„Мустаќите на генералот Рококајко“ е првиот дел од драмска трилогија „Дворец на опачини“ напишана од македонскиот писател Ристо Давчевски.
„Мустаќите на генералот Рококајко“ е театарска комедија за деца, која досега е поставувана на сцена речиси во сите театри во Македонија и доживеала повеќе изведби. Драмата е комедија заснована на контрасти, во две дејства (Шеќерна војна и Женидбата на Рококајко). Давчевски со големо мајсторство на дијалошката форма на кажување успева да ги исцрта индивидуалните особини на ликовите. Стариот генерал Рококајко долги 33 години копнее по Линареза, ќерка на жестокиот диктатор. Единствената шанса да го освои нејзиното срце е да ги сочува своите џиновски мустаќи, меѓутоа тие паѓаат во рацете на непријателот. За да ги спаси тој се согласува да го замени своето срце кое е железно, исполнето со чад, барут и мирис на расипано јајце, со срце на славеј, па тој станува друга личности го поведува народот по патот на благосостојба и среќа. „Драмата е поетична игра на енергични, темпераментни сценски егзибиции“- изјавил авторот.„ колку и да се жестоки судирите, настапувајќи во името на фер-плејот, протагонистите во очите на најмладите гледачи не оставаат модринки, црнила, потреси и вознемиреност. Напротив, се стремев кон тоа- текот на дејствието да претставува една отворена рампа, па веселите торпеда да распрскуваат цветни експлозии од непринудена смеа што го воздигнуваат детскиот дух. “
Ова дело со голем успех е поставувано и играно на сцените на Драмскиот театар во Скопје, Народниот театар во Куманово, Народниот театар „Антон Панов“ во Струмица, Народниот театар во Штип, пионерската сцена при Пионерскиот дом „29 Ноември“ во Куманово, а изведувана е и од голем број аматерски драмски групи. Големиот успех се должи на неверојатната привлечност на ликовите, едноставноста на дејството разиграниот и духовит дијалог исполнет со комичност и шегобијност.Мустаќите на генералот Рококајко, Ристо Давчевски,Скопје: македонска книга: Детска радост: Култура: Мисла: Наша книга 1987, Разговор за делото Александар Поповски