Jovibarba heuffelii, — повеќегодишно тревесто растение со месести листови во отворена розета, без столони, кое вегетативно се размножува со одвојување од розетата. Води потекло од Балканот и Карпатите во Европа. Одомаќинето е во Висконсин и веројатно во други делови од Северна Америка. Расте на карпести изданоци.

Опис и распространетост Jovibarba heuffelii има розета со пречник 5–7 (до 10) см. Цветното стебло е високо 10–20 см, со густи жлездести влакна по површината, поретко голо. Листовите се сиви или темнозелени, долгнавесто-обратно-јајцевидни, долги 25–60 мм и широки 10–15 мм, со жлездести влакна или голи; на врвот нагло се стеснуваат и завршуваат со силен трн, по работ имаат четинести жлездести влакна, распоредени или свртени надолу, кои кон средината преминуваат во обични жлездести влакна; стеблените листови се потесни, помали и кон врвот долго заострени, завршувајќи со трн. Цветовите се 6-члени, собрани во цимозни гранчиња, понекогаш густи и збиени; цветните дршки се куси, жлездесто-влакнести или голи. Ливчињата на чашката се елиптични, долги 6–7 мм, на врвот заострени, со густи жлездести влакна по површината, поретко голи. Венечните ливчиња се бледожолти, долгнавесто-обратно-јајцевидни, долги 10–12 мм, на врвот најчесто со две странични запчиња и средно трновидно продолжение; по површината имаат ретки жлездести влакна, а по средната жила и работ подолги жлездести влакна. Прашниците се покуси од венечните ливчиња и се кремови. Мешунчињата се голи на грбната страна, а на внатрешната страна по работ имаат четинести влакна. Столпчињата се долги околу 2 мм.

Растението е широко распространето низ целата територија на Македонија и се среќава по варовнички камењари на брдски и планински пасишта.

Секое растение цвета само еднаш, умирајќи откако ќе созреат плодовите. Некои ботаничари го третираат родот Jovibarba како дел од родот Чуваркуќа (род), но најчесто се класифицира во засебен род.

Варијабилност var. heuffelii — Листовите од обете страни имаат жлездести влакна. Претставува ретко растение во Македонија. Познато е само за Пелистер - помеѓу Марушица и Големо Езеро. var. patens (Griseb.) — Листовите од обете страни се голи. Расте по сите варовнички масиви. f. patens — Широко распространета форма. f. glabra (Beck & Szysz.) — Позната за Скопска Црна Гора (Групче), Шар Планина, Кожуф (Две Уши), Бистра — с. Лазарополе.

Галерија

Наводи

Категорија:Флора на Европа Категорија:Дебелци Категорија:Флора на Македонија