Јакуза (), познати и како гокудо (極道, што значи „екстремен пат“) — членови на транснационални организирани злосторнички здруженија што потекнуваат од Јапонија. Јапонската полиција и медиумите, по нивно барање, ги нарекуваат борјокудан (暴力団, „насилнички групи“), додека самите јакуза себеси се нарекуваат нинкјо дантаи (任侠団体, „витешки организации“).

Најблискиот македонски еквивалент за зборот јакуза би бил гангстер, односно лице вклучено во мафијашки или злосторнички клан со слична структура.

Јакузата се препознатливи по строгите кодекси на однесување, феудалната структура на нивните организации и необичните ритуали — најпознат меѓу нив е јубицуме, отсекување на малиот прст од левата рака како чин на каење. Членовите најчесто се мажи со цели тела покриени со тетоважи, облечени во традиционално фундоши (јапонски појас), со кимоно или, во поново време, во отмени западни костуми.

Во својата златна епоха, јакузата имале големо влијание врз јапонските медиуми и работеле и надвор од границите на Јапонија. Во 1963 г., бројот на членови и поврзани лица достигнал врв од 184.100.第4章 暴力団総合対策の推進. National Police Agency. 1999. Но со текот на времето, таа бројка остро опаднала поради променети пазарни услови и низа законски и општествени мерки што го отежнуваат нивното дејствување и ги одвраќаат младите од приклучување.

Во 1991 г., јакузата броеле 63.800 активни члена и 27.200 симпатизери, но до 2024 г., бројот се намалил на само 9.900 члена и 8.900 поврзани лица. Организацијата се соочува со стареење — младите сѐ поретко се приклучуваат, а просечната возраст на членовите на крајот од 2022 г. изнесувала 54,2 години. Само 5,4 % биле во своите 20-ти години, 12,9 % во 30-тите, 26,3 % во 40-тите, 30,8 % во 50-тите, 12,5 % во 60-тите и 11,6 % биле постари од 70 години — што значи дека повеќе од половина од јакузата е постара од 50 години.暴力団勢力、2万2400人 18年連続減少 組員、平均年齢上昇. The Asahi Shimbun. 27 март 2023.

И покрај сѐ, јакузата сѐ уште се занимава со низа злосторнички дејности, поради што голем дел од јапонската јавност ги смета за закана по безбедноста. Иако членството во јакузата не е строго забрането со закон, јапонската влада има донесено голем број закони што го ограничуваат нивното финансирање и ја зголемуваат одговорноста за злосторничките дејности.

Етимологија лево|мини|253x253px|Зборот „јакуза“ напишан на катакана Називот јакуза потекнува од традиционалната јапонска картачка игра Оичо-кабу, игра во која целта е да се извлечат три карти, чиј збир е 9. Ако збирот на картите го надмине бројот 10, тогаш се зема само втората цифра од збирот како резултат, а ако збирот е точно 10, резултатот е нула. Доколку трите извлечени карти се 8-9-3 (што на јапонски се изговара ја-ку-за), збирот е 20, а резултатот е нула — што ја прави најлошата можна комбинација што може да се извлече."Yakuza" definition. Kotobank (јапонски) На јапонски, зборот јакуза обично се пишува со катакана (ヤクザ).

Организација и дејности

Структура При самите корени на оформувањето на јакузата, тие го прифатиле традиционалниот јапонски хиерархиски поредок познат како ојабун-кобун — каде „кобун“ (буквално: посвоено дете) му се колне на верност на својот „ојабун“ (посвоен татко, водач). Со текот на времето, се развил и кодексот на џинги (仁義) — праведност и должност — каде што верноста, честа и почитта не биле само зборови, туку начин на живот.

Врската меѓу ојабун и кобун се цементира преку свечено пиење саке од иста чаша — ритуал што не е ексклузивен само за јакузата, туку го среќаваме и во венчавките шинто и побратимувањата. Со други зборови — со едно пиење, се врзуваат како семејство до гроб.

Структурата на јакузата не е едноставна — таа е како дрво со многу гранки. Секој кобун, со време, станува ојабун и создава своја подорганизација, а неговите кобуни пак стануваат нови ојабуни — и така до пет, шест нивоа, како што е случајот со Јамагучи-гумито, најмоќното семејство јакуза.

