Марија Исидоровна Голдсмит (; , 11јануари 1933) — руско-француски биолог и анархистички политички теоретичар.
Таа била родена во Руската Империја, но била принудена на егзил уште на рана возраст поради радикалната политика на нејзините родители. Во Париз, нејзината мајка влијаела врз нејзиниот интерес за природните науки и политичката филозофија на анархизмот. Во 1890-тите години, таа се запишала да студира биологија на Универзитетот во Париз и се приклучила на протераните руски и еврејски анархистички движења во дијаспората. Додека студирала за докторат, таа била под менторство на еволуцискните теоретичари Ив Делаж и Петар Кропоткин, кои влијаеле врз нејзиното разбирање на дарвинистичката еволуција, ламаркизмот и взаемната помош. На почетокот на Руската револуција од 1905 година, таа и Георги Гогелија ја основале групата „Леб и слобода“, и станале двајца од првите руски поборници на анархосиндикализмот.
Во текот на 1910-тите години, Голдсмит објавила серија книги за еволутивната биологија, напишани заедно со Делаж. Заедно тие ги истражувале различните теории за еволуцијата и ја истакнувале соработката како повлијателен фактор од конкуренцијата, спротивно на социјалниот дарвинизам и теоријата за „преживување на најсилните“. Тие, исто така, ја бранеле теоријата за симбиогенеза и истражиле неколку случаи на симбиоза во природата. До 1915 година, Голдсмит го завршила својот докторат и почнала да ги истражува партеногенезата, тропизмот, компаративната психологија и еволуциската психологија. Нејзиниот фокус бил главно на морската биологија и однесувањето на рибите. По избувнувањето на Првата светска војна, таа застанала на страната на Манифестот на Шеснаесетте во интернационалистичко-дефанзивниот раскол и изразила поддршка за Руската револуција од 1917 година сè до задушувањето на Кронштатскиот бунт.
По смртта на Делаж и Кропоткин во раните 1920-ти години, Голдсмит се изолирала од научната заедница и имала потешкотии при наоѓање стабилна работа. Нејзините тешкотии биле влошени од нејзиниот статус на имигрантка, жена и истакната радикална активистка. Кон крајот на 1920-тите, таа се вклучила во дебатите на анархистичкото движење околу Платформата, која ја критикувала поради авторитарни тенденции. По смртта на нејзината мајка во јануари 1933 година, таа извршила самоубиство. Нејзината работа останала влијателна во нејзината научна област, како и во анархистичкото движење, во 21 век.
Ран живот и активизам Марија Исидоровна Голдсмит била родена на 19 јули [7 јули] 1871 година, во руската престолнина Санкт Петербург. Нејзиниот татко бил Исидор Албертович, адвокат и издавач на позитивистичко списание; потекнувал од семејство на еврејски преобратеници во лутеранство. Нејзината мајка била Софија Иванова, лекарка и ботаничарка; потекнувала од руско благородничко семејство. Родителите на Голдсмит се грижеле таа да.добие добро образование уште од рана возраст.
Двајцата родители на Голдсмит биле вклучени во радикална политика, како следбеници на социјалистот Петар Лавров и пријатели на семејството на Бакунин. Тие биле принудени на внатрешен егзил на рускиот север поради нивниот политички активизам и морале целосно да избегаат од Руската империја во јуни 1884 година. Кога сè уште била дете, родителите на Голдсмит ја однеле во егзил во Франција и се населиле во Париз. Таму, Исидор бил уапсена, затворен и набрзо починал од хронична болест. Бидејќи нејзината мајка била хронично болна, Голдсмит била принудена да работи уште на млада возраст за да се издржува себеси и својата мајка. Таа продолжила да живее со својата мајка и да се грижи за неа дури и во зрелоста. Преку влијанието на нејзината мајка, Голдсмит се заинтересирала за природните науки и радикалната политика.
Нејзините искуства ја направиле недоверлива кон државата, и во текот на 1890-тите, таа гравитирала кон анархизмот откако присуствувала на предавањата на Саул Јановски и Петар Кропоткин. Таа го претворила својот дом на улицата Мари-Роуз во место за состаноци на протерани руски анархисти, обезбедувајќи силно анархистичко присуство во рамките на руското емигрантско движење во Париз. Голдсмит, исто така, започнала доживотна преписка со анархистичката активистка Ема Голдман. Таа, исто така, воспоставила контакт со анархистички членови на еврејската дијаспора во Париз; иако самата не била следбеник на јудаизмот и никогаш не учела јидиш, таа сепак се идентификувала со еврејските корени на својот татко. Таа ретко ги пропуштала настаните на еврејското анархистичко движење, и токму во ова опкружување ја започнала својата кариера на анархистички активизам и ја развила својата сопствена анархистичка политичка теорија.
Кариера Образование и рана научна кариера
По полнолетството, Голдсмит се запишала на Универзитетот во Париз за да студира биологија. Во 1892 година, таа се приклучила на Интернационалистичките револуционерни социјалистички студенти (ESRI), во рамките на кои пишувала памфлети за анархистичкиот феминизам и антиционизмот. Таа, исто така, се приклучила на Bourse du Travail во Иси-ле-Мулино, кој го претставувала на Меѓународниот конгрес на социјалистичките работници и синдикати во Лондон; таму била дел од антипарламентарната фракција. По дипломирањето со лиценца во 1894 година, таа започнала да работи како член на персоналот во лабораторијата за физиологија на Универзитетот, додека студирала за докторат кај еволутивниот биолог Ив Делаж. Голдсмит и Делаж станале блиски соработници и истражувачки партнери. Делаж ја назначил Голдсмит за генерален секретар на научното списание L'année biologique, кое таа го водела од 1902 до 1924 година.
