода од серијата. Со тоа, вила третата најпопуларна ТВ серија на Нетфликс во 2019 година. На 3 септември 2020 година, Нетфликс открил дека шоуто соборило бројни рекорди во гледаност, по дебито на втората сезона. Во текот на втората сезона, првата недела, серијата била најгледаната телевизиска серија на Нетфликс, со прегледани 3 милијарди минути од двете сезони на серијата. На 21 октомври 2020 година, Нетфликс ги објавил рејтинзите и открил дека втората сезона на серијата била гледана од над 43 милиони гледачи во првите 28 дена. Тоа ја направило серијата 6-то најгледано шоу таа година, заостанувајќи зад емисиите како Дамски гамбит и Рачед.

Критички одговор На агрегаторот на прегледи Rotten Tomatoes, 77% од 94 критики се позитивни за првата сезона, со просечна оценка од 7,2/10. Консензусот на критичарите на интернет-страницата гласи: „Академијата чадор“ разоткрива имагинативно предиво со тајни емоции и исклучително привлечен ансамбл, но лутиот сензибилитет на серијата често се судира со нејзините жанровски белези. Метакритик, кој користи пондериран просек, на сезоната ѝ доделил оценка 61 од 100 врз основа на 22 критичари, што укажува на „генерално поволни критики“.

Наводи

Категорија:Американски телевизиски серии