На чело стои кумичо (組長 — глава на семејството) или каичо (会長 — претседател). Неговиот „помал брат“ е шатеи (舎弟), додека неговото „посвоено дете“ се нарекува ваканакa (若中) или вакашу (若衆). Шатеи буквално значи „помал брат“, но сѐ зависи кому му е брат — некогаш тоа е високопоставен лик, а другпат, обичен член што се однесува за својот поблизок подреден.

Иако должностите малку разнообразуваат од клан до клан, тројцата најважни луѓе во секоја јакуза се:

Кумичо — татко и апсолутен водач Вакагашира (若頭) — десна рака, втор по ранг Шатеигашира (舎弟頭) — најстар од „помалите браќа“, командант на извршната моќ

Други важни должности се хонбучо (генерален менаџер), фуку-кумичо (заменик-водач) и џимукјокучо (секретар-генерал). Извршниот оддел (шикобу) е под контрола на вакагаширата, шатеигаширата и хонбучото. Шатеите, иако се „помали браќа“, често се постари и имаат почесни титули, но вистинската моќ ретко ја држат. мини|228x228пкс|Јакуза со тетоважа на змеј Во суштина, јакузата работи како едно семејство. Членовите ги сечат врските со своите вистински семејства и стануваат целосно верни на својот ојабун. Еден со друг се нарекуваат ојаџи (татко), оџики (вујко), кјодаи (браќа), а постар брат се вика аники (голем брат).暴力団ミニ講座 8)兄弟盃 松江地区建設業暴力追放対策協議会 Жените се реткост, но кога ги има, тоа се жените на шефовите — со почит наречени ане-сан (голема сестра). Така, кога третиот водач на Јамагучи-гумито, Казуо Таока, починал во 1980-тите, неговата сопруга Фумико ја презела челната должност — макар и за кратко.

За време на Втората светска војна, старите облици на јакуза како текија и бакуто почнале да изумираат — државата станала милитаризирана, а народот мобилизиран. Но јакузата, како и секогаш, се прилагодила. И кога војната завршила, повторно се издигнала од пепелта, посилна и поорганизирана од кога било.

Ритуали Јубицуме или отошимае — сечењето на сопствениот мал прст — претставува чин на покајание и извинување во светот на јакузата. Кога некој ќе згреши, првото што му се бара е да го отсече врвот на малиот прст на левата рака и да го предаде на својот водач — својот ојабун. Понекогаш, подреден водач ќе се саможртвува и ќе го направи тоа наместо некој член од неговата подгрупа, само за да го поштеди од понатамошна казна.

Овој ритуал со години почнал да избледува кај помладите членови, бидејќи е лесно препознатлив знак за полицијата.

Корените на овој обичај лежат во традиционалниот јапонски начин на држење меч катана. Долните три прста на раката се оние со кои цврсто се држи мечот, додека палецот и показалецот остануваат релативно лабави. Кога ќе се отстрани малиот прст, се нарушува рамнотежата и силата на држењето, а со тоа и способноста за борба.

Целта е јасна — оној што го изгубил прстот, станува ранлив и мора повеќе да се потпира на заедницата, со што се намалува индивидуалната сила и независност. Во поново време, некои членови на јакузата користат вештачки врвови на прстите, за да ја сокријат таа телесна „марка“.

Голем дел од јакузата поседуваат тетоважи по целото тело — вклучително и на интимните делови. Овие традиционални тетоважи, познати како „ирезуми“, и ден-денес често се изработуваат на старомоден начин — рачно, со посебни игли од бамбус или челик, без никаква електрична опрема. Постапката е исклучително болна, долготрајна и скапа — за некои може да потрае со години.

Кога членовите на јакузата играат Оичо-кабу – традиционална јапонска карташка игра — често ги соблекуваат кошулите или ги врзуваат околу половината. Тоа е еден од ретките мигови кога ги покажуваат своите тетоважи пред другите, со гордост и почит. Во јавноста, пак, секогаш се покриени — носат кошули со долги ракави и затворени јаки, токму за да не се откријат.