Голдсмит исто така станала близок пријател на биологот Петар Кропоткин, и постојано се допишувала со него за научни и политички прашања од 1897 до 1917 година. Бидејќи на Кропоткин му било забрането да влезе во Франција, тие не можеле да се сретнат лице в лице. Како и Делаж и Кропоткин, Голдсмит станала цврст поборник на Дарвиновата теорија за еволуцијата и Ламарковата теорија за наследноста. Кропоткин ѝ го доверил на Голдсмит завршувањето и преводот на неговата книга „Заемна помош: фактор на еволуција“, во случај да почине, бидејќи верувал дека Голдсмит е единствената личност која ги споделува неговите научни знаења и поглед на светот.
Револуција од 1905 година До 1903 година, револуционерните чувства се зголемувале во Русија и меѓу руската емигрантска заедница; Голдсмит предвидела дека револуцијата во Русија е неизбежна. Заедно со грузискиот анархист Георги Гогелија, Голдсмит ја основала анархистичко-комунистичката група „Леб и слобода“, која издавала месечно списание од Женева и го шверцувала во Русија. Голдсмит пишувала за списанието под псевдонимот „Марија Корн“. Преку списанието, Голдсмит и Гогелија станале двајца од првите поборници на синдикализмот во руското анархистичко движење. Тие ги возвишувале саботажите и генералниот штрајк како моќни алатки со кои работничката класа можела да се наметне, во време кога таквите термини сè уште биле туѓи на рускиот јазик.
Самата Голдсмит го поддржала примерот на Француската општа конфедерација на трудот (CGT) како модел што руските анархисти треба да го следат. Голдсмит се залагала за анархосиндикализам, тврдејќи дека револуционерните синдикалистички практики биле компатибилни само со етиката и филозофијата на анархизмот. Теоријата брзо се проширила, со генерален штрајк што избувнал во Баку уште во јули 1903 година. Следната година, украинските фабрички работници во Чернигов почнале да бараат начин да основаат револуционерна работничка организација, по истите насоки како што предложиле Голдсмит и Гогелија. По избувнувањето на Руската револуција од 1905 година, генерален штрајк се проширил низ целата земја кон крајот на октомври. Настаните ги поттикнале многу од соработниците на списанието да се вратат во Русија, а тоа престанало да се издава во ноември 1905 година. Според Голдсмит, списанието никогаш не успеало да постигне широк тираж во Русија поради технички и организациски ограничувања.
Голдсмит и Гогелија биле пооптимистични во врска со синдикализмот од нивниот ментор Кропоткин, кој одржувал само квалификувана поддршка за синдикатите. Кропоткин бил скептичен во врска со авангардните тенденции на синдикализмот и предупредувал против марксистичкото влијание во рамките на синдикатите. Голдсмит тврдела дека Кропоткин бил прилично ригиден по прашањата за тактиката и изразил непријателство кон идејата дека „целта ги оправдува средствата“. Бидејќи експропријациите сè повеќе воделе кон политичка репресија, таа забележала дека повеќето од нејзините застапници се согласуваат со противењето на Кропоткин кон неа. Голдсмит била и критична кон марксистичките и сорелските форми на синдикализам, кои во голема мера ги застапувале интелектуалци кои не биле поврзани со работничкото движење; таа верувала дека синдикализмот е инхерентно анархистичка традиција.
По задушувањето на Револуцијата од 1905 година, Голдсмит и нејзината група веднаш почнале да се подготвуваат за следната. Таа ја основала Париската група на руски анархисти-комунисти, која пораснала на 50 членови и се состанувала во нејзиниот дом. Во 1906 година, групата почнала да го објавува списанието Буревестник, за кое Голдсмит пишувала. Тие организирале редовни собири за да ги одбележат годишнините од Париската комуна и Хејмаркетската афера, како и на денот на раѓањето на Михаил Бакунин, при кој Голдсмит и Гогелија одржале говори. Двајцата пишувале и за руско-американскиот синдикалистички весник „Голос Труда“. Голдсмит и Кропоткин разговарале и за создавањето на нов анархистички весник, специјално наменет за руското селанство. По краткотрајниот обид за оживување на групата „Леб и слобода“, Кропоткин почнал да пишува за рускиот анархокомунистички весник „Рабочи Мир“, иако според Голдсмит, тој не презел поголема улога во тоа бидејќи не им верувал на големите организации. Во 1906 година, таа присуствувала на конференција на руски анархистички егзиланти во Лондон, каде што напишала извештаи за анархистичката економија, организација и тактики. Во еден од извештаите, таа се залагала за комунистички анархизам и контрола на средствата за производство од страна на работниците, наведувајќи го своето верување дека правдата и солидарноста во нивната „најпотполна форма“ се неопходни за етичкиот развој на сите луѓе и создавањето на слободно општество.
Научни трудови