Војвода од Вестминстер — титула во перството на Обединетото Кралство. Ја создала кралицата Викторија во 1874 година и му ја доделила на Хју Гровенор, 3. маркиз од Вестминстер. Тоа е најновото војводство доделено на лице кое не е во роднинска врска со британското кралско семејство.

Вториот, третиот, четвртиот и петтиот војвода биле внуци на првиот. Сегашниот носител на титулата е Хју Гровенор, седми војвода, кој го наследил војводството на 9 август 2016 година по смртта на неговиот татко, Џералд. Сегашниот војвода е кум на принцот Џорџ Велшки.

Домовите на војводата од Вестминстер се во Итон хол, Чешир, и во Абистед хаус, Ланкашир. Градската куќа на семејството во Лондон била Гровенор хаус, Парк лејн, додека замокот Халкин бил изграден како спортско престојувалиште за семејството во раните 1800-ти. Традиционалното место за погребување на војводите е старата црква во непосредна близина на црквата „Света Марија“ во Еклстон.

Историја на семејството Гровенор Ричард Гровенор бил назначен за Баронет од Итон во јануари 1622 година. Сер Ричард Гровенор, 7. баронет, бил назначен за барон Гровенор во 1761 година, а во 1784 година станал и виконт Белгрејв (Белгрејв, Чешир) и ерл Гровенор под Џорџ III. Титулата маркиз од Вестминстер му била доделена на Роберт Гровенор, 2. ерл Гровенор, на крунисувањето на Вилијам IV во 1831 година.

Во 1677 година, сер Томас Гровенор склучил договор за брак со Мери Дејвис, која тогаш имала 12 години, а наследила 500 акри (200 хектари) мочурлива земја западно од границата на Лондон.

Споредни титули се: маркиз од Вестминстер (создадена 1831), ерл Гровенор (1784), виконт Белгрејв од Белгрејв во округот Честер (1784) и барон Гровенор од Итон во округот Честер (1761). Војводството и маркиштвото се во рамките на перството на Обединетото Кралство, останатите се во Перството на Велика Британија. Куртоазна титула на најстариот син и наследник на војводата е ерл Гровенор.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Врски за Wayback од предлошката „Семарх“ Категорија:Војводства