А кога нов член се приклучува во семејството, обичајот наложува да ги соблече и панталоните — како дел од свеченоста на прифаќање — за да ги покаже и тетоважите на долниот дел од телото.

Сфери на дејствување на јакузата Традиционалните сфери на интерес на јакузата се: проституцијата (вклучувајќи контрола над различни бордели, масажни салони, стриптиз-клубови и јавни бањи, како и увоз на жени за секс-индустријата), подземниот коцкарски бизнис (вклучувајќи бејзболски обложувалници и сумо-натпревари, коњски трки, автомобили и мотори), трговија со дрога (увоз и продажба на хероин, кокаин, амфетамини и марихуана), трговија со оружје и стреливо, рекет, лихварство и наплата на долгови, производство или распределба на фалсификувани производи (скапи часовници, парфеми, лекови, брендирана облека, дискови со филмови и игри), кражби на автомобили и шверц.

Јакузата има силно присуство и во трговијата со недвижности, градежниот и обезбедувачкиот сектор, индустријата за забава, спорт и секс-туризам, производство на изведувачи и порнографија (вклучително и детска порнографија и увоз на порнографски материјал од Европа и Америка). Тие контролираат бројни сали пачинко, ноќни клубови и ресторани, како и организација на фестивали. Попрефинетите гангстери се занимаваат со финансиски манипулации (особено на пазарот за потрошувачки кредити, осигурување на автомобили и здравствено осигурување), трговија со акции, берзански измами, ревизорски услуги и корпоративна уцена (на ова се специјализирани таканаречените сокаија), како и перење на „валкани пари“.

Во 1980-тите, трговијата со дрога ѝ носела на јапонската мафија 44 % од вкупната заработка, додека коцкарството околу 17 %.

Многу фирми што се соочиле со притисоци од јакузата биле принудени да се претплатат на нивни списанија и билтени, да купуваат канцелариски материјали, цвеќиња и растенија од фирми под мафијашка контрола, да купуваат билети за нивни концерти и емисии — честопати по цени далеку над пазарните.

Мал дел од јакузата сѐ уште се занимава со кражби, вооружени грабежи и изнуда со употреба или закана од насилство врз граѓани или мали бизниси. Но од 1980-тите, повеќето борјокудан (насилнички групи) преминуваат од рекетирање на трговци кон непосредно мешање во бизнисот и односите со клиентите — заканувајќи се со финансиска или морална штета (разоткривање компромитирачки информации, уништување углед, спречување печалба или враќање на позајмени пари, нарушување на бизнисот).

Во времето на финансискиот „меур“, многу групи оствариле печалба од сокривање на лоши долгови на фирми и банки, и блокирале истраги за финансиски злоупотреби.

За да ја легализираат својата дејност, повеќето групи јакуза воспоставиле или презеле контрола врз ресторани, кафулиња, барови, ноќни и стриптиз-клубови, дискотеки, бањи, градежни и поправни фирми, агенции за недвижности, пристанишни и превозни фирми, складишта, издавачки куќи и финансиски установи. До почетокот на 1980-тите, легалниот сектор под контрола на јакузата броел околу 27.000 компании.

Тие исто така управуваат со бројни саракини — лихвари што даваат кредити на поединци по огромна каматна стапка (околу 60 % годишно). Во првата половина од 1980-тите, во Јапонија имало над 40.000 фирми саракин.Макарова Н. Н. Бандформирования всех стран мира. — Минск: Литература, 1997. — 640 с. — ISBN 985-437-285-5.Макарова Н. Н. Бандформирования всех стран мира. — Минск: Литература, 1997. — 640 с. — ISBN 985-437-285-5. (руски)

Наводи

Надворешни врски

The Secret Lives of Yakuza WomenBBC Reel (видео) 101 East – Battling the YakuzaAl Jazeera (видео) FBI What We Investigate – Asian Transnational Organized Crime Groups Yakuza Portal site Blood Ties: Yakuza Daughter Lifts Lid on Hidden Hell of Gangsters' families Crime Library: Yakuza Japanese Mayor Shot Dead; CBS News, 17 април 2007 Yakuza: The Japanese Mafia Yakuza: Kind-Hearted Criminals or Monsters in Suits?

Категорија:Злосторнички организации Категорија:Организации во Јапонија