„Дворец на опачини“ е првата драмска трилогија во македонската литература за деца напишана од македонскиот писател Ристо Давчевски. Трилогијата е составена од следните делови: „Мустаќите на генералот Рококајко“- театарска комедија за деца, која досега е поставувана на сцена речиси во сите театри во Македонија и доживеала повеќе изведби. Драмата е комедија заснована на контрасти, во две дејства (Шеќерна војна и Женидбата на Рококајко). Давчевски со големо мајсторство на дијалошката форма на кажување успева да ги исцрта индивидуалните особини на ликовите. Стариот генерал Рококајко цели 33 години копнее по Линареза, ќерка на жестокиот диктатор. Единствената шанса да го освои нејзиното срце е да ги сочува своите џиновски мустаќи, меѓутоа тие паѓаат во рацете на непријателот. За да ги спаси тој се согласува да го замени своето срце кое е железно, исполнето со чад, барут и мирис на расипано јајце, со срце на славеј, па тој станува друга личности го поведува народот по патот на благосостојба и среќа. „Драмата е поетична игра на енергични, темпераментни сценски егзибиции“- изјавил авторот. „Опачко“- драмска приказна која се одвива хронолошки по неколку години од владеењето на генералот Рококајко. Тој својата земја ја претворил во плодна и питома оаза со богати овоштарници, од кои половина бананови, па добил ново име : цар Банан, а царицата Линареза ја нарекуваат Даринка. И сè тече убаво и нормално во царството Бананија, додека не се настрвиле вечните непријатели со својата алчност. Секој нов ден носи изненадувања, потреси и вознемиреност Се појавува и троглаво чудовиште во рудникот за ураниум, и тоа е причина и царицата да роди сијамски близнаци Капа и Врти, едниот е со човечки а другиот со чудовишни особини. „Видовитиот питач“- драма со еколошка тема што ја предвидува мрачната иднина на нашата планета со сите грозотии и трагични последици од еколошката катастрофа. По смртта на цар Банан и Даринка, народот ја губи својата морална поткрепа и сила. Со цел да ги освои богатствата на Бананија непријателот почнува подземна војна. Роб на Дрогата, Опачко запаѓа во апатија, и станува марионета на непријателот. Но со доаѓањето на Видовитиот Питач, состојбите во царството коренито се менуваат и се наѕираат подобри времиња за народот на Бананија.

„Дворец на опачини“ е персонификација на доброто и злото, на белото и црното. Авторот со својата продуховена фантазија ги открива потсвесните, задграничните сфери на човековата психа, ја жигосува човечката расипаност, ја воздигнува доблеста, убавината, правдата. Тој создава вистинска оаза на автономниот детски свет, и на читателот/гледачот му разоткрива многу нерасчистени работи во односите меѓу возрасните, но тоа го прави на еден луциден начин, внесувајќи иронија и шега истовремено.Дворец на опачини, Ристо Давчевски, 1995,Матица македонска, предговор Видое Подгорец,стр.5-19